Од перо до пропелер

19.12.2011 16:09
Од перо до пропелеро

На едно обично новинарско прашање, дали во скоро време ќе има масовно оптуштање на работниците во весниците на МПМ, Срѓан Керим, генералниот менаџер на МПМ Македонија одговорил приближно вака: „Луѓето кои не се дораснати на денешните барања на весниците или ја пропуштиле шансата да се истакнат, на пријателски начин ќе ги упатиме во некои други животни предизвици“.

Признавам дека никогаш не сум наишол на поживописна формулација составена за вишокот работна сила да се клоцне во газот, па не можам да одолеам на нагонот да ја напишам уште еднаш. Значи: „Луѓето кои не се дораснати на денешните барања на весниците или ја пропуштиле шансата да се истакнат, на пријателски начин ќе ги упатиме во некои други животни предизвици“.

Дозволувам минимална можност споменатиот менаџер да сакал свесно да биде циничен и на јавноста да и’ подари мала порција сурова духовитост, но повеќе личи неговиот суптилен исказ да произлегува од усвоениот јазик на современото менаџерство, реторичкото поле каде што строго се почитуваат догмите на прогресот, виталноста, хуманоста и политичката коректност, што корисниците ги тера во вџашувачки креативни излети, такви каде што цинизмот веќе не е последица на свесен избор, нешто што би можело да се избегне, туку показател за суштинската позиција на оној што зборува. Во двете варијанти, корпорацијата се покажува како рај отсликан со „friendly“ бои: тука сè блеска од пријателски намери, животни предизвици, конструктивни односи, понудени шанси, свежи визии, темносиви костуми и од неприкосновените барања на денешницата.

Стрви-нови-нарство

Да се дефинира отказот како „пријателски начин на упатување во некои други животни предизвици“ е иновација вредна за воодушевување, покрај која новоговорот на Орвел изгледа како наивно брборење. Рафинираниот јазик на современото менаџерство непогрешливо дава до знаење дека во некогашните централни комитети седеа демагози-почетници, доктринарна ситнурија и боранија: комунистичките идеолози, во однос на своите капиталистички браќа, изгледаат како роба со фелер и сератори од низок ранг.

Сосема јасно можам да го замислам вработениот во „Дневник“ со околу дваесет и пет години работен стаж како чука на вратата на деловната секретарка:

- Добар ден, јас дојдов по новиот животен предизвик.

- А да, работната книшка ви е кај госпоѓата Ана, соба седумнаесет.

- Ви благодарам што на пријателски начин ме упативте...

Сепак, исчекорите на планот на отказната технологија ми изгледаат помалку интересни од оние кои се однесуваат на отказните причини. Менаџерот порача дека пред нови животни предизвици ќе ги стави „луѓето кои не се дораснати на денешните барања во весниците“, а бидејќи „барањата во весниците“ се подложни на постојани промени, така и споменатата категорија трудбеници – во овој случај новинарите на МПМ – мораат да негуваат флексибилен однос кон сопствената „дораснатост“: сите треба да го прифатат креативното искушение, да го следат духот на времето и да се потрудат да бидат „дораснати“ час на еден, а час на сосема поинаков начин.

Пред две-три години, да се напишеше критички текст за Љубе Бошковски секако укажуваше на недораснатост во тогашните „барања на весникот“, за разлика од „денешните барања“, кога критички текстови за Бошковски се бараат колку што е можно повеќе. Во ова фаза на развојот на корпорацијата, коментаторите кои месечно нема да произведат два до три разорни памфлети за ликот и делото на злосторникот Бошковски, заедно со неколку други опозиционерски злосторници, влегуваат во ризичниот збир на оние кои евидентно не дораснале на „денешните барања на весниците“, па чукнал часот да ги активираат потиснатите хиенски нагони (во трендот на стрви-нови-нарството), зашто во спротивност ќе им биде понудена пријателска помош во пронаоѓањето на некои други животни предизвици.

Иновативна цензура

Сосема јасно можам да го замислам главниот уредник на „Дневник“, Зоран Димитровски, како во договор со генералниот менаџер ги решава тековните проблеми:

- Шефе, оној наш колумнист напиша текст за криминалот на Фамилијата.

- Што значи тоа? Убаво се договоривме дека пишувањето за криминалот на Фамилијата не е во склад со денешните барања во весниците.

- Па, што да правиме?

- Молам авторот на пријателски начин да го упатите во некои други тематски предизвици.

- А ако не се согласи?

