Плачам заради привилегијата да го живеам својот сон

27.03.2024 10:55
Плачам заради привилегијата да го живеам својот сон

Плачам зашто сум педесетгодишна будала која 30 години го прави истото: живее од денес за утре и ги собира најубавите песни за да им ги понуди на гладните, жедните и незаинтересираните. Плачам заради привилегијата да го живеам својот сон. Но, тоа е сон за кој сами се изборивме. Го изборивме поради тоа што бевме воспитани, образовани, култивирани, бестрашни и убави.

Ова е приказна за убавите деца на овој град... убавите деца на оваа земја. Ги има многу, ама живеат опкружени со купишта омраза, простотилак и игнорантност. Тоа се деца кои имаат 20, 30, 50, 70 години... сосем небитно колку години имаат. Нивната понуда е конструктивна идеја. Основа да се изгради подобар град, подобар свет, пред сѐ за нас самите.

Најпрво во мојата глава, а сега и во реалноста, ПМГ Рекордингс е запис за современата Македонска музичка култура. Пример за убавината која во себе ја носи овој чуден народ кој се задоволува со премалку. Темел (подрум:) за изградба на едно попродуховено денес и утре. Континуитет кој го предизвикува гласното, динамично малцинство на културолошки пресврт. Искрена понуда. Веројатно надеж.

Не знам, навистина. Тука сме, слободни да твориме свои песни на својот јазик, во свои згради, свои патишта кон сонцето кое великодушно ни ги милува глупавите глави. Таа слобода треба да се искористи. Без страв. Слобода е кога човек не се плаши. Предлагам да не се плашиме од промената на подобро.

Мирко Попов, во поткастот „Брза кучка”, 23.02.24.

Банер: Небојша Гелевски

ОкоБоли главаВицФото