Еве сме

26.03.2024 03:20
Еве сме

Младичот во новиот син костим го намести блескавиот багаж во тесните ќошеви на Пулман кабината. Возот потскокнуваше по кривините и отскокнуваше по правите шини, со што задржувањето на рамнотежата претставуваше пофално и спорадично достигнување; младичот ги туркаше и креваше, и ги потпикнуваше и поместуваше торбите со сосредочена грижа.

Сепак, осум минути за да се наместат два куфери и кутија за шапка е многу време.

Седна, наслонувајќи се на зеленото неизлижано кадифе, наспроти девојката во беж. Таа изгледаше како штотуку излупено јајце. Шапката, крзното, фустанот, ракавиците, сѐ беше сјајно и неизгужвано. На лакот на тенкиот лизгав ѓон на едниот беж чевел стоеше залепено ситно долгнавесто хартивче, на кое беше испишана платената цена за чевелот и неговиот сопатник, како и името на продавницата од каде што излегле.

Девојката занесено зјапаше надвор низ стаклото, небаре воодушевена од излитените рекламни паноа што ја величеа појавата на бакаларот без коски и прозорците на кои ’рѓата не им може ништо. Додека младичот се сместуваше, таа љубезно ги оттргна очите од прозорецот, се сретна со неговиот поглед,, се поднасмевна, но не се досмеа, па се загледа некаде над неговото лево рамо.

„Е, па, добро!“ рече младичот.

„Е, па, добро!“ рече таа.

„Па, еве сме“, рече тој.

„Еве сме“, рече. „Нели?“

„Така ми личи“, одговори тој. „Аха. Еве сме.“

„Е, па добро!“ рече таа.

„Е, па добро!“ одговори тој. „Па. Како е чувството да си госпоѓа, а не госпоѓица?“

„Уф, прерано е за тоа прашање“, одговори таа. „Барем - овај де. Па, мислам, Господи, во брак сме околу три часа, нели?“

Младичот го проучи часовникот на зглобот небаре штотуку научил да го чита времето.

„Во брак сме“, рече тој, „точно два часа и дваесет и шест минути.“

„ Боже мој“, рече таа. „Ми делува како подолго.“

„Не“, рече тој. „Нема ни шест и пол.“

„Ми се чини како да е подоцна“, рече таа. „Може зашто се стемнува многу рано.“

„Да, така личи“, рече тој. „Ноќите ќе бидат прилично долги отсега натаму. Овај де. Овај – па, се стемнува рано.“

„Немав поим колку е часот“, рече таа. „Сѐ ми е испомешано, како да не знам каде сум или што се случува. Враќањето од црква, па сиот тој народ, па преслекување, па сите фрлаа работи и што уште не. Господе, не сфаќам како го прават ова секој ден.“

„Што да прават?“ праша тој.

„Да се земаат“, одговори таа. „Кога ќе помислиш на сите тие луѓе, низ цел свет, се земаат како да е ништо. Еден куп Кинези и сите други. Баш како да е ништо.“

„Ајде да не се грижиме за луѓето низ светот“, рече тој. „Да не мислиме многу на Кинезите. Може да мислиме на други работи. Овај де. Овај – па, што ни е гајле за нив?“

„Знам“, рече таа. „Но, некако почнав да размислувам за нив, за сите нив, насекаде, како го прават тоа цело време. Барем, овај, знаеш– да се венчаваат. И тоа е – па, тоа е толку голема работа што ти е чудно. Помислуваш на нив, сите тие, сите го прават како да е ништо. И како знаат што ќе се случи следно?“

„Остави ги нив да се грижат“, рече тој. „Ние не мораме. Многу добро знаеме што ќе се случи следно. Овај де. Овај – па, знаеме дека ќе биде супер. Па, знаеме дека ќе сме среќни. Нели?“

„Се разбира“, рече таа. „Само кога ќе помислиш на сите тие луѓе, не можеш да престанеш. Малку ти е чудно. На многу луѓе бракот не им оди на добро. А сите тие веројатно мислеле дека ќе им биде супер.“

„Ајде, сега“, рече тој. „Не се почнува меден месец вака, со олку размислување. Види нѐ – се зедовме и сѐ е завршено. Овај. Со свадбата е сѐ завршено.“

