Критичка расправа: Може ли кризата во Македонија да се надмине без граѓанско учество во преговорите?

18.07.2016 02:28
Критичка расправа: Може ли кризата во Македонија да се надмине без граѓанско учество во преговорите?

критичка расправа

Може ли политичката криза во Македонија да се надмине без граѓанско учество во преговорите и спроведувањето на политичкиот договор?

Учесници: Сашо Орданоски, Стево Пендаровски, Марјан Забрчанец, Суад Мисини, Мaриглен Демири

Модератор: Жарко Трајаноски


Понеделник, 18 јули, Мобилна галерија, Парк на Франкофонија, 19.30 часот

 

„Контрапункт - асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи културни практики“ и здружение на граѓани „Есперанца - Светски културен центар“, ве покануваат на возбудлива критичка расправа.

Со оваа завршна расправа, која е дел од поширокиот концепт за „Поттикнување култура на критичко мислење, пишување и дебатирање“, сакаме да ги отвориме клучните прашања за понатамошната иднина на Македонија како еманципирана, демократска земја која почива врз граѓанските принципи и механизми за демократизација на општеството, врз владеењето на уставот и правото и врз партиципативните граѓански модели на управување со клучните општествени сегменти.

За да ја видиме ваквата Македонија, секако нужно мораме да ги преиспитаме досегашните модели на градење политики, но и да ги промислиме идните. Токму затоа го поставувавме како фундаментално прашањето: Може ли политичката криза во Македонија да се надмине без граѓанско учество во преговорите и спроведување на политичкиот договор?

Ова прашање го гледаме како клучно, бидејќи во него се стекуваат сите дилеми кои извираат од актуелната политичка криза: дали, кога и какви избори ни се потребни како решение на политичката криза во Република Македонија; кои се алатките со кои ќе се гради новото општество; кои се научените лекции од десетгодишното владеење

на Никола Груевски, но и од претходните етапи од градењето на самостојна Македонија; како ќе го надминеме султанскиот партиски концепт кој досега го игнорираше значењето на граѓаните.

Протестното движење побара да се вклучи во процесот на преговори и на барање излез од кризата. Но јасно се откажа од партиски мандат.

„...Граѓанската вклученост не треба да подразбира дека претставниците на граѓанското општество имаат претставнички мандат, ниту дека тие претставуваат гласачко граѓанско тело. Следствено на тоа, претставниците на граѓанскиот сектор нема да имаат улога, надлежност и мандат да одлучуваат во рамки на преговорите. Тој мандат го имаат партиите кои преку делегирани пратеници во Собранието треба да ги преточат договорените услови во практични законски решенија кои потоа владините институции и независните тела треба да ги спроведат.“ 

Протестното движење е ресурс и платформа која стои на располагање да го модерира процесот на комуникација во рамки на граѓанскиот сектор, со цел да се овозможи размена на информации меѓу организаторите на преговорите и страните кои се заинтересирани за учество, како и да обезбеди диверзитет и инклузивност...

Дали игнорирањето на оваа иницијатива го турка граѓанското движење кон партизација и колку таквиот процес може да биде погубен за развојот на граѓанскиот концепт во нашето општество? Какви се капацитетите на граѓанското општество да понуди нов модел на општествен развој и кој ќе ги отстрани аномалиите на системот граден по осамостојувањето?

Во Македонија сме сведоци на целосно отсуство на стратешки обмислен социо-културен простор во кој би се промовирало и обликувало критичкото мислење кое е основа за развојот на одржлива политичка култура. Здружение на граѓани „Контрапункт“ – Скопје и Здружение на граѓани „Есперанца - Светски културен центар“, заедно со сите свои соработници имаат цел низ концепт за поттикнување критичка култура, заеднички да креираме простор на концентрирана критичка граѓанска активност која ќе промовира поинаков концепт на политичка култура, граѓанско критичко дебатирање, мислење и пишување кое ќе ги акцентира вредностите на аргументативна артикулација и ќе придонесе кон граѓанска партиципативност и демократизација на јавната сфера.

Во социо-културниот контекст каде што се случува целосна девастација на политичката култура и недостиг на дијалог во културните формации и различните културни идентитети и практики, нужно e формирањето на јадро кое критички ќе ги преиспитува можностите и границите за формирање на оние формати на комуникациски алатки и вредности кои ќе бидат база за понатамошни дискурзивни, но и оперативни, активистички, социо-културни и политички артикулации, на и во јавната сфера. 

„Поттикнување култура за критичко мислење, пишување и дебатирање“ е партнерски проект на Здружение на граѓани „Контрапункт“ – Скопје и Здружение на граѓани „Есперанца - Светски културен центар“, Скопје, кој се реализира со поддршка од страна на Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија и од страна на Советот за глобална соработка.