Втората ѕвезда на десно, па само право до изгрејсонце – Историјат и кратка анализа на Петар Пан во македонските преводи

25.03.2024 02:56
Втората ѕвезда на десно, па само право до изгрејсонце – Историјат и кратка анализа на Петар Пан во македонските преводи

“Peter Pan; or, The Boy Who Wouldn’t Grow Up”, исто така познат како “Peter and Wendy”, е роман на шкотскиот автор Џејмс Метју Бари. Романот издаден во 1911 година е всушност базиран врз претходно издадената драма од 1904 година, а служи како продолжение на “The Little White Bird” и “Peter Pan in Kensington Gardens”, исто така дела на Бари.

Романот ни ја опишува приказната за истоимениот лик Петар, кој е незрело, недораснато и невоспитано момче со големо срце и возбудлива позадина. Тој е всушност сираче, израснат од самовили, и живее во место кое што се вика Недојдија заедно со загубените момчиња и својата придружничка Ѕвончица. Петар и Ѕвончица доаѓаат заедно во Лондон при куќата на семејството Дарлинг каде што се запознаваат со нивните деца: Венди, Џон и Мајкл. Заедно со новото друштво тие се враќаат во Недојдија каде што Џон и Мајкл се придружуваат на загубените момчиња, додека пак Венди прифаќа да биде “мајката” на нивното семејство. За жал оваа нивна авантура доживува лош пресврт кога злобниот пират, капетанот Кука, киднапирајќи ги Венди и момчињата го приморува Петар на двобој. Доброто преовладува над злото и Петар успева да ги спаси сите освен капетанот Кука кој е изеден жив од крокодилот. По смирувањето на тензиите, Венди, Џон и Мајкл сфаќаат дека им недостасуваат родителите и сакат да се вратат дома, што наидува на голем отпор кај Петар кој сака тие да останат со него. Сепак тој се повлекува и не само што ги враќа децата на Дарлингови дома, туку дури и загубените момчиња се прифатени од семејството да бидат посвоени и да имаат свој дом и родители. Неможејќи и несакајќи да ја прифати реалноста дека и тој треба да биде дете, а потоа и да порасне, Петар наведен од своите претходни трауми си заминува сам оставајќи ги сите во топлиот дом во Лондон, знаејќи дека таму тие ќе се посреќни отколку со него во Недојдија.

Авторот Џ.М. Бари бил еден од десет деца во неговата фамилија. На шестгодишна возраст го загубил својот постар брат Дejвид кој доживува голема незгода на лизгалиште и починува ден пред неговиот 14-ти роденден. Дejвид бил омиленото дете на својата мајка, па со неговата смрт таа ја губи топлината која што дотогаш ја имала за своите деца. Несакајќи својата мајка да тажи, Бари почнува да ги носи старите алишта на својот покоен брат, па дури и да ги поприма неговите манеризми. За жал дури и да ја развеселуваат ваквите гестови, Бари е свесен дека таа е среќна не затоа што тој се труди да ја усреќи, туку бидејќи таа многу попрво би го изгубила него отколку брата си Дejвид. Се верува дека ликот на Дejвид и чувствата кои Бари ги осеќа барајќи ја љубовта на мајка си подоцна тој ги користи како основа за ликот Петар Пан. Името на ликот пак доаѓа од два различни извори: Бари се одлучува за името Петар во чест на младиот Питер Лулин Дејвис кој заедно со своите браќа Џорџ, Џон, Мајкл и Николас биле посвоени од Бари по смртта на нивните родители. Бари отсекогаш обожавал да раскажува приказни и често на браќата им раскажувал за тајните авантури на нивното братче-бебенце Питер кој води скриен живот со самовилите кога тие не гледаат. Презимето го одбрал пак во чест на богот на дивината и шумите, богот Пан од грчката митологија, кој бил често придружен од нимфите, слично како нашиот лик кој е придружен од самовилите и е нивен заштитник.

