Гласовите на времето

27.04.2009 14:02
rauch4b.jpg

1

Подоцна, Пауерс често размислуваше за Витби, како и за чудните бразди коишто биологот, наизглед случајно, ги беше врежал врз целата површина од дното на испразнетиот базен за пливање. Длабоки еден инч а долги дваесет стапки, браздите беа испресечени на таков начин што создаваа сложен идеограм налик на некоја буква од кинеското писмо; му беше потребно цело лето за да го заврши, и очигледно за малку други работи размислуваше неуморно работејќи во текот на долгите пустински попладниња. Пауерс го набљудуваше од прозорецот на својот кабинет, на спротивниот крај од невролошкиот оддел, како грижливо ги премерува со помош на колчиња и јаже и како во малата торба од шаторско крило ги носи парчињата откршен цемент. После самоубиството на Витби никој веќе не обрнуваше внимание на браздите, но Пауерс често земаше клуч од надзорникот, заминуваше до напуштениот базен за пливање и го разгледуваше лавиринтот од засеци кои полека беа освојувани од мемлата, допола исполнети со вода што капеше од направата за хлорирање: тоа беше енигма за која веќе не можеше да се најде решение.

Во почетокот, меѓутоа, Пауерс беше премногу окупиран со завршување на својата работа на Клиниката и со планирање на своето конечно повлекување. По првите безумни недели исполнети со паника, тој успеа да го прифати нелагодниот компромис кој му овозможуваше својот проблем да го посматра со фаталистичка дистанцираност претходно чувана само за своите пациенти. За среќа, неговото физичко и ментално пропаѓање се одвиваа напоредно - летаргијата и инертноста ги затапуваа неговите грижи, а сè потромавиот метаболизам изискуваше концентрација за неговите мисли да останат поврзани. Всушност, сè подолгите периоди на сон без сништа стануваа речиси закрепнувачки. Се беше фатил себеси како со радост ги исчекува, и воопшто не се трудеше да се буди порано од што е нужно.

Отпрвин будилникот го држеше крај креветот, се трудеше сè покусите периоди на будна состојба да му бидат исполнети во што поголема мера со активности, ги прередуваше книгите во својата библиотека, секое утро заминуваше со кола до лабораторијата на Витби за да ги прегледа најновите рендгенски снимки, а секоја минута и час му беа грижливо распоредени како последни капки во чутурка.

За среќа, Андерсон ненамерно придонесе за тој да ја согледа бесмисленоста на таквото однесување.
Откако даде оставка на работатата во Клиниката, Пауерс и понатаму еднаш неделно со кола доаѓаше на контрола, која сега претставуваше чиста формалност. За време на, како што се покажа, последната контрола, Андерсон површно му направи крвна слика, согледувајќи ги зголемената тромост на мускулите на лицето, слабеењето на зеничните рефлекси и неизбричените образи.

Тој сочувствително му се насмевна на Пауерс од другата страна на масата за пишување, прашувајќи се што да му каже. Некогаш со поинтелигентните пациенти се трудеше да делува охрабрувачки, се обидуваше дури и да им даде некакво објаснување. Но, до Пауерс беше тешко да се допре - исклучителен неврохирург, човек кој секогаш е некаде на границата, кој во сопствен елемент се чувствува само кога работи на нешто непознато. Во себе си помисли: Жал ми е, Роберт. Што да ти кажам - “Дури и сонцето станува постудено” - ? Тој го посматраше Пауерс како немирно добува со прстите врз емајлираната површина од масата повремено фрлајќи поглед кон топографските мапи на 'рбетниот мозок закачени по ѕидовите. Наспроти неуредниот изглед - ја носеше истата стуткана кошула и валканите патики од минатата недела - Пауерс делуваше мирно и сигурно, налик на некаков скитник од некое дело на Конрад, помалку-повеќе помирен со сопствените слабости.