„Ех, убаво беше, нели?“ праша таа. „Навистина ти се допадна превезот?“

„Изгледаше добро“, одговори тој. „Баш добро.“

„Ех, навистина ми е драго“, рече таа. „Ели и Луиз изгледаа прекрасно, нели? Баш ми е мило што на крај се одлучија за розово. Изгледаа навистина прекрасно.“

„Слушај“, рече тој. „Да ти кажам нешто. Додека те чекав во црквата, ги видов двете деверуши, и си помислив, ‘Види ти, никогаш не би ми текнало дека Луиз може да изледа така!’Па, очи би му попаднале на човек.“

„Така ли?“ рече таа. „Интересно. Се разбира, сите мислеа дека фустанот и шапката ѝ се убави, но многумина мислеа дека изгледа некако уморно. Луѓето често го велат тоа во последно време. Им кажувам дека тоа е ужасно што одат наоколу и озборуваат. Им кажувам дека треба да се сетат дека Луиз не е повеќе толку млада, и не можат да очекуваат да изгледа така. Луиз може колку сака да кажува дека има дваесет и три години, но повеќе ближи кон дваесет и седум.“

„Па, на свадбата секако изгледаше како авион“, рече тој. „Човече!“

„Баш ми е мило што така мислиш“, рече таа. „Мило ми е што барем некој така помислил. Како ти изгледаше Ели?“

„Па, искрено не ја ни забележав“, рече тој.

„Така ли?“ рече таа. „Па, јас мислам дека тоа е баш штета. Не би требало ова да го кажувам за сопствената сестра, ама никогаш не сум видела некој да изгледа толку убаво како Ели денес. И е секогаш толку фина и несебична, исто така. А ти не си ја ни забележал. Ама ти секако никогаш не ѝ обрнуваш внимание на Ели. Немој да мислиш дека не сум забележала. Баш ми е грозно тоа што не ја сакаш мојата родена сестра.“

„Ја сакам!“ рече тој. „Ја обожавам. Мислам дека е добро девојче.“

„Немој да мислиш дека тоа ѝ менува нешто на Ели!“ рече таа. „ Доволно луѓе трчаат по Ели. Не ѝ менува ништо дали ти се допаѓала тебе или не! Не се занесувај! Туку, само, многу ми паѓа тешко што не ти се допаѓа, само тоа ми е. Постојано си мислам, кога ќе се вратиме и ќе влеземе во станот, ќе ми биде многу тешко што нема да сакаш сестра ми да нѐ посети. Ќе ми биде многу тешко што никогаш нема да сакаш да ни дојдат моите. Знам што мислиш за моите. Немој да мислиш дека немам забележано. Ама, ако нејќеш веќе никогаш да ги видиш, ти губиш, а не тие. Не се занесувај!“

„Е, ајде, сега!“ рече тој. „Не сум сакал да ни дојдат твоите. Па, знаеш што мислам за нив. Мислам дека мајка ти – фина е. И Ели. И татко ти. Како не сум ги сакал?“

„Е, па, сум видела со свои очи“, рече таа. „Немој да мислиш дека не сум видела. Луѓе се земаат, и мислат дека сѐ ќe оди без проблем, и после сѐ се распаѓа оти некој ја нејќе фамилијата на некој друг, или така нешто. Не ми кажувај ти! Сум видела како се случува тоа.“

„Mиличка“, рече тој, „што е ова? Зошто се лутиш? Види, на меден месец сме. Зошто сакаш да се караме? Ах, изгледа си малку напната.“

„Јас?“ рече таа. „Зошто би била напната? Овај де. Овај, Господи, не сум напната.“

„Знаеш, многупати“, рече тој, „велат дека девојките некако се возбудуваат и стануваат чувствителни кога ќе помислат на – овај. Овај де – па, како што кажа, работите се сега ептен измешани и сѐ тоа. Но после тоа, сѐ ќе биде во ред. Овај. Овај де – па, види, душо, не изгледаш како да ти е баш удобно. Зарем не сакаш да ја извадиш шапката? И ајде повеќе да не се караме. Никогаш повеќе. Може?“

„Оф, извини што се налутив“, рече таа. „Изгледа се чувствував малку чудно. На сите страни бев, и потоа мислев на сите тие луѓе, насекаде, и потоа на тоа што сум олку далеку, сама со тебе. Некако е различно. Некако не е мала работа. Не може да кривиш човек дека размислувал, нели? Да, ајде никогаш повеќе да не се караме. Нема да бидиме како сите нив. Нема да се караме и да се вреѓаме или слично. Нели?“

„Жими сѐ нема“, рече тој.