- Тогаш на пријателски начин упатете го во некои други животни предизвици.

Авторот, секако, избра да биде упатен во некои други тематски, а не други животни предизвици, зашто не е будала па заради погрешен избор на предизвикот да ја загрози егзистенцијата. Иако, има и поинакви примери.

Сосема јасно можам да го замислам главниот уредник на Дневник, Зоран Димитровски, како неколку дена по горенаведената епизода, во договор со менаџерот ги решава тековните проблеми.

- Шефе, еден од нашите автори доби вест дека член на Фамилијата е фатен со шише полно со пари на граничен премин.

- Зошто тоа воопшто би била вест?

- Затоа што веста дојде од странска полиција до нашата полиција, и оттаму до нашиот автор.

- Веста дека пари се пренесуваат во шише преку граница не е во склад со денешните барања во весниците.

- Па, што да правиме?

- Молам авторот на веста на пријателски начин да го упатите во некои други тематски предизвици.

- Веќе се обидов, но авторот не реагира.

- Тогаш на пријателски начин упатете го во некои други животни предизвици.

- Се плашам дека ни на тоа нема да се фати.

- А кој е тој автор?

- Агенциска вест.

Уредникот и менаџерот во пријателска атмосфера ги упатија по ѓаволите сите агенции, а веста во кантата за ѓубре. „Дневник“, како што е познато, не објавува ни елементарни информации за криминалите на Фамилијата, а сите стотина новинари и уредници овој иновативен цензорски потег молчејќи го прифаќаат, иако тој ги навредува основните постулати на старомодно сфатената професија – за да се покажат дораснати на „денешните барања во весниците“.

Воспаление на мозокот

Дотолку повеќе менаџерот не претерува кога вели дека „работата во весник е креативна“ и авторски напорна до таа мерка што „најчесто не може да биде работа за цел живот“. Оваа работа буквално убива, ако не човекот, тогаш барем личноста во човекот.

Од друга страна, разбирлива е причината поради која Срѓан Керим пред своите работници поставува високи професионални стандарди: тој едноставно би сакал весниците да пишуваат како што тој зборува. Да го користат јазикот на современото менаџерство и на публиката да и’ ја доближат реалноста онаква каква што не е. Читателите на пријателски начин да ги упатуваат во нови животни предизвици. Да им ја прикажат вистината во „friendly“ бои, розовкасти перспективи и темносиви костуми. Па ако изгледа дека весниците се зафркаваат со нив, тоа барем ќе биде систематски решена работа и ќе ја легитимира корпорацијата на пристоен начин.

Смислата на јазикот на современото менаџерство не е со него да се пренесуваат цинични пораки, туку тој сам по себе ја репрезентира циничната позиција на оние кои го користат. Доколку новинарите не се во состојба да го сфатат, менаџерот лично ќе ги поучи со својот пример. Впечатлив пример е еден друг одговор на новинарско прашање, од истиот медиумски могул:

„Најголем проблем е што нашата зграда има ’дупка’ во средината, па мораме да одиме одоколу, а ние сакаме ‘open space’ заради нашиот ’пропелер’. Имено, ќе ги прегрупираме луѓето и производите според поединечни области. Тоа го нарекуваме ’пропелер со четири елиси’, односно ќе ги централизираме тематските области: ‘news’, ‘life’, спорт и дигитални операции.”

Од тоа се гледа дека на менаџерот не му е лесно. Цел ден го поминува на работа, одблизу ја контролира работата на она што го нарекуваме „пропелер со четири елиси“, со силен ветер ги прегрупира луѓето и производите, потоа производите и луѓето, ја надгледува и штима секоја од елисите, со часови е изложен на силен пропелерски провев, а недостатокот на оно што го нарекуваме „open space” дополнително ги отежнува условите. Кога ќе дојде дома не се чувствува добро. Во главата му чука, чувствува неиздржлива болка во синусите и во слепоочниците, тенот му е мрачен, очите закрвавени, а од устата му излегуваат саде пиздарии. Тоа го нарекуваме воспаление на мозокот.

Напомена на уредникот

Извршени се неколку промени во фактографијата на основниот текст. Главната измена се состои во тоа што името на директорот на хрватскиот ВАЦ (нивното МПМ), Нино Павиќ, во нашата верзија е променето со името на Срѓан Керим, директорот на овдешниот ВАЦ-МПМ.

Оригиналниот текст можете да го прочитате на следниот линк.

Колажи: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото