Јасмин револуција

26.01.2011 12:17
tunisia-riots.jpg

Пред три години, за време на посетата на Тунис, мислев дека е мошне лесно да се забележи кој е главниот проблем во оваа земја. Официјално, државата беше посветена на модернизмот, на секуларизмот и на развојот – нешто што, во дамнешни времиња, се нарекуваше „свртеност кон западот“ – но, истовремено, немаше доволно доверба во своите граѓани како возрасни луѓе. Тунис имаше само два претседатели од кога стана република во 1957 година, откако во 1956 година избори независност од Франција. Вториот претседател на власт дојде со пуч. Пишував за тоа дека, наспроти фактот што никогаш не го запознав претседателот Зин л-Абидун Бен Али, би можел да полагам испит за неговиот надворешен изглед, ако се земе предвид дека неговото лице се гледаше на секој агол. На претседателските избори добиваше повеќе од 90% од гласовите, што ретко може да се смета за добар знак. Во интернет кафулињата можевте да сретнете полицајци, што претставува уште еден загрижувачки симптом. Формалното оправдување за ваквите постапки беше тоа дека специјалните мерки мора да се преземаат заради исламските терористи. Меѓутоа, оние кои ја прифатија оваа заводлива фраза, заборавија што Сол Белоу напиша на почетокот од романот „Авантурата на Оги Марч“: „Секој знае дека во ограничувањето не постојат финеси и прецизност, ако една работа ограничиш, ја ограничуваш и таа до неа“.

Сепак, за Тунис не можеше да се каже дека има голема и расипничка воена сила, или неумерен диктатор кој секоја зграда ја нарекува според своето име. Во споредба со првите соседи, Либија и Алжир, Тунис мошне успешно ги избегнуваше екстремите на личниот мегаломански деспотизам а ла Муамер Гадафи и вистинската граѓанска војна (која во Алжир во неодамнешното минато однесе повеќе од 150.000 животи). Политичката атмосфера во земјата повеќе можеше да се опише како конформистичка отколку како застрашувачка. Можеби една од причините зошто туниските демонстранти успеаја да се мобилизираат толку брзо и со толкав директен ефект – одвојување на военото раководство од полицијата за само неколку денови – беше едноставно фактот што знаеја дека можат да го направат тоа. Веројатноста дека ќе дојде до сериозна репресија и крвопролевањето на кои беа изложени, на пример, демонстрантите против иранскитре верски водачи, беше минимална. Заради ова, за жал, веројатно е прерано да се каже дека настаните во Тунис се предвесници на народните движења во другите земји во регионот. (Сепак, неурамнотежениот одговор на Гадафи на бунтот, тропањето глупости за перспективата на „болшевичката или американската револуција“, дејствуваше навистина охрабрувачки. Барем знаеме дека се вознемири...)

Се сеќавам дека Едвард Саид ми зборуваше за тоа како би уживал во посетата на Тунис: „Кристофер, би требало да отидеш таму. Тоа е најпитомата земја во Африка. Дури и исламистите се многу цивилизирани.“ И навистина, во Тунис постоеше douceur de vie кој само делумно можеше да ве измами, а кој се сретнуваше на улиците и плоштадите на медитеранските гратчиња и села со видливо француско влијание, како и во величествениот град Керуан, историски центар на исламот, локалитетите од времето на Картагина и Римското царство во самиот град Тунии и Џем од кои здивот ви запира, како и во историски еврејскиот остров Џерба блиску до југоисточниот брег. Кога древната синагога Ел Гриб беше погодена со камион-бомба на Ал Каеда во април 2002 година, државата побрза да искаже солидарност и да помогне во нејзината реконструкција, а тунискиот парламент се разликуваше од сите други во регионот зашто имаше сенатор кој е Евреин. Младите парови облечени во фармерки се шетаа низ булеварите слободно држејќи се за раце, и ретко можев да видам жена со шамија, никабот и бурката да не ги споменувам.

Минатата недела прочитав интересно интервју со една млада демонстрантка, која себе и своите пријатели ги опишува како „деца на Хабиб Бургиба“. Првиот претседател на земјата, и упорен водач на нејзиното движење за независност, Хабиб Бургиба, беше под силни влијание на идеите на француското просветителство. Тој придонесе во свеста на голем број луѓе да се цементира идејата за секуларизмот како составен дел од самоуправувањето. Тој јавно го прекина рамаданскиот пост, изјавувајќи дека толку долг религиозен празник им штети на тежнеењата на модерната економија. Со презир зборуваше за прекривањето на лицето и лично се ангажираше за донесување низа закони со кои се зацврстија женските права. За време на војната во 1967 година, Бургиба зазеде цврст став, спречувајќи ја одмаздата кон еврејската заедница во земјата, и со тоа ги избегна срамните сцени кои се случуваа во другите арапски престолнини. Многу пред другите арапски режими, Тунис покажа активно интересирање за сериозниот мировен договор со Израел. Исто така му понуди гостопримство на Палестинското ослободително движење кога беше исфрлено од Бејрут 1982 година.

Не би требало премногу да се идеализира Бургиба – со текот на времето тој стана она што понекогаш се нарекува „непредвидлив“, и во еден миг непромислено предложи „унија“ на Тунис и Либија. Па сепак, помогна да се осигури секуларизмот во Тунис и еманципацијата на жените да биде нешто што Тунис го презеде заради себе, а не за да ги задоволи донаторите од запад. Во следните неколку недели ќе биде многу интересно да се набљудува како овие достигнувања ќе се одржат откако невкусот на перонистичкиот режим на Бен Али потенцијално ги дискредитираше.

За време на својот престој, го посетив тунискиот универзитет, кој се наоѓа пред „Зитунот“ (маслиновото дрво) на џамијата, за да разговарам со професорката по теологија Монгиа Суахи. Таа е автор на низа дела кои објаснуваат зошто превезот нема свое упориште во Куранот. Еден од одговорите дојде од избегнатиот туниски исламист Рашид ел-Ганучи, кој професорката ја нарече куфар – неверничка. Ова е, како што сите знаеме, само вовед во тоа таа да се осуди на смрт како отпадник. Малку ме вознемири кога прочитав дека Ганучи и неговата организација, Хизб ал-Нехда, во Њујорк Тајмс се опишуваат како „прогресивни“ и дознав дека е на пат од својата куќа во Лондон. Дотогаш протестите беа забележително ослободени од теократските примеси, меѓутоа, кога разговарав со Едвард Саид, името „Ал Каеда во исламскиот Магреб“ сè уште не беше познато, а злоделата како што е нападот на Џерба беа далечна иднина Ни останува да се надеваме дека туниската револуција ќе успее да го надмина и унапреди наследството што Бургиба го остави, а нема да го поништи.

Извор: Slate

Слични содржини

Активизам / Свет
Активизам / Европа / Свет
Активизам / Европа / Свет
Активизам / Свет
Активизам / Европа

ОкоБоли главаВицФото