Правните поуки на госпоѓа Розалија

27.10.2014 01:33
Правните поуки на госпоѓа Розалија

Која е Розалија Кочковска? Таа е претседателка на Вишиот управен суд, на кој му требаше повеќе од една година без јавна расправа да ја отфрли мојата жалба на пресудата на Управниот суд со која тој суд ја отфрли мојата тужба против одлуката на Комисијата на „големиот лустратор“ Аџиев, која, наместо да ги утврдува, ги премолчува и ги прикрива фактите.

Пресудата и образложението на пресудата потпишана од Розалија Кочковска ќе ги коментирам детално кога ќе ги добијам преку мојот адвокат, а сега ќе предупредам на стапицата скриена во изјавата на Розалија Кочковска дадена на 23 октомври 2014 година. Имено, медиумите известија дека „сепак таа (Р.К., м.з.) предупредила дека лустрираните имаат уште правни лекови што можат да ги искористат. Тие можат да побараат да се повтори постапката пред Управниот или Вишиот управен суд, а ако и така не успеат, можат да поднесат барање за заштита на законитоста, за кое одлучува Врховниот суд“.

Кого сака да утеши или да прелаже Розалија Кочковска? Лустрираните или себеси? Правните лекови што им ги нуди на лустрираните се данајски дарови. Таа „добронамерно“ ги упатува да талкаат уште две-три години по лавиринтите на неправдата што ја кројат домашните судови за кои и надвор од Македонија се знае дека ги исполнуваат налозите на режимот на Груевски-Ахмети. Талкајќи по тие лавиринти, лустрираните можат само да го пропуштат рокот од шест месеци во кој треба да се обратат до Европскиот суд за човекови права во Стразбур. А со малку црн хумор може да се претпостави и дека некои од нив, со „правните лекови“ на госпоѓа Розалија в рака, побрзо ќе стигнат на Бутел отколку до правдата.

Има седум услови за повторување на постапка по пресуда на Вишиот управен суд. Само еден е сигурен: повторување на постапката по одлука на Европскиот суд за човекови права! Но, и во случај лустрираниот да исполнува еден од седумте услови за повторување на постапка, нема гаранција ниту законски рок кога ќе заврши постапката. Зашто судот кој решава за повторување на постапката е судот на госпоѓа Розалија, познат по брзината.

А ако пресудата биде негативна, подучува госпоѓа Розалија, лустрираниот може да поднесе барање до Јавниот обвинител, исто така познат по брзината, за заштита на законитоста. Но, нема рок во кој Јавниот обвинител треба да го поднесе барањето за заштита на законитоста за кое одлучува Врховниот суд. Колку што знам, самиот Врховниот суд има став дека заштитата на законитоста е неефикасен лек.

Зошто мислам дека Вишиот управен суд ќе постапува со брзина на желка дури и при евентуалното повторување на постапката? Зашто ни Управниот суд ни Вишиот управен суд не го испочитуваа членот 32 од Законот за определување услов за ограничување за вршење на јавна функција кој утврдил: Надлежниот суд во рок од пет дена покренува постапка која е итна во која одлучува по барањето за утврдување на несоработка со органите на државната безбедност. Во мојот случај, на Управниот суд и на Вишиот управен суд итните постапки им траеја по повеќе од една година!

Зошто мислам дека и Управниот суд и Вишиот управен суд ѝ помагаат на Комисијата на „големиот лустратор“ Аџиев да премолчува и да прикрива факти? Зашто ни едниот ни другиот суд не го прифатија моето барање за јавна расправа, иако членот 32 од Законот за управни спорови вели дека судот ќе одржи јавна расправа поради утврдување на фактичката состојба и/или ако изведува докази. Зашто само зад затворени врати двата суда можеле да се прават слепи за двата службени документи на МВР-СДБ кои ги има во досието 25630 и во кои црно на бело стои дека не сум бил соработник.

Но, за тоа поподробно и со приложени скенирани документи, откако ќе го имам „задоволството“ да ја прочитам пресудата и образложението на госпоѓа Розалија. Во мојот случај, судски поткрепените клевети на фрустрираните „лустратори“ не се доволно силен фластер за замолчување.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото