Зоонација

23.01.2012 11:55
Зоонација

Еден новинар во еден весник утврди дека лично господ знае зошто птиците летаат во јато. Тоа би требало да биде и објаснување зошто тој новинар е Македонец. Т.е. зошто лета во јато, со купче пердуви во главата.

Лично ѓаволот би знаел што го натерало на толкава искреност, но веројатно тоа е љубовта кон птиците, јагулите, крокодилите и другите животински видови од чие набљудување тој ги толкува тајните на сопствената егзистенција. Освен тоа, она што лично бог го знае треба да биде чиста мудрост, па ако сервирам такво нешто пред читателите по утринското кафе, си мисли нашиот новинар, ќе бидам делегиран мудросер – колумнист по мерка на природните процеси.

Проектантите на новиот светски поредок нема да успеат, како што не му успеа ни на пролетерскиот интернационализам, да ги протераат нациите на ѓубриштето на историјата – пишува нашиот новинар во еден весник – од едноставна причина што тие ја превидуваат самата онтолошка структура на човекот. Имено: пресилен е повикот на татковината!

Во која смисла е пресилен повикот на татковината, односно каква е таа онтолошка структура на човекот кога татковината го повикува толку силно? Еве го објаснувањето:

Меѓу другото, човекот е племенско суштество. Лично бог знае зошто птиците летаат во јато и зошто јагулата мора да го помине патот од Охрид до Саргашко море. Не го знае тоа ни јагулата, но сепак отпливува таму далеку за да снесе јајца од кои нови јагули повторно ќе запловат по Црн Дрим.

Овој широк и храбар зафат од областа на онтологијата, перадарството и марикултурата му беше потребен на нашиот новинар за пластично да го образложи собирањето на илјадници Македонци во Ниш, спремни таму да ги положат животите за победата на националната ракометна репрезентација. Сакале едноставно да бидат дел од тоа јато. Не треба да се сомневаме дека со подеднаква страст тие би тргнале и во војна против непријателот. (Додаток: Македонците воопшто не се осамени во својот национализам, што јасно се гледа и по другите бројни јата кои деновиве слетуваат по српските спортски сали. Можно е Хичкок, зафатен од мачнината на сличните настани, своевремено да го снимил „Птици“ токму поради овие појави.)

Нашиот новинар сака да предупреди на анималниот карактер на национализмот, на сопственото генијално откритие дека тоа чувство произлегува од самиот основен порив, т.е. од човековата (животинска) природа, од онтолошката структура на човекот. На страна тоа што нациите, во историска смисла, се нова појава, па ако во група ги држи онтолошката структура на човекот – бидејќи во човечкото суштество повикот на татковината е пресилен за нациите да бидат фрлени на историското буниште – тогаш веројатно и онтолошката структура на човекот е еден современ факт, настанат во 19 век. Како летале птиците, како пливале рибите, и како скокале мајмуните пред нациите да стапат на сцена, ќе дознаеме другпат.

Лично имам повеќе приговори поради тоа што во разјаснувањето на природното чувство на национална припадност, преку методата на зоолошка аналогија, неправедно се заобиколени некои видови како стениците, бубашвабите, црвите или бумбарите. А навистина одлично би звучела реченицата: лично господ знае зошто црвите се збираат на трупот...

Од друга страна, не може да се каже дека примерите од бестиариумот се избрани случајно. Авторот покажува таква смисла за нијанси што кај просечниот човек (со неговата онтолошка структура) јатото буди неспоредливо позгодни асоцијации одошто ројот или стадото.

Додека беше секретар во Сојузот на комунистите во претпријатието во кое и јас порано работев, нашиот новинар сметаше дека повикот на идеологијата, а не повикот на татковината, е тој што го собира јатото. А тоа што без проблеми успеа да ја замени идејата за комунистички универзализам со идејата за лојалност кон крвта и земјата е поради тоа што го красат особини на јагула: способност за змијулесто извиткување во потрага по соодветното јато, т.е. соодветното мнозинство; благотворната еластичност на кичмата, може да се каже. Па така, парадоксално, повикувајќи се токму на јагулите за да објасни дека човечките суштества не можат да му се спротивстават на страсното препуштање на националниот колективитет, нашиот новинар ги претстави своите индивидуални својства. Се дефинираше како поединец.

Тоа не ја поништува основната дефиниција на неговата македонштина – безумието. Однапред се оградувам од можните конотации на овој незгоден збор, бидејќи не го користам како вредносен суд, туку во неговото основно значење, бидејќи нашиот новинар, со помош на онтологијата и доброто познавање на фауната, образложува дека токму безумието е нужен предуслов за радосниот одговор на фаталниот повик на татковината: ако сакаш да бидеш верен припадник на нацијата, ако сакаш да бидеш дел од јатото, умот не смее да ти пречи во тоа.

Како што ни јагулата не знае зошто плива, но сепак плива онаму каде што ги положува јајцата, така ни нашиот новинар не знае зошто е Македонец, но евидентно е, па – не знаејќи зошто – ќе отплива до отворањето на некоја Триумфална капија за, заедно со друга група свои сограѓани, да ги положи своите јајца: таму љубовните крици кон татковината и онака ги продаваат под сомнителни етикети, како муда за бубрези.

Со други зборови, нашиот новинар не го користи разумот за да постапи како Македонец (птица, јагула), туку го користи исклучиво нагонот, а тоа значи дека е во состојба да се оствари како Македонец ако мозокот му е исклучен од целата животна операција. Со верно воздржување од размислувањето се ослободува нагонското гориво на здравиот национализам. Со оглед дека станува збор за релативно едноставна постапка, понекогаш се чини дека има многу повеќе Македонци одошто тоа статистички може да се заклучи.

Во близина на спортските арени тие никнуваат како печурки по дожд. Имајќи ги таквите предвид, познатиот мразач на спортот Џорџ Орвел во 1945 г. запишал: ако сакате да додадете нешто кон огромната залиха непријателство која постои во светот во моментов, тешко дека можете да направите нешто подобро од организирањето фудбалски натпревар меѓу Евреите и Арапите, Германците и Чесите, Индијците и Британците, Русите и Полјаците, Италијанците и Југословените, со тоа што секој натпревар треба да го гледа мешана публика од сто илјади гледачи.

Истото тоа го мисли и нашиот новинар но – за разлика од Орвел, кој немал поим од зоологија, па затоа пишувал басни наместо научно засновани колумни – тој не гледа ништо лошо во залихите непријателство, напротив, лично господ знае зошто тоа е потребно, како што не може да биде лошо кога јагулата, не знаејќи зошто, ќе отплива таму до Саргашко море за да ги положи јајцата...

Извор: nwbih.com

Колажи: Свирачиња

Напомена: Внесени се одредени измени во фактографијата на основниот текст

Други текстови од Иванчиќ на Окно

Да с`ибете век, соросоиди, гз

Да с`ибете век, соросоиди, гз ќе дадете да објавите текст против Македонците. :)

ОкоБоли главаВицФото