Романот претставува безвремен хит во детската литература кој засолнувајќи се во срцата на децата оставил траен белег врз англофонската, но и светската литература. Добивајќи ги правата за приказната, во 1953 година студиото за анимација на Волт Дизни издава анимиран филм основан врз дејствието на романот, а малку подоцна во 2002 Дизни повторно го враќа во живот ликот на делото преку продолжението “Return to Neverland” каде што Петар се враќа барајќи ја Венди, но гледајќи дека таа е сега остарена, овој пат ја продолжува авантурата со нејзината ќерка Џејн. Освен анимираните, ликовите и делото на Бари се појавуваат во голем број играни филмови. Разноликите медиуми кои ја прераскажале оваа приказна овозможиле истата да остане релевантна за безброј генерации кои дошле по нејзиното прво издавање, и таа да биде преведена на речиси сите светски јазици станувајќи култен хит насекаде.

Џејмс Метју Бари

“Петар Пан“ за првпат се појавува во нашиот регион во повоениот период, поточно во 1954 година. “Петар Пан : бајка за извођење“ преведена на српско-хрватски од оригиналниот англиски како заеднички труд на Бранка Јаношевиќ и Владимир Петриќ е пионерското издание кое се појавува во Југославија. Ова оригинално издание претставува еден прилично крут и инфантилизиран превод кој голем дел на елементи и сценарија од оригиналот сосема ги изоставува или пак ги поминува набрзина со цел книгата да биде полесно соџваклива за деца и помлади, со што сосема го губи шармот што можеби би го имала кон повозрасната публика. Психолошките мотиви, како што се зрелоста, местото на мажот или жената во општеството, или пак концептите за “mommy issues” и “daddy issues” застапени кај ликовите на Венди и Петар се доведени до минимум . Навистина овој првичен превод, иако официјално се води како превод на делото на Џ.М. Бари, всушност е поблизок до анимираниот филм на Дизни кој излегува една година пред ова издание.

Истата година (1954) официјално излегува и првиот превод на македонски јазик “Петар Пан“, превод на Генади Болиновски во издание на Детска радост. Македонската верзија всушност во голем дел се темели на првичниот југословенски превод, а тоа можеме да го согледаме по именувањето на ликовите и локациите во делото. Така на пример, иако македонскиот правопис наложува транскрипција на имињата во кириличното писмо, кај првиот македонскиот превод гледаме трансформации (како Peter –Петар, Tinkerbell-Ѕвончица, Neverland-Недојдија, Hook-Кука) кои се позајмени директно од преводот на Јаношевиќ и Петриќ (Петар Пан : бајка за извођење, 1954, Белград: Дечја књига). Овие промени се секако направени со цел преводот да биде поблизок до македонскиот читател, но е интересно што сепак голем број од споредните ликови поради непозната причина сепак го задржале оригиналниот формат на своето име (Wendy-Венди, John-Џон, Michael-Мајкл). Болиновски го задржува детскиот духот застапен во српско-хрватското издание и дури оди чекор понатаму во овој обид да се компактизира приказната, но во македонското издание можеме да воочиме дека како секундарен автор е истакната Меј Бајрон која е всушност авторката на прераскажаната верзија на делото со која што сите сме израснати. При согледувањето на овој факт лесно можеме да дојдеме до заклучок дека не само македонското туку и српско-хрватското издание всушност се темелат на прерасказот на Бајрон, но во нивното издание авторката е сосема изоставена и не ја добила заслугата како авторка на оваа верзија на приказната.

Делото на Бари има огромен број на преводи на македонски јазик. Речиси секоја година доаѓа по некоја храбра душа која го презема предизвикот на превод на оригиналот, предизвик кој иако е навидум лесен кога ќе помислиме дека се работи за детска литература, е всушност гигантски бидејќи бара од нас како преведувачи да преведеме длабоки психолошки теми и тоа за деца растени во едно општество што се чини било неписмено кога во прашање е човековата психа.