„Мислам дека сега ќе го извадам шапкиштево“, рече таа. „Ме стега. Само стави го на решетката, може, драги? Дали ти се допаѓа, миличок?“

„Добро ти стои“, рече тој.

„Не, туку“, рече таа, „дали навистина ти се допаѓа?“

„Па, да ти кажам“, рече тој, „знам дека ова е новиот стил или така нешто и е веројатно добра. Не се разбирам за такви работи. Само што ми се допаѓаат шапки како твојана со сино што ја имаше. Е баш беше убава таа шапка.“

„А така ли?“ рече таа. „Епа, тоа е фино. Одлично. Првото нешто што ми го кажуваш, само што ме качи на возов, настрана од моето семејство и сѐ друго, е дека не ти се допаѓа мојата шапка. Првото нешто што ѝ го кажуваш на жена ти е дека има ужасен вкус за шапки. Па баш фино, нели?“

„Чекај, душо“, рече тој, „Не реков ништо такво. Само реков –“

„Тоа што не го разбираш“, рече таа, „е дека оваа шапка чинеше цели дваесет и два долари. Дваесет и два долари. А таа грозна стара сина шапка што мислиш дека ја сакаш, чинеше три и деведесет и пет.“

„Не ми е гајле колку чинеле“, рече тој. „Само реков – реков дека ми се допаѓа таа сина шапка. Не знам ништо за шапки. Ќе се заљубам и во оваа чим се навикнам на неа. Само што не е како твоите други шапки. Не се разбирам во новите стилови. Што знам јас за женски шапки?“

„Штета“, рече таа, „што не се ожени за некој кој ќе носи шапки какви што ти сакаш. Тие што чинат три долари и деведесет и пет центи. Зошто не се ожени за Луиз? Секогаш мислиш дека изгледа убаво. Би ти се допаднал нејзиниот вкус за шапки. Зошто не ја ожени неа?“

„Уф, бе душо“, рече тој. „Жити Бога.“

„Зошто не ја ожени неа?“ рече таа. „Откако се качивме на возов само за неа зборуваш. Седам и седам, и те слушам како кажуваш колку е Луиз прекрасна. Веројатно е фино, да ме донесеш дури до овде, сами, и потоа да ми дрндаш за Луиз пред нос. Зошто не ја побара за жена? Сигурна сум дека одма ќе скокнеше во тавче. Нема многу луѓе кои би ја запросиле. Штета што не ја ожени. Сигурна сум дека ќе беше многу посреќен.“

„Слушај, злато“, рече тој, „кога сме на темава, зошто ти не се омажи за Џо Брукс? Сигурно ќе ти ги подареше сите шапки од дваесет и два долари што ќе ги посакаше!“

„Епа и не сум баш сигурна дека не ми е криво што не го направив тоа“, рече таа. „Ете така! Џо Брукс немаше да чекада сме сами за да се потсмева на мојот вкус за алишта. Џо Брукс немаше да сака да ме повреди. Отсекогаш сум му била драга. Ете така!“

„Да“, рече тој. „Драга си му. Толку драга што не ни испрати подарок за свадбата. Ете толку си му била драга.“

„Случајно знам со сигурност“, рече таа, „дека е на пат, и штом се врати ќе ми подари што и да сакам за станот.“

„Слушај“, рече тој. „Не сакам ништо од него во нашиот стан. Што и да ти подари, ќе исфрлам. Ете тоа го мислам за твојон пријател Џо Брукс. А, впрочем, од кај знаеш каде е и што ќе направи? Дали ти пишува?“

„Не знаев дека пријателите не смеат да ми пишуваат“, рече таа. „Не слушнав дека има закон против тоа.“

„Е, па, не можат!“ рече тој. „И што ќе кажеш на тоа? Нема да дозволам жена ми да добива писма од беден трговски патник.“

„Џо Брукс не е беден патнички трговец!“ рече таа. „Не е. Зема одлична плата.“

„А така ли?“ рече тој. „Каде го слушна тоа?“

„Самиот ми кажа“, рече таа.

„Ааа, самиот ти кажал“, рече тој, „Сфаќам. Самиот ти кажал.“

„Како се дрзнуваш да зборуваш за Џо Брукс“, рече таа. „Ти и пријателка ти Луиз. Од уста не ја вадиш.“

„Оф, жити Бога!“ рече тој. „Што ми е гајле за Луиз? Само мислев дека ти е пријателка, толку. Замо затоа ја забележав.“

„Па секако ептен ја забележа денес“, рече таа. „На нашата свадба! И самиот кажа дека дури стоеше таму во црквата мислеше на неа. Баш пред олтарот. Баш пред Бога! И мислеше само на Луиз.“

„Слушај, душо“, рече тој, „не требаше да го кажам тоа. Кој знае какви луди мисли ти идат во главата кога чекаш да се ожениш? Ти го кажав тоа бидејќи мислев дека е лудо. Мислев дека ќе ти биде смешно.“

„Знам“, рече таа. „Се ми се испомеша денеска. Ти кажав веќе. Сѐ онака... чудно беше, знаеш. Мислев и на луѓено низ целиот свет, па сега одеднаш сами тука, и сѐ тоа нели. Знам дека и тебе ти е сѐ испомешано. Само што, кога зборуваше колку е Луиз убава, помислив дека тоа го правиш злонамерно.

„Ништо не сум кажал злонамерно!“ рече тој. ,,Само си помислив дека ќе ти биде смешно."

„Е, па, не ми е“, рече таа. „Не, знам дека не ти е“, рече тој. „И тоа како. Ах, мило, а треба да се смееме. Па, јагне мое, на меден месец сме. Што е проблемот?“

„Не знам“, рече таа. „Пред свршувачката многу се каравме, ама мислев дека сѐ ќе биде поразлично штом се земеме. А, сега толку ми е чудно. Некако осамено се чувствувам.“

„Па, мило“, рече тој. „не сме баш сѐ уште во брак. Овај. Овај – па, работите ќе бидат поинакви после. Боже. Овај, не поминало толку многу време од свадбата.“

„Не“, рече таа.

„Па, нема уште многу да чекаме сега“, рече тој. „Овај – па, ќе бидеме во Њујорк за околу дваесет минути. Потоа може да вечераме и да видиме што ќе сакаме да правиме. Или, овај. Има ли нешто посебно што сакаш да правиме вечерва?“

„Што?“ рече таа.

„Сакам да кажам“, рече тој, „сакаш да одиме на претстава или нешто така?“

„Па, што било“, рече таа. „Не знаев дека луѓето на театар и – овај, мора да напишам неколку писма. Ај те молам потсети ме да не заборавам.“

„Аха“, рече тој. „Ќе пишуваш писма вечерва?“

„Па, види“, рече таа, „за никаде бев денеска. Од толку многу возбуда и сѐ друго, не ѝ се заблагодарив на кутрата госпоѓа Спраг за лажиците за овошје, а потпирачите за книги од МекМајстерите сѐ уште ги немам искористено. Многу некултурно од моја страна. Морам вечерва да им пишам.“

„А, кога ќе ги завршиш“, рече тој, “може ќе може да ти донесам списание или кикирики.“

„Молам?“ рече таа.

„Овај“, рече тој, „за да не ти биде досадно.“

„Е, со тебе да ми е досадно!“ рече таа. „Будалче! Нели сме во брак сега? Досадно да не ми било!“

„Си мислев“, рече тој, „си мислев дека откако ќе стасаме, може да одиме право до Билтмор и да си го оставиме багажот, а може и да каснеме внатре, така нешто интимно, а после да правиме што сакаме. Овај. Овај – па, ајде да одиме право таму од станицата.“

„Да одиме тогаш“, рече таа. „Баш ми е мило што одиме до Билтмор. Го обожавам. Кога претходните двапати бев во Њујорк, со тато, мама и Ели, престојуваме таму и просто го обожавам. Секогаш ми е лесен сонот таму. Заспивам чим ја ставам главата на перница.“

„Така ли?“ рече тој.

