Црвените харинги во македонскиот превод на ,,Убиството на Роџер Акројд”

19.03.2024 15:48
Црвените харинги во македонскиот превод на ,,Убиството на Роџер Акројд”

Aгата Кристи се смета за една од највлијателните авторки на сите времиња. Со своите 66 детективски романи и 14 збирки раскази таа има оставено неповторлива трага во современата книжевност. Начинот на раскажување на Кристи претставува досетлива комбинација помеѓу криминалот и психоанализата. Во секое дело има доволно простор за убиец, детектив, ограничена предодредена средина, ешалон на ликови, како и изобилие на лажни информации кои го движат дејството и го водат читателот кон донесување на заклучоци, без разлика дали се тие точни или неточни. Речиси ниеден од ликовите не е целосно доверлив, а убиецот претежно се издвојува како најнесомнителен.

Во однос на начинот на кој што пишувала, прилично лесно е да се забележи економичноста во нејзиниот јазик. Според неа ова е исклучително важен елемент во детективската приказна бидејќи, едноставно, читателот не сака да се оптеретува со еден ист детаљ повеќе од четири или пет пати. Таа исто така користи обичен чист секојдневен јазик низ целото дело. Наместо да вметнува нови зборови и фрази, Кристи се потпира на самиот дијалог кој е едноставен и праволиниски со цел не да го збуни читателот, туку едноставно му дозволува целосно да се осредоточи на самото дејство. Притоа, доколку има за цел да пренесе одредена мисла или концепт, често може да се забележат одредени зборови кои се повторуваат неколку пати во одреден пасус, па иако притоа имаат различна форма, значењето им е идентично. Таа тоа не го прави ненамерно бидејќи со самото повторување на зборовите од барем трипати го убедува читателот да донесе одреден заклучок. Авторката успева да ја долови токму оваа златна средина помеѓу ангажираноста и монотоноста, и тоа на начин на кој што читателот е приморан да остане внесен во дејството. Секако, голем придонес кон ова има и темпирањето, односно брзината на читање која што Кристи ја предодредува. Така, лесно може да се забележи дека на почетокот на делото се јавуваат поголем број на пасуси во кои се среќаваат описи, во споредба со крајот. Ваквиот начин на читање го присилува читателот да дојде до крајот што е можно побрзо.

Меѓутоа, она што е најпривлечно, барем според мене, е фактот дека Агата Кристи при ,,готвење” на дејството на самата книга, најчесто започнува со убиството, начинот на кое што тоа ќе биде изведено, како и самиот убиец. Дури подоцна ги креира и претставува другите осомничени ликови и нивните потенцијални мотиви. На самиот крај од овој процес, целосното внимание го посветувала на деталите кои служат како патокази, односно т.н. ,,црвени харинги” (red herrings).

Токму овие ,,црвени харинги” се јавуваат во изобилие во,,Убиството на Роџер Акројд”. Објавен во 1926 година, дејството во овој роман започнува со мистеризоната смрт на богатиот вдовец Роџер Акројд, што всушност е основната причина за создавање на мрежа од тајни и сомнежи. Меѓутоа, тука на сцена настапува Херкул Поаро, брилијантниот белгијски детектив, чијашто цел е да го отплетка ова снопје од тајни. Романот ни претставува низа ликови кои имаат свои лични мотиви и нецелосно разјаснети мината, кои се повеќе го згуснуваат дејствието. Од нашиот раскажувач д-р Џејмс Шепард, кој со своето око за детали и чувство на морална одговорност нѐ води низ сета драма, неговата сестра Каролајн, потоа Ралф Патон, посвоениот син на Роџер Акројд, преку таинствената госпоѓа Расел, па сѐ до ексцентричните Флора и Рејмонд, секој лик придонесува кон семејната сложеност што го движи наративот. Токму овој сложен процес на карактеризација на самите ликови и одржување на неизвесноста која што е заробена речиси во секоја страница од делото, како и свесното пресликување на ,,црвените харинги”, се најголемите предизвици со кои се соочува преведувачката Наташа Колеќевска-Георгиевска во преводот на делото објавен во 2020 година од страна на Арс Либрис.

Најпрво би започнал токму со ,,црвените харинги”, кои лесно може да му побегнат на читателот доколку тој не е свесен за нив, но при самото дознавање на крајниот пресврт во дејството, и повторното препрочитување на романот, тој лесно може да ги воочи доколку тие се претставени (преведени) соодветно. Поточно, преведувачот има обврска да е свесен за нив и нивното огромно значење, доколку тој цели да го долови оригиналното и соодветното значење во својот превод. Можам да потврдам дека тоа е точно во овој превод.

