Прашања кои бараат одговор

24.02.2013 15:10
Прашања кои бараат одговор

Зошто и како Македонија од лидерска позиција се најде на слеп колосек во Западен Балкан? Зошто и како Македонија стана најзатвореното општество на Балканот? Зошто и како на толку мала територија се натрупаа сите балкански проблеми и зла?

Во неколку наврати во Лондон во понеделникот ги слушав овие прашања. Ме мачеше мислата дека моите одговори се неспоредливо подолги и посложени од прашањата. Дури и одговорот дека на Србија и’ требаа 15 години да се ослободи од Милошевиќ, не ми ја олеснуваше ситуацијата. Зошто? Зашто не сум сигурен дека Македонија може да преживее, односно да издржи уште осум години под Груевски.

Неминовно беше и прашањето за соучесништвото (соучесниците) во пропаѓањето на Македонија. За колаборацијата (намерна и ненамерна) и колаборантите во убивањето на слободата, демократијата и правото.

Не се чувствувам нималку пријатно кога треба да ја објаснувам несреќната смеса од наивност, опортунизам, поткупливост, уплашеност и што ли уште не, смеса која на Груевски му овозможи да владее во Македонија газејќи ја критиката и отпорот. Страшно е тоа што татковината ја уништуваат тие кои се прогласија за патриоти и ја добија поддршката на мнозинство поради божемниот патриотизам.

Останува да ни виси над главите прашањето: Каде е дното, има ли крај…

Малку ми значи ситењето дека вмровски „јуноши“ кои врескаа и ме напаѓаа како „Шиптар“ поради тоа што го поддржував законот за воведување на албанскиот јазик како наставен јазик на Педагошката академија пред петнаесет години, колку вчера молкум изгласаа командант на ОНА и бивш офицер да биде министер за одбрана малку ми значи. Малку ми значи дека се покажа дека предупредувањата за алчноста на оваа власт која нема никакви скрупули изговорени во 2009 година на трибините на ГЕМ се покажаа оправдани.

А дали ми значи нешто тоа што Груевски се сокри и ја одбегна средбата со министерот за надворешни работи на Германија. Ништо, освен тоа дека и Груевски нема одговори на некои прашања кои не се полесни од оние што ги слушав во Лондон.

Ми значи и тоа дека прашањето за дното и крајот е прашање за нас овде, а не за оние надвор. За жал, одговорот на тоа прашање е заплеткан во недобројните лични и групни, семејни и клиентелистички интереси кои го оневозможуваат дефинирањето на одговорот – како до слободата.

Најважното прашање – ДО КОГА ГРУЕВСКИ, станува помалку важно поради многуте лукративни и кариеристички амбиции кои продуцираат дворски игри, интриги, купувања и продавања. Тоа ја отапува острината на отпорот и го продолжува опстанокот на груевизмот.

Мачно и жално. Но тоа не е одговор, план, стратегија, тоа е само емоција која не секогаш ја поттикнува акцијата, туку честопати ја задушува и оневозможува.

Текстот е преземен од Фејсбук профилот на Владимир Милчин
Слики: Conni Togel