Грујо, или за болката

21.11.2011 13:05
Грујо, или за болката

Будејќи се со неподнослива главоболка, прва која ја памти за целиот свој живот, Никола Груевски веднаш насети дека не станува збор за обична мигрена туку терористички чин. Иако имаше впечаток дека очите му се отворени, не гледаше ништо од густиот дим кој, однатре, се ширеше од едно до друго уво. Се обиде да ја разбуди жена си, но таа го клоцна со ногата во препони и се сврте на другата страна. Со крајни напори на својата волја, додека главата му пукаше од болка, се лизна од креветот, отползе преку собата, се докопа до мобилниот телефон и го сврте бројот на својот министер, пријател и кум, но и деловен партнер.

- Ставре, доаѓај итно! – едвај изусти.

- Што се случило? – се вознемири Ставрески.

- Доаѓај итно, ова е страшно!

- Добро, доаѓам. Ама, што се случило?

- Го минираа споменикот на Ванчо Михајлов!

***

Петнаесетина минути подоцна, откако се разбуди од кратката несвестица, премиерот Груевски почувствува лесно шлапкање по образот и пред носот ја здогледа малата глава на својот министер за финансии. Тука е и жена му, будна, со чаша вода во раката, но нејзината глава е уште помала. Зоран Ставрески му помага да стане.

- Се убив од размислување додека ме возеа наваму, ама не можев да сфатам дека се заебаваш – вели. – Како можеле да минираат споменик кој сè уште не сме го подигнале?

- Не знам како, ама го минираа – вели неговиот претпоставен.

- Дали си сигурен? – се сомнева Ставрески.

- Белки јас најдобро знам што ми експлодира во главата! – викна премиерот и повторно почувствува вртоглавица.

Кумот се фаќа за мобилниот со намера да повика итна помош, но Груевски тоа одлучно го одбива и, додека му се темни пред очите, издава наредба: „Полицијата, викни ја полицијата...“

***

Половина час подоцна полицијата со жолта лента го обележува местото на злосторството, во семејниот стан на Никола Груевски во Кисела вода. Вештаците ги фотографираат просториите, бараат отпечатоци, собираат материјални докази, скришно ѕиркаат накај сопругата во проѕирна ноќница.

Премиерот, кој по втората кратка несвестица се чувствува добро, дава исказ кај инспекторот. Во записникот стои:

„Сведокот изјавува дека никогаш претходно во животот немал главоболка. Сведокот изјавува дека пред некој ден замислил во Скопје да му се подигне споменик на Ванчо Михајлов. Сведокот изјавува дека таа своја замисла и одлука утрово јавно ја обзнанил, а подоцна во ноќта, меѓу 2 и 2 и 30 часот по полноќ, почувствувал силна експлозија, по што споменикот на Ванчо Михајлов бил срамнет со земја, а сведокот двапати за кратко ја изгубил свеста. На прашањето како може да биде сигурен дека во експлозијата е разнесен токму наведениот споменик, сведокот изјавува дека веројатно тој најдобро знае што имал во главата. На прашањето дали ги видел извршителите, сведокот изјавува дека не ги видел. Сведокот се упатува на рентгенско снимање на главата за да се соберат материјални траги за вештаците. На крајот од давањето исказ, сведокот забележа пикнато писмо под влезната врата на неговиот стан...“

***

Писмото најдено под влезната врата на македонскиот премиер ги отстранува сите сомнежи за наравот на терористичкиот чин. Компјутерски испишаниот текст на лист хартија од А4 формат ги содржи следниве реченици:

„Штом во главата на премиерот Никола Груевски се роди идејата за споменик на Ванчо Михајлов – злосторник, крвник и братоубиец – ние, припадниците на тајниот сојуз Урбани Македонци, решивме да ги минираме и идејата и споменикот. Преку ова писмо ги известуваме сите заинтересирани дека борците на нашето радикално крило, Урбано-македонската Екстремистичка Бригада (ЕБ), преземаат целосна одговорност за овој револуционерен чин. Исто така нагласуваме дека нема да застанеме кај оваа диверзија. Секоја помисла на подигање споменик на Ванчо Михајлов – злосторник, крвник и братоубиец – ќе испровоцира наша решителна акција, и ќе следи немилосрден ЕБ во главата. Смрт на фашизмот!

***

- Нема сомнеж, излив на бронза во мозокот! – вели специјалистот од Клиничкиот центар на Водно откако ја прегледува рентген-снимката од сите можни агли. Со тоа потврдува дека неподносливата болка, иако релативно краткотрајна, е последица на дејствието на минско-експлозивни средства во черепот на премиерот. Исто така, се обелоденува дека мета на бруталниот терористички напад на Урбаните Македонци не е самиот Никола Груевски, туку споменикот на Михајлов, чија изградба сè уште не започнала.

- Излив на бронза во мозокот? – исплашено повторува премиерот. – Дали тоа е опасно по животот?

- Ќе беше ако мозокот ви беше поголем – го смирува лекарот. – Но бидејќи е навистина мал, поголемите парчиња го промашиле. Што би се рекло, сте имале повеќе среќа одошто памет!

***

Речиси сите вработени во Полициската управа, засилени со луѓе од Агенцијата за разузнавање, се ангажирани во потрага по терористите, но засега без видлив успех. Се оживуваат доушничките мрежи, се прочешлуваат Скопје и околината, се испитуваат осомничените, се прислушкуваат телефони. „Лоцирајте, идентификувајте, апсете, приведете“, гласи налогот од врвот.