“Со што се занимаваш, Роберт”, запраша Андерсон. “Дали сè уште одиш во лабораторијата на Витби?”
“Колку што можам. Ми треба половина час да го поминам езерото, а нон-стоп го преспивам будилникот. Можеби таму ќе се преселам за постојано.”
Андерсон се намурти. “Има ли смисла? Колку што можев да сфатам, работата на Витби беше прилично спекулативна - “ Нагло застана, сфаќајќи дека со тоа имплицитно ја критикува и работата на Пауерс на Клиниката, која имаше катастрофални последици, но овој тоа изгледа го игнорираше и се занимаваше со разгледување на сенките на таванот. “Како и да е, зарем не е подобро да останеш каде што си, меѓу своите работи, повторно да ги прочиташ Тојнби и Шпенглер?”
Пауерс кусо се насмеја. “Тоа е последната работа што ја сакам. Се обидувам да ги заборавам Тојнби и Шпенглер, не да ги запомнам. Всушност, Пол, би сакал сè да заборавам. Не знам, меѓутоа, дали имам доволно време за тоа. Колку може да се заборави за три месеци?”
“Белки сè, ако го сакаш тоа. Но, не се обидувај да се тркаш со времето.”

Пауерс молкум кимна со главата, повторувајќи си ја во себе последнава забелешка. Тркање со времето, тоа беше она што дотогаш го работеше. Кога стана и кога се поздрави со Андерсон, одеднаш реши да го фрли будилникот, да се тргне од залудната опседнатост со времето. За себеси да се потсети на тоа, го симна рачниот часовник, ги поремети сказалките, а потоа го бутна в џеб. Одејќи кон паркиралиштето, размислуваше за слободата што му ја донесе овој едноставен чин. Сега ќе ги истражува страничните патишта, би можело да се рече, споредната врата во ходниците на времето. Три месеци можат да бидат како вечност.

Го здогледа својот автомобил во низата паркирани коли и отиде до него, затскривајќи ги очите од јакото сонце што блескаше од кровот на амфитеатарот за предавања со параболична форма. Кога сакаше да влезе во колата, забележа дека некој во прашината наталожена врз ветробранското стакло со прст напишал:

96 688 365 498 721

Вртејќи се преку рамото, го препозна белиот “пакард” паркиран до неговата кола, ѕирна внатре и здогледа еден млад човек со тенко лице, со сина коса избелена од сонцето и со високо церебротонично чело како го посматра низ темните наочари. Покрај него, крај воланот, седеше црнокоса девојка која често ја гледаше на одделот за психологија. Имаше проникнувачки но некако мошне коси очи, и Пауерс се присетуваше дека помладите лекари ја нарекуваа “девојката од Марс”.

“Здраво, Колдрен, му рече Пауерс на младиот човек. “Сè уште ме следите наоколу?”
Колдрен кимна со главата. “Поголемиот дел од времето, докторе.” Лукаво го измерка Пауерс. “Всушност, слабо ве гледаме во последно време. Андерсон рече дека сте заминале од Клиниката, а забележавме дека вашата лабораторија е затворена.”
Пауерс ги наведна рамениците. “Ми требаше одмор. Како што и самите сфаќате, многу работи уште еднаш треба да се промислат.”

Колдрен напола потсмешливо се намурти. “Жал ми е што го слушам тоа, докторе. Но, не дозволувајте тие привремени застои да ве фрлат во депресија.” Тој забележа дека девојката љубопитно го гледа Пауерс. “Кома е ваша обожавателка. И’ ги дадов вашите трудови од Американското списание за психијатрија, и таа го прочита целото досие.”
Девојката љубезно му се насмевна на Пауерс, за момент неутрализирајќи ја нетрпеливоста помеѓу двајцата мажи. Кога Пауерс и’ кимна со главата, таа се наведна преку Колдрен и рече: “Всушност, токму ја завршив автобиографијата на Ногучи - големиот јапонски лекар кој ја откри спирохетата. На некој начин ме потсетувате на него - толку сте присутен во сите пациенти со кои сте работеле.”

