За Мирко и за самите себе, да продолжиме да играме!

29.03.2024 13:56
За Мирко и за самите себе, да продолжиме да играме!

Тешко ми е денеска да ги најдам вистинските зборови за да можам барем малку да Ви го доближам, и да му оддадам почит на Мирко Попов, мојата љубов, партнер и најдобар другар.

Треба да се напише книга за да се доближи неговиот лик и дело, како вистинска движечка тридецениска сила на македонската култура, идентитет и урбано Скопје. Мирко сакаше сам да ја напише оваа книга, но не како негова биографија, туку како запис и сведоштво за секое движење, мисла и акција, кои придонесуваа во градењето на еден поубав свет, земја и град.

Мирко Попов е бастионот на урбано Скопје. Не е случајна оваа симболика. Ми раскажуваше дека кога бил мал но доволно голем да препознае и сака култура, многу се грижел дали во средината во која се родил и живее постои таква урбана култура. Таква култура која допирала до него преку музиката и грамофонските плочи, кои можеле да се купуваат во Скопје, и кои од осумгодишна возраст се фокус на неговиот интерес; на пример, ми раскажуваше за тешките преговори со родителите за да му го купат новиот албум на „Duran Duran“ или на „Yazoo“, кој мајка му го донела од службен пат.

„Бастион“ е бендот кој, кога првпат го слушнал, му дал верба и надеж дека имаме урбано и модерно Скопје и дека сè ќе биде во ред. Како негов личен омаж кон значењето и симболиката на „Бастион“ Мирко 2007 го објави албумот компилација „WORKS & REWORKS BASTION“. Освен оригиналните песни од бендот на албумот се присутни и музичарите од тогашниот нов скопски и македонски музички бран; секој од нив обработува по една песна од нашиот славен бенд.

Љубовта на Мирко кон музиката и македонската урбана култура се развива од дете преку радиото и редовното слушање на програмите на Радио Скопје. Тој отворено ја прима таа музичка култура визионерски најавена од Шпато, Пејовски, Џамбазов, Костов, сè до денешната плејада композитори, музичари и творци.

Со голема жар и решеност уште од раните 90-ти години Мирко ја почнува својата културна дејност како диџеј, радиски водител и уредник на Канал 103, како придвижувач и креатор на електронската клупска музика сцена, организатор на бројни музики настани и фестивали. Во ‘98 ја покренува „ПМГ Рекордингс“, етикета која денес, со неколкуте специјализирани подлејблови за џез, електронска и современа музика, има повеќе од 300 изданија.

Ќе го потенцирам ова уште еднаш: 300 ИЗДАНИЈА МАКЕДОНСКА МУЗИКА ОД МАКЕДОНСКИ АВТОРИ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК! Затоа Мирко Попов е еден од најголемите чувари на македонскиот идентитет. Освен како издавач тој го негува и чува тој идентитет и како автор, композитор и изведувач на музика, преку работата во неговите бендови „ПМГ Колектив“, „Кантон 6“ и „Македонише кру“.

Неговиот жар за знаење и големата љубов кон пријателите и најблиските преточени како систем на вредности, олицетворени се во бројни текстови, песни, стихови, рецензии, колумни, интервјуа, како и во двете авторски книги: монографијата „20 Години те сакам“ и „Розевата планета“.

Љубовта кон историјата и градењето подобро општество се наследство од неговиот татко, а Мирко бескрајно ја сакаше и ценеше македонската култура и историја, обидувајќи се да го сочува и му даде нов живот на специфичниот автохтон бит, како во неговата оригинална форма, така и низ нов современ израз. Тоа е особено видливо во неговата работа со бендот „Кантон 6“. Во овој контекст сакам да го споменам и проектот „Распеани Валандовчани“, кој со невиден жар Мирко го иницираше заедно со ансамблот и со Владан Дробицки. Значаен омаж на неговото семејство и културата на градот Валандово. Во чест на Мирко ни останува да го завршиме и да го издадеме на винил веќе снимениот материјал.

