Протест против мали хидроцентрали на Кожуф: Ништо не знаевме додека не видовме багери

20.09.2023 09:04
Протест против мали хидроцентрали на Кожуф: Ништо не знаевме додека не видовме багери

Стотици граѓани од Југоисточниот регион, но и од други делови од државата денеска се собраа кај локалитетот Смрдлива вода кај Гевгелија на протест против најавената изградба на две мали хидроелектрани на реката Дошница на планината Кожуф.

Граѓанските иницијативи од овој крај бараат да се зачува природата и како што велат, последната река од која може да се пие вода, а концесиите за енергетските објекти да бидат одземени. Најавија дека ќе останат на планината и дека ќе ја бранат и со жив ѕид до повлекувањето на градежните машини.

На протестот тие ја прочитаа и Декларацијата за спас на Кожуф со која порачаа дека очекуваат од властите во следните два месеци да донесат одлука за стопирање на сите активности за изградба на малите хидроелектрани „Папрад“ и „Баров дол“ на реката Дошница, да почнат постапка Кожуф да се прогласи за национален парк, а подружниците на Државното претпријатие за шуми во Кавадарци, Демир Капија и Гевгелија да станат јавно претрпијатие кое ќе управува со националниот парк.

„Бараме стопирање на сите активности поврзани со малите хидроцентрали на Дошница. Нема да дозволиме таа убавина да заврши како други реки каде што веќе се изградени вакви објекти“, вели Тодор Стојановски од иницијативата „Спас за Кожуф-Дошница“.

Активистите велат дека доколку Владата не ги исполни барањата, граѓаните сами ќе ја заштитат планината, ќе ги блокираат сите пристапи до неа и нема да дозволат какви било дејности на неа.

Од друга страна, тие се револтирани и што за двете мали хидроцентрали дознале пред неполн месец, кога багерите се појавиле на падините на планината. Досега никој од локалните власти не ги информирал за вакви инвестиции, не слушнале за јавна расправа за нив, ниту пак се сретнале со инвеститор.

„Градежните машини ни беа сигнал дека нешто се случува, па откога се распрашавме, од човек на човек, дознавме дека уште во 2020 година Советот на Кавадарци ја поддржал оваа изградба, дека имало и Елаборат за влијание врз животната средина, па дури и работници се донесени и се сместиле во локалните сместувачки капацитети, но тоа очигледно добро се држело во тајност бидејќи невозможно е да не сме разбрале ништо досега“, вели Стојановски.

Посочува дека изминатите денови имале и средба со министерката за животна средина Каја Шукова, која им посочила дека овие хидроцентрали имаат целосна документација и дека доколку се раскинуваат овие договори ќе се исплаќаат пенали. Заради тоа, вели тој, ангажирале и тим адвокати.

„Направија 100 мали хидроелектрани, овие две на реката Дошница нема да ги направат. Додека е потребно ние ќе останеме на Кожуф и со жив ѕид ќе се спротивставиме на неговото уништување. Машините на олигарсите нема да го чепнат Кожуф“, порачаа денеска активистите.

И премиерот Димитар Ковачевски на почетокот на неделава рече дека инвеститорите постапките за овие два објекта започнале прeд шест-седум години и веќе е издадена дозвола за хидроцентрали, но сепак дека ќе се побара и мислење од граѓаните.

„На барање на населението кое е против изградба, министерката за животна средина ги информираше дека таа постапка е водена со години и е завршена согласно со законските процедури. И дека раскинувањето на договорот значи плаќање на пенали и обесштетување на инвеститорите, бидејќи тие добиле дозвола согласно со закон, согласно со законски водена процедура“, рече Ковачевски, но додаде и дека не знае зошто досега граѓаните не го кажале својот став и дека Владата ќе ги сослуша.

Извор : https://meta.mk/

ОкоБоли главаВицФото