Интернетот - кандидат за Нобелова награда за мир

20.01.2010 16:01
internet.jpg

Рикардо Луна, директор на италијанското издание на познатото американско списание Wired, предложи интернетот да се кандидира за Нобелова награда за мир со образложение дека „Интернетот е роден заради мирот“.

„Тој е отворен, демократски, интерактивен. Мрежата денес е најголемата платформа за комуникација на човештвото“, додаде тој. Предлогот ќе биде изнесен пред Нобеловиот комитет веќе на 1-ви февруари во Осло.

Потсетувајќи на она што се случи на неодамнешните избори во Иран и улогата на „мрежата“ во ширењето и „ослободувањето“ на „заробените“ во цензурата, Луна исто така смета дека интернетот може да стане оружје на глобалната надеж за благовремено и вистинито информирање.

Адвокатката и писателка Ширин Ебади од Иран (добитничка на Нобелова награда за мир во 2003 г.), иако го потпиша манифестот за кандидатура на интернет за престижната награда, сепак нагласува дека интернетот може да биде употребен и во цел на воената пропаганда и терористичките напади, како што тоа веќе го прават Талибанците и другите терористички групи во намерата да привлечат поддржувачи. Таа напоменува дека не смее да се игнорира фактот што интернетот понекогаш се користи и како оружје да се прошири информацијата за тоа како се прават мали бомби.

„Ако тој се користи за воспоставување на мирот, тогаш ќе креира пријателство, но доколку се користи на начин да подучува како се прават мали бомби, тогаш тој може да биде средство за комуникација на луѓето кои бараат војна“, вели Ебади.

Николас Негропонте, угледен професор и признат компјутерски стручњак, не се согласува со нобеловката. Иако тој признава дека мрежата е опасна, додава: „Точно е дека мрежата е конфузна, хаотична, и дека постојат многу нешта кои не сакаме да ги прочитаме или слушнеме, но тоа е богатство, а не недостаток. Интернетот е инструмент, како мобилните телефони кои терористите и бандите ги користат многу полесно. Меѓутоа, никој не вели дека мобилните се опасни и дека извршените разговори треба да бидат ограничени на некој начин“, вели Негропонте.

Според него, ако веќе зборуваме за негативните аспекти на мрежата, најдобро е воопшто да не ја поседуваме. „Тоа е исто како кога се зборува за мрачната страна на издаваштвото, а истовремено се објавуваат книги и весници со страшни содржини. Или, ако треба да се откажеме од електронските пораки само затоа што ни стигнуваат несакани пораки“, констатира професорот, нагласувајќи дека „признанието за мир е многу посоодветно за интернетот отколку за Обама“.

Блиската иднина ќе покаже дали наведената аргументација ќе биде доволна да го убеди одборот во Осло. Доколку комитетот го усвои овој предлог, истиот несомнено ќе доведе до значаен преседан во историјата на оваа институција.

ОкоБоли главаВицФото