Толку многу се радуваше на секое издание и е главен виновник за веќе 13 изданија на македонска музика на винил. Пред некој ден ми збореше колку многу ги сака винилните изданија, толку што би можел да го прави само тоа. Во рака го имам и последниот винил на ПМГ Рекордингс , „ПОП Култура“, кој дава пресек на најмладата македонска поп сцена на музички автори. Ако Југославија го имаше „Пакет Аранжман“ во 1981, како пресек на тогашниот нов бран, Македонија денес го има новиот бран поп музика на компилацијата „ПОП Култура“, чија историска вредност ќе се покаже во годините кои што доаѓаат. Голема радост за Мирко беше оваа плоча, чија промоција за жал не успеа да ја дочека, а ние во негова чест ќе ја направиме петоков во Лабораториум.

Младите, тие прекрасни паметни убави суштества со бистар ум, космополитиски став и поглед кој допира далеку - исто така беа постојан фокус на Мирко. Овој град и земја е среќна што има низа прогресивни млади генерации и секоја од нив прави пукнатина во ѕидот на стравот и заостанатоста, и ја исполнува со светлина. Мирко континуирано креираше простори за младите, особено на оние кои создаваат музиката. Еден куп изданија, концерти, клупски вечери, слушачки промоции, фестивали... меѓу кои веќе 13 години постои „Земјотрес“, како единствена смотра на најрецентната младинска музичка култура. Мирко беше 51-годишник кој не се задоволуваше неговото влијание да биде само во форма на наследство, пример и мотивација. Тој неуморно и постојано работеше тој процеп и простор за младите да постои и функционира во сите поволни и неповолни ситуации на македонското општество и култура.

Секогаш ми велеше: „Слушај мораме да комуницираме и да се дружиме со младите, зошто само така вистински ќе знаеме каде оди светот, за и ние да останеме млади.“

Со голема љубов ја започнавме платформата СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ. Мирко преку неа ме запозна и ми го доближи светот на најновата генерација креативни и прекрасни млади умови, кои денес создаваат нова култура и музика. Толку многу ги сакаше сите и се радуваше дека го градат градот во кој тој веруваше. Благодарна сум што тие го препознаа искрениот жар и отворениот простор од страна на Мирко и му возвратија со љубов и убава соработка. Млади, не застануваме!

Што мене ми остави Мирко Попов?

Безвременска мултиверзумска љубов која ќе ме исполнува и ќе ми дава сила да бидам тоа што сум и да верувам во себе. Или, како што се вели во песната The Perfect Kiss на еден од нашите омилени бендови New Order: I know, you know, we believe in the lend of love.

Да се гледам со очите со кои тој ме гледаше - достоинствена, силна и непокорна пред сите предизвици.

Ми остави големо и прекрасно семејство полно со љубов, вистински другари и пријатели, кои многу нè сакаат и со кои и низ добро и лошо секогаш ќе бидеме заедно; ми остави и две најубави во свет, деца кои ќе ги сакам и чувам додека сум жива, како да се мои.

Ми остави мисла и збор дека мора да одам напред и да го правам сето она што заедно го правевме досега и во што верувавме.

Денес се збогуваме со еден свет. Денес се збогуваме со еден град придвижуван од витешката сила на Мирко, кој неуморно создаваше урбани простори и културни настани со сите пријатели и соработници кои веруваа во тоа. Но како феникс – симболот на скопскиот Центар, местото во кое Мирко живееше и со гордост го нагласуваше – овој град и овој свет повторно ќе се родат, убедена сум.

Затоа, од денес, одговорност на секој еден од нас е да веруваме во подобро утре, како Мирко што веруваше, и да градиме поубав свет за нас и нашите деца, исполнет со музика и култура.

И најважно од сè, треба да продолжиме да се забавуваме и да бидеме среќни. Како и самиот што вели во една од песните на албумот ПМГ Колектив Скопје: „Среќен. Научи на бидеш среќен.“

На крај би го споменала „До небото замок“, албум на ПМГ Колектив издаден во 2019 година. Албумот претставува многу интимна музичка приказна на Мирко, за себе и за своите блиски. Омотот на албумот е горниот дел од неизградената црквата „Константин и Елена“ во центарот на градот, која многу му се допаѓаше, и која го носи името на татко му и на неговата тетка. Песната која си ја посвети себеси вели вака:

Ме вика Мирко
смртен си плен
пушти ме играм
уште е ден.

За Мирко и за самите себе, ДА ПРОДОЛЖИМЕ ДА ИГРАМЕ!

26.03.2024.

ОкоБоли главаВицФото