Сакајќи да направам една споредба како преводите се промениле со текот на времето, го разгледав и преводот на Велика Ширилова од 2018 во издание на Панили. Преводот на Ширилова го искусив како еден здив на чист воздух. Во ова издание преведувачката се навраќа кон корените и се она што го прави “Петар Пан“ толку фасцинантен за мене со тоа што го преведува оригиналот како што е напишан од Џ.М. Бари, а не прерасказот на Бајрон кој доминираше до сега. Таа исто така се труди да ги отфрли оние именски промени од првото издание и ни претставува нови изворно македонски форми како што се Ѕвончица-Ѕвонка и Недојдија-Невратземја. Иако ваквите промени се добредојдени, за жал мислам дека во овој случај ја немаат истата магија како оние оригиналните позајмици од српско-хрватскиот превод кои до ден денес се останати во нашиот јазик и дури застапени и во колоквијалниот говор. Исто така, огромна замерка која ја имам за преводот на Ширилова е што таа сосема погрешно го преведува името на антагонистот, капетанот Џејмс Хук или Капетан Кука. Во нејзиниот превод наидов на капетанот Џес Кука. При првото читање на ова име помислив дека се работи за печатна грешка па така од Џејмс преведувачката дошла до Џес, но како што читав сфатив дека всушност неговото име останува Џес до крајот на делото, што за мене беше несфатливо. Сметам дека ако веќе преведувачот се одлучува да прави транскрипција на оригиналот треба и тоа да го направи, а не да измислува трети имиња кои се странски за македонскиот јазик.

Сепак, ова издание беше полно и со светли точки. Приказната во романот беше пренесена читко и прецизно на македонски јазик, темите беа во целост зачувани и нивното значење беше пренесено на еден мил и убав начин кој навистина е пригоден за помладите. Особено бев пријатно изненаден кога наидов на делот кога децата почнуваат да си пеат додека се спремаат за сон. Овој дел на романот ги прикажува песните на децата во поезиски стихови, а Ширилова одлично ја има доловено секоја песничка, на секое дете, зачувувајќи ги нивните содржини, но и структурата и мелодијата, како на пример римата која постои во оригиналот.

Со тешко срце признавам дека не успеав да го најдам идеалниот превод кој што го барав кога започнав со моето истражување. Со секое последователно издание кое го разгледував, исто како и во орото, за секој чекор на напред, имаше по два чекора на назад. Во толку многу преводи можеби и постои тој идеален превод, но јас сепак не го најдов во ова мноштво изданија кои ги прелистав. Имам претстава дека особено кога доаѓа збор за детска литература премногу се прегледува низ прсти кога доаѓа до збор квалитетот на еден превод. Самото тоа што детската публика е помалку критички настроена или можеби затоа што ваквата литература е добра почетна точка за понеискусните преведувачи дозволило да се изгуби одреден стандард кој треба да е задолжителен, бидејќи баш тие деца кои ги читаат овие преводи се оние кои од нив ќе влечат инспирација и ќе го оддржуваат духот на јазикот во иднината.

“Hook or Me This Time”

Odd things happen to all of us on our way through life without our noticing for a time that they have happened. Thus, to take an instance, we suddenly discover that we have been deaf in one ear for we don’t know how long, but, say, half an hour. Now such an experience had come that night to Peter. When last we saw him he was stealing across the island with one finger to his lips and his dagger at the ready. He had seen the crocodile pass by without noticing anything peculiar about it, but by and by he remembered that it had not been ticking. At first he thought this eerie, but soon he concluded rightly that the clock had run down.

Without giving a thought to what might be the feelings of a fellow-creature thus abruptly deprived of its closest companion, Peter at once considered how he could turn the catastrophe to his own use; and he decided to tick, so that wild beasts should believe he was the crocodile and let him pass unmolested. He ticked superbly, but with one unforeseen result. The crocodile was among those who heard the sound, and it followed him, though whether with the purpose of regaining what it had lost, or merely as a friend under the belief that it was again ticking itself, will never be certainly known, for, like all slaves to a fixed idea, it was a stupid beast.