Пауерс усилено и’ се насмевна, а потоа неволно го погледна Колдрена во очи. За момент мрачно ѕвереа еден во друг, а потоа десниот образ на Колдрен почна иритантно да трепери заради малиот тик. Овој ги згрчи мускулите на лицето, со напор по неколку секунди го совлада треперењето, очевидно изнервиран зашто Пауерс е сведок на краткотрајната непријатност.
“Како беше денес на Клиниката?”, запраша Пауерс. Имавте уште... главоболки?”
Колдрен нагло ја затвори устата и одеднаш доби раздразлив изглед. “Чиј пациент сум јас, докторе? Ваш или на Андерсон? Треба сега да ми поставувате такви прашања?”
Пауерс направи движење како да се извинува. “Можеби и не треба.” Се поткашла; жештината му ја тераше крвта од глава и чувствуваше умор и желба да се ослободи од друштвото. Се сврте кон својот автомобил, и тогаш се сети дека Колдрен веројатно ќе го следи и ќе се обиде да го натера да скршне во некој ендек или ќе му го блокира преминот и ќе го присили да голта прашина за време на целиот пат до езерото. Колдрен е кадарен да направи секакви глупости.
“Е па морам да се вратам и да земам нешто”, рече тој и додаде со посигурен глас: “Обратете ми се мене ако не можете да го најдете Андерсон.”

Им мавна и се оддалечи одејќи зад низата од паркирани коли. Гледајќи го одблесокот на прозорците, виде како Колдрен внимателно со поглед го следи преку рамото.
Тој влезе во крилото на зградата каде што беше одделот за неврологија, со олеснување застана во пријатно разладеното фоаје, им кимна на двете болничарки и на вооружениот чувар на рецепцијата. Од некоја причина пациентите во завршниот стадиум кои спиеја во соседниот блок соби за спиење привлекуваа купишта сеирџии; повеќето од нив беа отшрафени типови кои тврдеа дека поседуваат некаков волшебен лек против наркома, или просто беа безделници, но имаше тука и голем број сосема нормални луѓе, меѓу кои многумина беа патувале илјадници милји оти некаков необичен нагон ги водеше кон Клиниката како животни кои мигрираат за да видат како ќе изгледаат гробиштата на нивниот вид.

Тој низ ходникот отиде до канцеларијата на надзорникот која гледаше кон рекреациониот блок, го позајми клучот и се упати преку тениските терени и покрај гимнастичките справи кон затворениот базен за пливање на спротивниот крај. Базенот со месеци беше надвор од употреба, и само Пауерс за време на своите посети ја отклучуваше влезната врата. Влегувајќи внатре, тој ја затвори вратата зад себе и помина покрај дрвените кабини од кои кои се лупеше боја, одејќи кон подлабокиот крај на базенот. Со едната нога потпирајќи се врз штицата за скокови во вода, тој погледот го насочи удолу, кон Витбиевиот идеограм. Делумно го прекриваа влажни листови и парчиња хартија, но беше можно некако да се согледаат контурите. Идеограмот го прекриваше речиси целото дно од базенот, и на прв поглед се чинеше дека претставува сончев диск со огромни размери и со четири знаци во форма на ромб, некаква примитивно нацртана јунговска мандала.

Размислувајќи за тоа што го натерало Витби да го вреже симболот пред да почине, Пауерс забележа дека нешто се движи низ кршот во средиштето на дискот. Некакво црно животно прекриено со оклоп долг приближно една стапка душкаше по тињата влечејќи ги уморните нозе. Нејзиниот оклоп, од зглобен тип, малку потсетуваше на оклоп на армадило. Довлечкувајќи се до работ од дискот, животинката нерешително застана, а потоа бавно се врати кон средиштето, се чини неспремна или немоќна да ја пречекори тесната бразда.

Пауерс се сврте околу себе, потоа влезе во една од кабините за пресоблекување и од рѓосаната полица на ѕидот симна една мала кутија која служеше за одлагање на облека. Носејќи ја со една рака, низ хромираните скали се спушти во базенот и претпазливо преку лизгавото дно тргна кон животното. Додека му се приближуваше, тоа отстапуваше пред него, но тој лесно го фати користејќи го поклопецот за да го уфрли во кутијата.

Животното беше тешко како цигла. Пауерс со прстот чукна по масивната черупка со боја на црна маслина, забележувајќи ја брадавичастата глава со триаголен облик која подѕирна преку работ на оклопот налик на глава од желка, како и задебелувањата под првите прсти на предните екстремитети кои се состоеја од вкупно пет прсти.
Ги посматраше очите со трикратни капаци како загрижено мижуркаат кон него од дното на кутијата.
“Се спремаш за пожестоко сонце?”, промрморе тој. “Оловниот чадор што го носиш со себе би требало да те заштити.”