„Така ми се чини“, рече таа. „Таму горе е многу тивко.“

„Може да одиме на некоја претстава утре вечер место вечерва“, рече тој. „Нели е така подобро?“

„Да, може е подобро“, рече таа.

Тој стана, успеа да задржи рамнотежа, премина на нејзината страна и седна до неа.

„Мораш ли да ги пишуваш писмата вечерва?“ рече тој.

„Па“, рече таа, „веројатно нема да стигнат побрзо ако ги напишам вечерва.“

Настана тишина полна со сѐ и сешто.

„И нема да се караме веќе, нели?“ рече тој.

„Оф, не“, рече таа. „Ич нема! Не знам што ми стана. Некако чудно ми беше, како кошмар, кога почнав да мислам на сите тие луѓе што се земаат цело време; а кај многу од нив сѐ се распаѓа поради кавги и што сѐ не. Ми ги испомешаа мислите. Оф, нејќам да бидеме како нив. Ама нема да бидеме, така?“

„Секако дека нема“, рече тој.

„Нема бракот да ни се распадне“, рече таа. „Нема да се караме. Сѐ ќе биде поинаку сега откако се зедовме. Прекрасно ќе биде. Подај ми ја шапката, може, мило? Време е да ја ставам. Фала. Ах, жал ми е што не ти се допаѓа.“

„Ама ми се допаѓа!“ рече тој.

„Кажа дека не ти се допаѓа“, рече таа. „Кажа дека ужасно изгледа.“

„Никогаш не сум кажал такво нешто“, рече тој. „Луда си.“

„Во ред, можеби сум луда“, рече таа. „Фала ти многу. Ама така ти ми кажа. Не дека е важно – ситница е. Ама необично ти е кога ќе размислиш како си се зел со некој што ти вели дека имаш ужасен вкус за шапки. Згора на тоа и дека си луда.“

„Слушај, сега“, рече тој. „Никој не рече такво нешто. Види, ја обожавам шапката. Колку повеќе ја гледам, толку повеќе ми се допаѓа. Мислам дека е одлична.“

„Пред малку не рече така“, рече таа.

„Мило“, рече тој. „Престани, добро? Зошто сакаш пак да се караме? Аман со таа шапка! Туку, ја обожавам шапката. Обожавам сѐ што носиш. Што друго сакаш да ти кажам?“

„Па, нејќам така да ми велиш“, рече таа.

„Кажав дека е одлична“, рече тој. „Само толку кажав.“

„Навистина мислиш така?“ рече таа. „Дали навистина? Ах, мило ми е. Не би сакала да ми ја мразиш шапката. Тоа ќе беше – не знам, ќе беше толку лош почеток.“

„Е па, луд сум по неа“, рече тој. „Фала Богу, го надминавме ова. Ах, душо. Јагне мое. Нема да имаме никакви лоши почетоци. Види нѐ – на меден месец сме. Наскоро ќе бидеме како секој брачен пар. Овај. Овај, за неколку минути ќе влеземе во Њујорк, па ќе појдеме во хотел и се ќе биде во ред. Овај – па, види нѐ! Еве сме земени! Еве сме!“

„Да, еве сме“, рече таа. „Нели?“

(1931)

Дороти Паркер (Dorothy Parker, 1893-1967) - американскa писателка, со левичарска политичка ориентација, во ерата на Сако и Ванцети и на Шпанската граѓанска војна. Во ерата на Мекарти била повикана пред Комитетот за антиамерикански активности. Позната е по својата иронична (сардонична) и духовита проза, како и по театарската критика, јасната и бистра поезија со прецизни изрази и пригушени емоции („Не толку длабока како бунар“) и лаконската социјална сатира во расказите. Пишувала и филмски сценарија и драми.

Карикатури: Virgil Partch (1916–1984)

Превод од англиски јазик: Тијана Алваџиоска, Иван Доневски и Викторија Илиовска

 

ОкоБоли главаВицФото