Peter reached the shore without mishap, and went straight on; his legs encountering the water as if quite unaware that they had entered a new element. Thus many animals pass from land to water, but no other human of whom I know. As he swam he had but one thought: “Hook or me this time.” He had ticked so long that he now went on ticking without knowing that he was doing it. Had he known he would have stopped, for to board the brig by the help of the tick, though an ingenious idea, had not occurred to him.

On the contrary, he thought he had scaled her side as noiseless as a mouse; and he was amazed to see the pirates cowering from him, with Hook in their midst as abject as if he had heard the crocodile.

The crocodile! No sooner did Peter remember it than he heard the ticking. At first he thought the sound did come from the crocodile, and he looked behind him swiftly. Then he realised that he was doing it himself, and in a flash he understood the situation. “How clever of me,” he thought at once, and signed to the boys not to burst into applause.

 

“Или Кука, или јас овој пат”

Без долго време да забележиме што всушност се случува, во нашите животни патешествија се случуваат чудни работи. Па така на пример, наеднаш ќе откриеме дека сме оглувеле на едното уше. Не знам пред колку долго сме оглувеле, да речеме пред половина час. Епа сега таква случка му се деси на Петар вечерта. Последно кога го видовме тој беше разкраден низ островот, со едниот прст на уста и камата спремна. Го виде крокодилот како поминувал, но не приметил ништо невообичаено за него. Малку, по малку му текна дека тој веќе не отчукуваше. Отпрвин ваквата помисла му беше чудна, но си се убеди дека сигурно само часовникот му се расипал.

Не мислејќи на чувствата на едно битие кое наеднаш си го изгубило својот најблизок придружник, Петар веднаш почна да размислува како може да извлече корист од една ваква катастрофа; така тој почна да си отчукува, со надеж дека ѕверовите ќе мислат дека тој е крокодилот и ќе го остават да мине без да му пипнат влакно на косата. Супер му одеше отчукувањето, но имаше еден непредвиден проблем. Крокодилот беше меѓу тие кои го слушнаа звукот, и тој сега почна да го следи. Е сега дали го следеше со цел да си врати тоа што загубил, или пак не беше свесен дека загубил нешто и онака си го следеше другарски, не е познато. Исто како сите робови врзани за една застарена идеологија, тој не беше ништо повеќе од еден глупав ѕвер.

Петар стигна до брегот без никаква незгода и си продолжи право; нозете почнаа да му се среќаваат со водите впрочем како да не препознаваа дека се работи за некаков нов елемент. Така многу животни врвеа од копно кон вода, но никој друг човек за кого знам. Како што пливаше само една мисла му се вртеше во главата: “Или Кука, или јас овој пат“. Веќе толку долго си отчукуваше што веќе не беше ни самиот свесен дека нема прекинато, а да знаеше ќе прекинеше. Колку и да би било генијално да го искористи отчукувањето за скришум да се качи на бродот, воопшто не му текна дека може тоа да го направи.

Баш напротив. Тој си мислеше дека го искачил по страна тивко како глувче; па се вчудоневиди! Сите пирати беа преплашени од него, а меѓу нив се тресеше и самиот капетан Кука, небаре го слушнал крокодилот.

Крокодилот бе! Ни миг подоцна Петар веднаш сфати дека го слуша отчукувањето. Првин помисли дека звукот навистина доаѓа од крокодилот па наеднаш се сврти да погледне позади него. Потоа му текна дека тој е тој што отчукува и наеднаш ја сфати ситуацијата во која се наоѓаше. “Колку многу да сум ти бил паметен јас“, помисли тој одеднаш, и им сигнализира на момците дека не мора да му аплаудираат.