Го спушти поклопецот, се качи низ скалите и се упати назад кон канцеларијата на надзорникот, а потем кутијата ја однесе до својот автомобил.

... Колдрен продолжува да ме прекорува (запиша Пауерс во својот дневник). Од некоја причина не сака да ја прифати својата изолираност, разработува цела низа ритуали од личен карактер со цел да ги надомести часовите сон. Можеби треба да му кажам дека се ближи моментот до мојот последен сон, но тој тоа би го сфатил како последна неподнослива навреда - дека јас го имам и отповеќе она по што тој толку силно копнее. Само Господ знае што стварно ќе се случи. За среќа, се чини дека кошмарните визии привремено исчезнаа...

Буткајќи го дневникот од себе, Пауерс се наведна нанапред потпрен врз масата за пишување и се загледа низ прозорецот во белото дно на езерото кое се пружаше кон ритчињата на хоризонтот. Три милји понатаму, на спротивниот брег, се гледаше тркалезната чинија на радио-телескопот која бавно се вртеше во прозрачниот воздух на попладнето, додека Колдрен неуморно се обидуваше да го дофати небото зафаќајќи со чинијата милиони и милиони кубни парсеци од јаловиот етер, налик на номадите кои го зафаќаа морето долж брегот на Персискиот залив.

Зад неговиот грб се слушна тивкото брмчење на апаратот за климатизација кој ги разладуваше бледосините ѕидови делумно скриени во полумракот. Надвор воздухот беше тежок и блескав, а брановите врелина се мрешкаа надоаѓајќи од групите кактуси со златна боја под Клиниката, замаглувајќи ги острите рабови на терасите на дваесеткатниот блок на одделот на неврологија. Таму, во собите за спиење исполнети со тишина зад спуштените завеси, пациентите во завршниот стадиум спиеја потонати во долг сон без сништа. Сега на Клиниката ги имаше над 500, претходница на огромната армија месечари која се собира за да тргне на својот последен марш. Изминаа само пет години од моментот кога беше констатиран првиот случај на синдромот наркома, но на исток, поради сè поголемиот број случаи, според програмите на Владата веќе беа подготвувани огромни болници што требаше да ги прифатат илјадниците нови пациенти.

Пауерс одеднаш почувствува умор и фрли поглед врз зглобот од раката прашувајќи се колку време му останало до осум часот, што во текот на следната седмица, или така некако, ќе биде време за заминување на починка. Сега веќе не дочека да ја види квечерината, наскоро за последен пат ќе види како изгрева зората.

Часовникот му беше во џебот од панталоните. Присетувајќи се на својата одлука да не користи часовници, се беше завалил во фотелјата загледан во полиците со книги крај масата за пишување. Таму беа нанижани публикациите со зелени корици на Комисијата за атомска енергија, коишто ги беше собрал од библиотеката на Витби, трудови во кои биологот ги опишуваше испитувањата што самиот ги вршел на Пацификот по пробните експлозии на хидрогенските бомби. Многу од тие трудови Пауерс ги знаеше речиси наизуст, со оглед на тоа дека ги читал стотина пати, обидувајќи се да ги разбере последните заклучоци на Витби. Тојнби секако е полесен за заборавање.

Пред очите за момент му се смрачи кога висок црн ѕид во неговата потсвест со својата голема сенка го прекри неговиот ум. Посегна кон дневникот, размислувајќи за девојката во колата на Колдрен - ја беше нарекол Кома, уште една негова налудничава шега - и за тоа како таа го спомнуваше Ногучи. Всушност, таа требаше Јапонецот да го спореди со Витби, а не со него; чудовиштата од лабораторијата, како онаа гротескна жаба со оклоп за заштита од радијација која утрото ја беше пронашол во базенот, се само фрагменти на огледалото на Витбиевиот ум.

Размислувајќи за девојката по име Кома и насмевката што му ја упати како охрабрување, тој запиша:

Се разбудив во 6:33. Последна контрола кај Андерсен. Јасно ми стави до знаење дека му е доста од мене и дека отсега е подобро да бидам сам. На спиење во 8:00? (ме ужаснува одбројувањево)

Застана, а потоа додаде:

Збогум, Ениветок.

 

Илустрации: Neo Rauch

ОкоБоли главаВицФото