Гледање на мракот

15.11.2011 13:38
Гледање на мракот

Обиди се повторно. Згреши повторно подобро одново. Или подобро полошо. Згреши полошо одново. Уште полошо повторно. Додека не се разболиш засекогаш. Ќе повраќаш засекогаш. (...) Засекогаш сè. Сè од старината. Ништо веќе никогаш. Но никогаш така згрешил. Уште полошо згрешил. Внимателно никогаш полошо згрешил.

Семјуел Бекет, фрагмент од граматичкиот хаос на педесетина страници под наслов: „Напред во најлошото!“ (Worstward Ho)

Ако Бекет делува прелудо или пренејасно, еве еден графит што уште позбиено ја објаснува груевистичката стварност на Македонија: „Кој тука не полуди тој не е нормален“.

Значи, после пет години безмилосно и непрекинато (24/7) миење мозоци, дојдовме до тоа дереџе груевизмот да го прогласиме за основна мерка на стварноста. „Чесен е човекот, знае со народот, и многу работи.“ „Важно да се гради, педесет години ништо не се градеше.“ „Ги градиме идентитетот, нацијата и државата.“ „Критичарите на груевизмот се против Македонија, а за Грција.“ „Опозицијата е надмината работа, застарена артилерија, а груевистите се модерни, саде беспилотни летала.“ Итн. На Големиот-Малиот пастир (Златниот-Црниот) од дланка почнаа да му зобаат дури и довчерашните критичари. На пример, уредничката на „Утрински весник“ (весник против кој пастирот грмеше од говорниците, навестувајќи му ја судбината на А1 ТВ), пред неколку дена дена заклучи, во сосема преродбенички стил, дека граѓанските здруженија, наместо да си ја тераат својата аполитична работа, го злоупотребуваат случајот на убиството на Мартин Нешковски „за свои политички цели“! Подобро не би срочил дури ни Центарот за дезинформации, контаминации, кодошење и клеветење! АЛФА ТВ исто така нагло ја откри убавината на чудесновишниот проект СК 014, та своите џинглови ги обвитка во преродбенички стил, баш како што налага нормализирачкиот ревизионистички вкус.

Дојде време, значи, еталон за реалноста да стане лудачката популистичка стратегија на еден режим кој политиката ја разбира исклучиво како пропаганда, закана и одмазда. Груевизмот и преродбата, борејќи се со натчовечки напори, ни овозможија еден сосема специфичен тип национална слобода во која сè е дозволено освен неумерено да се зборува против груевизмот и преродбата, т.е. против самата нација поистоветена со груевизмот и преродбата. Сопствениот страв груевистите широко го распространија и на сите ни го набија во коски. (Растко Мочник велеше дека идентитетот токму наликува на стравот: во средината е шуплив а по рабовите го нема. Сопствениот недостиг, значи, од идентитет, култура и политички компас – груевистите го прогласија за национална норма.)

Земјата не функционира. На потребите на тесен круг луѓе од режимот сведени се стопанството, медиумите, полицијата, судството... На пример, неспоредливо поголеми шанси за фер судски процес имавме во „тоталитарниот“ социјализам отколку во „демократскиот“ груевизам. Целокупната опозиција, заедно со дел од граѓанскиот сектор, од режимот се третира како непријателска и против неа се користат „посебни истражни мерки“. Да, функционираат дисциплината и стравот, до одредена (главно непродуктивна) мера, но не постои демократски политички систем заснован на непристрасност и еднакви шанси. Она што се чини дека функционира – е само стравот; нема знаење, стратегии, цели. Министрите и директорите главно се неискусни и недоветни позери поставени, според партискиот принцип на негативна селекција, исклучиво како послушници и манекени. Да има најлошиот министер меѓу нив, премиерот, лажен еталон, т.е. сцена каде што непречено ќе ги лажира политичките особини што ги нема: искуството, мудроста, авторитетот. Само во такво безлично опкружување, само со таков несолиден човечки материјал, премиерот може да инсценира јавни петнаесетчасовни владини седници на кои се случува – ништо. Лага и симулација. „Обиди се повторно. Згреши повторно подобро одново. Или подобро полошо. Згреши полошо одново. Уште полошо повторно.“ И така, година по година.

Како човек да се однесува во ова лудило, во масовното правење слеп при очи?! (Ах, се случи само ситен превид, очите не ги земавме предвид!) Ирвинг Волфарт тврдеше дека како што е важно да ги разликуваме различните нијанси на црното за да можеме да гледаме во мракот, исто толку е неопходно и да се занемарат тие разлики за да можеме да го видиме самиот мрак. „Да бидеш слеп на едно око, да не трепкаш со другото: зарем тоа не е она што е потребно за ’она што се случило’ (Целан) да се доведе во некој вид фокус?“

Се обидувам, значи, да го видам самиот мрак. Мрачњак?! Предавник?! Соросоид?! Комунист?! Тој сум! Еве и една историска анегдота, која уште подобро ќе објасни кој сум: Хосе Бергамин, шпанскиот писател според чијашто недовршена драма Буњуел го сними славниот филм „Ангелот на уништувањето“, во 1936 година се борел во Шпанската граѓанска војна. Во еден момент републиканската влада го испратила во САД за да бара поддршка. Но на границата го сопрела полиција, која по долги испитувања го обвинила дека е комунист. По десет часови испитување и откако полицајците инсистирале на негово задржување, тој конечно им рекол: „Слушајте, јас не сум, ниту кога било ќе бидам комунист, но она што вие го сметате за комунист, тоа сигурно сум“.

Слики: Matt Duffin

U tunelu usred mraka,sija

U tunelu usred mraka,sija zvezda petokraka.

Одлична колумна. Ако имаш

Одлична колумна. Ако имаш помеѓу 30-40 години во Македонија тогаш можеш со сигурност да заклучиш дека „младоста ни пројде во транзиција“! Јас имам 31 година и сметам дека генерацијата на моите родители (од Б.Ц. до Грујо) потфрлија во своето работење и не покажаа никакво визионерско лидерство. 20 години не можат Македонија да ја внесат ни во ЕУ ни во НАТО. ОК, ќе речат тука е проблемот со Грција, ама барем можеше да се подобри состојбата со невработеноста, образованието, здравството... За тажната состојба со овие сектори сигурно не е виновна Грција.

"АЛФА ТВ исто така нагло ја

"АЛФА ТВ исто така нагло ја откри убавината на чудесновишниот проект СК 014, та своите џинглови ги обвитка во преродбенички стил, баш како што налага нормализирачкиот ревизионистички вкус."

Пред фактите и боговите молчат, на мостовите и пред спомениците дури и членовите на сдсм се сликаат. Мостовите и стадионот од џингловите на Алфа дури и на БЦ му се допаѓаат.(и автобусите+) ЛОЛ
Јебига Геле.. ама не очајувај, и тебе ќе те бендисаат, само нека се смени власта, да добиеш некој ангажман или хонорар од министерство за култура..оодма ќе ти светнат очите, а со тоа и сонцето над Македонија.
Чао (:

Стјадине, не заборавај дека

Стјадине, не заборавај дека сликањето пед спомениците, фонтаните и другите грдосии може да биде иронизирање!

Ма немој ми речи, ма Чаооо

Ма немој ми речи, ма Чаооо :))

Јас сакам пиљарот на општина

Јас сакам пиљарот на општина центар да угради плински греачи на фонтаната „фрчко на коњ“ за да можам на тоа копјата на војниците да вртам суфлаки.

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото