Геноцид зафрлен во избата на заборавот

12.04.2024 12:25
Геноцид зафрлен во избата на заборавот

Кој мисли дека убивањето луѓе е лесно, тој е во тешка заблуда. Кој, меѓутоа, го мисли спротивното – дека убивањето луѓе, особено кога се убиваат и деца, жени и стари, е многу мачна и безмалку невозможна работа за нормални луѓе, тој греши уште повеќе. Работата е во тоа што бројот на родени убијци и кољачи е исклучително мал и ограничен, па сите големи убивања во историјата, сите масовни клања, масакри и индустриски геноциди, ги имаат извршено армии на нормални луѓе. Потребно е да бидат исполнети само неколку историски, психосоцијални и политички услови за цели народи да станат извршители на геноцид, при што и младо и старо, и мажи и жени, знаат подеднакво да ги окрвават рацете, убивајќи или соучествувајќи во убивањето.

За цело едно општество да стане доброволен и свесен извршител на геноцид, потребно е првин да се обезбеди масовното чувство на загроза и страв од некоја друга група луѓе, малцинство, соседен народ или далечен, па дури и апстрактен непријател. Потоа, со помош на разгорувањето на Вечниот патриотизам, национализмот и расизмот, со кои другиот се издвојува според некое негово, колку и да е маргинално или непостоечко својство, се обезбедува неговата дехуманизација, односно обесчовечување. Откога ќе се дехуманизира и ќе се претвори во нечовек или потчовек, односно безвредно животно или инсект, без оглед дали другиот се мрази, презира или кон него се бива потполно рамнодушен – што е работа на индивидуалната психичка „рационализација“ на злото – извршителот на геноцидот може да го почне „крајното решавање“ на проблемот.

Клучна состојка во геноцидниот психосоцијален и културно-историски инженеринг на нациите извршители е поддршката на вишите сили: извршителите на геноцидите се убедени дека дежурниот бог е на нивна страна, што пак секогаш ја има и својата есхатолошка компонента – сфаќањето дека единственото трајно решение е крајното решение, односно тоталното истребување на другиот. Рака под рака со нејзиниот Бог, секоја нација може да се престори во ефективен извршител на геноцид (кој во својата конкретна форма и начин на извршување се разликува од случај до случај, во зависност од нивото на техничко-технолошката опременост и организираност).

Неверојатниот размер на Германците

Германците во својата нацистичка алотропска модификација практично ги користеа сите форми на геноцид, од масовни стрелања, преку изгладнување до смрт, па до индустриското убивање со задушување со гас и кремирање, додека хрватските Усташи го постигнаа историскиот рекорд во рачно колење со специјално орудие – месарскиот нож за колење – што беше популарно наречен „србосјек“. Во поново време, во Руанда сведочевме дека геноцидот може да се изврши со вчудовидувачка ефикасност и само со земјоделската алатка, наречена „мачета“, а денес гледаме дека геноцидот во Газа се врши со комбинација и на примитивните историски средства за масовно убивање, како што е изгладнувањето до смрт, но и со најсовременото индустриско убивање со сателитски наведувани бомби за разорување на зградите за домување и цели урбани структури во коишто живеат милиони луѓе.

Кога се исполнети трите основни услови за успешно извршување геноцид: 1. неговото оправдување како единствено решение за опстанокот на нацијата, оверено лично од Госпот Бок; 2. дехуманизација на другиот што треба да биде истребен; и 3. нормализација на геноцидот, односно банализација на злото, што е состојба на нацијата во која масовното убивање е општоприфатена, банална и секојдневна рутина што се одвива во заднина на нормалниот живот; кога се исполнети, значи, трите услови, геноцидот рутински се извршува со исчезнувањето не само на човечноста од свеста на целата нација извршител, туку и со губитокот на секаков вид мерка или пропорционалност на „извршувањето на божјата казна“ над проколнатите.

Кога во април 1941 година Германците ги поразија и окупираа Југославија и Грција, веќе летото истата година беа изненадени од жестокоста од кренатите народни востанија и организирани движења на отпорот. Особено во Србија, партизаните успешно извршуваа саботажи на комуникациските линии, но и летални напади на окупаторските инсталации и војска. Реакцијата на германските окупатори од самиот почеток беше геноцидна по својот карактер: уште во наредбата од 5 септември 1941 година, генералот Лист, главниот командант на окупаторските војски во регионот, издаде наредба во која на актите на саботажа од страна на партизаните треба да се одговори со „безмилосни мерки против востаниците, нивните соучесници, фамилии и соседи, со нивно масовно јавно бесење, горење до земја на околните села, фаќање на повеќе заложници од цивилното население, депортација во концентрациони логори и слично“.