Истовремено, низ Скопје несопирливо се шират приказни за братството Урбани Македонци, група посебно сурови и воинствени фанатици кои се организираат преку илегални ќелии и без милост ги уништуваат симболите на македонската државност – и притоа, користат досега невидени методи на ментален тероризам. Не се знае колкумина се, но се претпоставува дека се повеќе одошто властите сакаат да признаат. Градот живее во страв. Испаничените скопјани, во својата внимателност, се обидуваат што е можно помалку да мислат на патриотски заебанции: на големиот протестен митинг против извештајот на ЕУ, во кој се изоставува придавката „македонски“, се собираат едвај десетина најхрабри.

Едно утрото, ѕидовите на Скопје осамнуваат испишани со следниве заканувачки графити – „ЕБ“, „ЕБ НЕ ЗАБОРАВА“ и „ДА ЖИВЕЕ ЕБ“. Покрај некои од нив се насликани типизирани портрети на Груевски на кои тој, токму поради верноста кон оригиналот, изгледа како да не знае кој му ја носи главата.

***

- Со што се служат овие монструми ако можат да разнесуваат објекти кои се само замислени? – првиот министер нервозно го прашува началникот на Агенцијата за разузнавање и антитероризам, со кој, додека трае вонредната состојба, се среќава по три пати дневно. – И како таа банда може незабележано да влезе во мојата глава?

- И за нас тоа е загатка... сè уште работиме на тоа – крева раменици началникот. – Техниките кои денес се користат за ментален теоризам се многу софистицирани. А, како што знаете, насилниците секогаш се за два чекори пред оние кои сакаат да го спречат насилството.

- А што да правам јас во меѓувреме?

- Додека не ги лоцираме, обидете се да не им давате нови поводи за напад на терористите.

- Како, кога можат да минираат сè што ќе помислам?! Па, не можам да мислам на ништо, да му ебам мајката! Ако, на пример, помислам на гола пичка, тие и неа ќе ја срамнат со земја!

- Со сета почит, истрагата покажува дека извршителите не се фокусирани против голите пички, туку против Михајлов и Македонија.

- Ама нема ден да не помислам на Михајлов и на Македонија!

- Тоа е многу ризично. Препорачувам да се воздржувате додека не ви се каже поинаку!

***

Колку и да е против неговата волја, Никола Груевски сепак се труди да ги следи упатствата на загрижениот полициски началник. Избегнува да се впушта во неизвесни дискусии. Не доаѓа на седниците на владата. Мисли исклучиво на профит и на трговски аранжмани. Ги затвора очите пред знамето и државниот грб. Бара од сопругата да не носи црвено-жолт градник. На Валентина Каранфилова-Стевановска, скулпторката која го сретнува во ходникот со идејното решение за споменикот на Михајлов – дваесет метри висока статуа, со лице свртено накај Бугарија и со стисната тупаница накај небото – дипломатски и вешто и’ дава двојка со зборовите: „Јади гомна!“

Сепак, цело време чувствува дека го демнат невидливи очи. Сетилата му велат дека терористите го надгледуваат секој негов потег. Исполнет е со немир и страв. Дали главата му е доволно празна за да остане недопрена? Очигледно, полицијата е немоќна да го заштити, а нов напад со динамит тој сигурно не би поднел.

Најпосле, Урбаните Македонци прават невидена дрскост и – користејќи се со конспиративни канали – му испраќаат директна јавна закана. На порталот Окно.мк, на 21 ноември, на насловната страница излегува пораката со следнава содржина:

„Пази се од нас, глупаку! Засега ти предизвикуваме само главоболки, ама набрзо ќе преминеме на многу поразорни мерки! Смрт на фашизмот!“

***

- И? Што ќе правиме сега? – загрижено прашува кумот Ставре. – Каква власт сме ние ако попуштаме пред терористите?

- Ставре, не сакам ни да мислам ни да зборувам за тоа – го пресекува неговиот претпоставен.

- Добро, знам дека ти е страв. Ама мораме да решиме нешт...

- Убаво ти велам, не сакам ни да мислам ни да зборувам за тоа.

- Па, барем некако јави ми се и кажи ми.

- Што да ти кажам?

- Каков е твојот став околу тој споменик на Михајлов?

- Ме заболе курот за споменикот на Ванчо Михајлов!

И во тој миг македонскиот премиер почувствува силна експлозија некаде под стомакот.

 

Напомена на уредникот

Во текстот се променети имињата: Жељко Керум во Никола Груевски; Хрватска во Македонија; Фрањо Туѓман во Ванчо Михајлов; Јуре Шундов во Зоран Ставрески. Направени се и неколку други ситни промени во фактографијата на основниот текст (Скопје, ЕБ итн.).

Оригиналниот текст можете да го прочитате на следниот линк.

Колажи: Свирачиња

Извор: tacno.net

Немој така. Жељко си направи

Немој така. Жељко си направи сам себеси споменик и го крсти „ГРАЃАНИНОТ К(ерум)„ Со овој текст, само го с‘скаш да доживее уште еден бронзен излив, ако случајно му дојде идеја да направи споменик „ГРАЃАНИНОТ Г(луп).

ОкоБоли главаВицФото