Во продолжение ќе наведам неколку вакви примери од романот кои според мене се суштински за создавање на квалитетен превод:

(1): “As a professional man, naturally I aim at discretion.” (Кристи, 6)

“Kaко професионалец од својата фела, природно претпочитам дискретност.“ (Колеќевска-Георгиевска, 10)

 “I have got into the habit of continually withholding all information possible from my sister.” (Кристи, 6)

“Затоа некако се навикнав на сестра ми да ѝ давам колку што е можно помалку информации.“ (Колеќевска-Георгиевска, 10)

Овие две реченици се од првото поглавје на книгата, каде што лекарот Шепард (кој е всушност тајниот убиец) се обидува да го убеди читателот дека Каролин не е во право во однос на тоа дека г-ѓа Ферарс го отрула нејзиниот сопруг, пред тој самиот да открие дека таа, најверојатно намерно, починала од предозирање. Низ целото ова поглавје Шепард или се спротиставува или ги омаловажува изјавите на сестра си Каролајн. Всушност, првите четири страници од романот се состојат од тоа што еден наратив директно негира друг наратив.

Целта на ова поглавје е во тоа раксажувачот да го убеди читателот дека зборовите на ликот на Каролајн се, во најмала рака, сомнителни, односно читателот треба да се почувствува поласкан (бидејќи е во доверба на лекарот), со цел да не дознае дека лекарот е неправеден раскажувач. Можам да кажам дека ова во македонскиот превод е соодветно пренесено, бидејќи значењето на оригиналот и на преводот е идентично.

(2): ”When had I last seen her? Not for over a week. Her manner then had been normal enough considering – well considering everything.” (Кристи, 12)

„Кога ли ја видов последен пат? Пред повеќе од една недела. Нејзиното држење тогаш беше нормално со оглед на – па – со оглед на сѐ.“ (Колеќевска-Георгиевска, 17)

Во овој дел, Шепард зборува за госпоѓата Ферарс. Тука е од голема важност да се внимава на синтаксата на реченицата, поточно користењето на интерпункцискиот знак црта ( – ) што се појавува во оригиналот, како и повторувањето на зборот ,,considering” (на мак: со оглед на). Причината за важноста на овој дел е фактот дека токму преку ова нецелосно доискажување на лекарот Шепард, кое авторката сака да го пренесе преку употреба на ,,цртата”, како и недоискажувањето на Шепард кое може да се забележи преку зборовите ,,considering – well considering everything”, може да се забележи дволичноста и несигурноста на Шепард. Сметам дека оваа несигурност и недоискажување на докоторот се забележливи и во македонскиот превод, попрецизно преку: ,,со оглед на – па - со оглед на сѐ”, како и со употребата на самата црта.

(3): “The letter had been brought in at twenty minutes to nine. It was just on ten minutes to nine when I left him, the letter still unread. I hesitated with my hand on the door handle, looking back and wondering if there was anything I had left undone. I could think of nothing. With a shake of the head, I passed out and closed the door behind me.” (Кристи, 38)

„Писмата ги доби во дваесет минути до девет. Околу десет до девет излегов од собата и го ставив, а писмото се уште го немаше прочитано. Се двоумев со раката на кваката, погледнав назад и се прашував дали оставив нешто незавршено. Не ми текнуваше ништо. Одмавнав со главата и ја затворив вратата зад себе.“ (Колеќевска-Георгиевска, 44)

Овој мал пасус од четвртото поглавје, според мене, е од големо значење бидејќи во него докторот Шепард за прв пат ја објаснува ситуацијата, односно временската граница кога го извршил убиството (секако притоа неоткривајќи го делото). Авторката тука употребува интересна техника, каде, како што може да се забележи, првата реченица е напишана во пасив бидејќи е вистинита, додека пак останатите, кои се неточни бидејќи раскажувачот ја прикрива вистината, се во актив. Истата оваа употреба на различен глаголски залог е забележлива и во македонскиот превод, а со тоа е доловена и можеби најважната ,,црвена харинга” во книгата.

Понатаму, иако сметам дека ниеден превод не може да ја долови оригиналноста на изворниот текст стопроцентно, можам да кажам дека во овој превод често се наоѓаат одлични решенија за одредени термини и зборови кои можеби не се целосно еднакви во значењето, но сепак во доволна мера ја пренесуваат соодветната слика во македонксиот јазик.

На пример:

pangs = нерешителност

annoyed = оди на нерви

life is very trying = животот знае да биде вистински предизвик

I said impressively = реков полн со себе

Бидејќи се работи за детективски роман кој е напишан со предодрена цел да го ,,присили” читателот да го чита континуирано, без да му се јави желба да престане со читањето, пресудно е и преводот да ја достигне оваа цел и темпо. Можам да кажам дека ова е успешно постигнато бидејќи во ниеден момент не се најдов во ситуација каде што одредена реченица, пасус или одреден концепт ме оттргна од самото дејство во романот.

За крај би додал само дека оваа книга треба да претставува ракавица фрлена во лицето на секој читател кој мисли дека е доволно итар и остроумен да го погоди убиецот пред тој да биде откриен од страна на малиот Белгиец Поаро. Едноставно кажано, овој роман е предизвик за сите оние кои го читаат ова дело, тоа да го прават искрено, без ѕиркање кон последните страници, без да го бараат одговорот од други извори, туку со разгледување на деталите во самите букви. Преведувачката вешто успева да го постигне ова и да создаде пофалбен превод кој е соодветен на оригиналот и достојно ја пренесесува изворната содржина на романот. Токму затоа сметам дека македонските читатели имаат одлична можност да ги читаат авантурите на Херкул Поаро во прекрасен македонски примерок.