Неговиот подреден, генералот Бем, задолжен за справувањето со воените работи во Србија, на 25 септември издаде наредба во која на сите единици под негова команда им е наредено дека „целото население на Србија мора да страда“, и дека „сите сомнителни жители, мажи, како и Евреи, треба да бидат уапсени како заложници, во случај на ненадејни напади. И, доколку се случат губитоци меѓу Германците (војници) или Фолксдојчерите, (…) треба да се изврши стрелање на заложниците според следните квоти: (а) За секој убиен или загинат Германец или Фолксдојчер да се стрелаат стотина затвореници или заложници, (б) за секој ранет Германец или Фолксдојчер да се стрелаат 50 затвореници или заложници“.

Првото големо геноцидно стрелање се случи во Крагуевац, од 19 до 21 октомври 1941, кога германските војници стрелаа 2.264 луѓе, случајно собрани од улиците и нивните домови, меѓу кои и 300 ученици од крагуевачката гимназија кои буквално биле извлечени од нивните училници. Во истото време беа стрелани и 1.700 цивилни заложници, жители на Кралево. До крајот на годината, Германците стрелаа 30.000 српски цивили, а до крајот на војната на овој начин се убиени најмалку 80.000 луѓе од двата пола и од сите возрасти. Германците во тие оловни времиња тоа го сметаа за нормално однесување, за оправдани мерки во заштита на скапоцените германски животи. Практично, ниту еден германски војник – учесник на огромниот број геноцидни активности во Југославија – во текот на Втората светска војна не одговарал за своите дела, и ниту една германска влада не се извини за сотрените повеќе од милион животи, за стотиците илјади робови-интернирци, за четиригодишниот геноцид и терор. Геноцидите се, очигледно, баналност која не предизвикува доволно внимание додека се вршат, а и лесно се забораваат, особено од страна на државите и нациите што ги вршат.

Сепак, останува во сеќавање макар неверојатниот размер со кој Германците ги вреднуваа нивните животи во споредба со жителите на Југославија. 100 безвредни Срби, Евреи и Роми за еден скапоцен Германец. Претпоставувам дека овој размер е усвоен и од Израел, кој врши педагошко геноцидно истребување на цивилните жители на Газа, како одмазда за 1.154 Евреи што Хамас ги уби во ужасниот масакр, извршен за време на терористичкиот напад на 7 октомври минатата година. Додуша, до 115.400 убиени Палестинци (што е германскиот стандард од 1:100) Израелската армија треба уште да поработи, но следејќи го нивниот резултат од изминатите пет месеци, мислам дека до есента оваа година ќе го достасаат завидниот германски рекорд, постигнат пред 80 години и сè уште ненадбиен.

Израелскиот геноциден резултат не е за потценување

Сепак, израелскиот геноциден резултат не само што не е за потценување, туку станува збор за вистински дострел во геноцидната дисциплина. Читајте внимателно. Досега Израел уби најмалку 32.705 Палестинци во Газа, од кои 10.000 деца и 9.000 жени. Со исчезнатите, како и со многуте неископани мртви тела под масивните бетонски зикурати од шут, бројот на убиени палестински цивили многу ја надминува бројката од 40.000. Израел за пет месеци истури на Газа (територија 8 километри широка и 35 долга) неверојатни 25.000 тони бомби, со вкупна сила како двете атомски бомби фрлени на Хирошима и Нагасаки, при што во прав претвори 263.400 домови, повеќе од 68 отсто од сите згради за домување, 60 отсто од зградите за образование, 13 библиотеки, 208 џамии и 195 места на заштитено културно наследство.

Што да се рече за крај? Никој не ги посрамоти милионите еврејски жртви на геноцидите што со векови им ги приредуваше европската „рајска градина“, како што во денешно време тоа го направи еврејската држава. Израел и понатаму го врши медиумски најпренесуваниот геноцид во историјата, а Соединетите Американски Држави, Велика Британија и земјите на Европската Унија не се соучесници во геноцидот, туку се негови директни учесници. Соучесници сме ние останатите што геноцидот го банализиравме и го поттурнавме во позадина на нашите досадни и јалови животи.

Слики: Ludwig Meidner (1884–1966)

Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото