Јонуз ги обвинува претходните селектори за слабите резултати на репрезентацијата во квалификациите

22.03.2011 15:15
Мирсад Јонуз

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Мирсад Јонуз на прес конференција го соопшти поширокиот список фудбалери кои ќе бидат повикани на следните натпревари за квалификациите за европското фудбалско првенство што ќе се одржи во Украина и Полска во 2012.

Нашата репрезентација се натпреварува во групата Б, и по 4 одиграни натпревари има само 4 бодови, една победа, едно реми и 2 порази, со што го зазема претпоследното, петто, место во групата, пред репрезентацијата на Андора, која е без бодови. Нашиот тим нема посериозни проблеми со повредите, освен полесната повреда на Горан Пандев на еден од претходните натпревари во италијанската лига, но се очекува тој навреме да ја санира повредата и да го предводи нашиот тим во натпреварите со Ирска.

Селекторот по соопштувањето на списокот на фудбалери, одговараше на прашањата на новинарите за моментната форма и шансите за пласман на Европското првенство Јонуз. Тој сè уште останува оптимист и верува дека тимот ќе смогне сили и ќе направи пресврт во овие квалификации, иако шансите за тоа се се помали.

За досегашните резултати, преку кои го загубивме и досега традиционалното четврто место на табелата, Јонуз без многу двоумење ги обвини претходните селектори, почнувајчи од Андон Дончевски, преку Драган Канатларовски, Ѓоко Хаџиевски, Џиџи Илиевски, сè до неговиот претходник Сречко Катанец.

„Овие селектори многу неодговорно ја вршеа својата работа со што придонесоа и ние да имаме навистина лоши резултати во овие квалификации. Начинот на кој тие ги спроведуваа тренинзите, дисциплината кај фудбалерите, тактиката и стратегијата за натпреварите, многу лошо се одрази и на нашите игри. Сето тоа ни беше камен на сопнување и едно бреме со кое не е лесно да се справи млад тим каков што е нашиот“.

На забелешките на новинарите дека овие обвинувања се всушност изговори и бегање од одговорноста, Јонуз енергично негираше и додаде:

„Замислете некој од овие селектори наместо да зема плата од по неколку илјади евра за работа и тренизни на секои 3 или 4 месеци, да постигнеше некаков реален успех во квалификациите, колку тоа нам ќе ни ја олеснеше работата? Замислете само, играте против Ирска, а тие знаат дека ние веќе сме играле, на пример, на 2 европски и 1 светско првенство? Како само тогаш тие ќе имаа, да не речам страв, ама сигурно силен респект кон нас со што и ние многу полесно ќе ги добивавме овие натпревари?“ – поентираше Јонуз.

Натпреварот со Ирска ќе се одигра на 26 март со почеток во 20:45 часот.