Брут & Бодам

26.12.2011 12:32
Брут & Бодам

На времето, да не умреше Јосип Броз Тито сè уште немаше да знаеме дека во негово време во Македонија имало толку многу антититоисти. Десет години по неговата смрт, меѓутоа, се покажа дека институциите на злогласниот Титов режим всушност биле и најснажните пунктови на отпор спрема неговиот злогласен режим. Диктаторот бил опкружен со соработници кои вистински го презирале љубејќи му ги нозете. Тие посветени луѓе се беа откажале од многу нешта, вклучувајќи ги и погодностите да бидат формална опозиција, за сметка на илегалната политичка работа. Сесрдно го потпирале суровото политичко владеење за да можат што поуспешно да спроведат негова ревизија, десет години после.

Изминаа нови десетина години и сличен процес се случи и кај ВМРО ДПМНЕ. По многу напори Никола Груевски, долгогодишниот климоглавец на Љубчота, веднаш по преземањето на власта се впушти во нов процес на „детитоизација“, т.е. „дељубчовизација“ (две во едно). Но, како оди времето и како му се гледа крајот на новиот малецок диктатор, ќе станува видливо колку многу противници имало сегашново дивеење на груевизмот. Најблиските пријатели и повереници ќе почнат, за некоја година, да сипаат обвинувања на сметка на Груевски и Фамилијата; новинарите што го коваа во ѕвезди меѓу себе ќе се тркаат кој попрво ќе објави текст за алчноста и кражбите на режимот на Фамилијата. Исто, впрочем, како во случајот на Санадер. Еден ден ќе се покаже (а ние се надеваме дека тој ден ќе дојде брзо) дека во тесниот круг на јатаците на Фамилијата всушност се криеле осведочени борци против криминалот и диктатурата, иако самиот малецок диктатор цело време си мислел дека заедно со нив краде и бутка во партиската благајна. Ќе испадне дека, додека владеел малиот диктатор, слично како и Санадер, всушност бил опкружен со тајни агенти коишто тесно соработувале со него за утре да можат да го раскринкаат.

Тие процеси се сосема во духот на овдешното политичко наследство. Би можело дури да се каже дека речиси комплетната политичка историја на Македонија - што значи, и актуелната политичка култура - е сведена на традицијата на илегална политичка работа. Пред тн. демократски промени, на пример, Македонците во најголема мера биле антикомунисти зачленети во комунистичката партија, та трпеливо - со десетлетија! - го граделе тоталитарниот систем за да можат поефикасно да го дискредитираат и за на неговиот погреб да ја запеат „Гоцевата раса“. Нигде немало толку антикомунисти како меѓу македонските комунисти, што се откри дури по падот на комунизмот. Многумина од овие вредни луѓе, анонимни херои, не го дочекаа остварувањето на своите идеали, туку починаа со петокраката на гробот и со партиската книшка во фиоката на ноќното масиче. Но, наследниците знаат да ја валоризираат големината на нивното дело, ѕвездите се заменети со крстови и вергински сонца, а роднините гордо лелекаат над гробовите: срцата денес да им чукаа, ќе чукаа за античка Македонија!

На неупатениот набљудувач не му е лесно да го разбере конспиративниот политички живот кој отсекогаш се води на просториве и кој во многу елементи е доведен до совршенство. Во Македонија тираниите се одржуваат на власт собирајќи ги припадниците на движењата на отпорот. Со главните лостови на режимот ракува лутата опозиција, макар што тоа никој не го знае сè додека режимот славно не цркне. Под секое знаме се држи рака на срце, шипинки во џеб и заменски идентитет во тајност. Треба да умееш да ровариш против сатрапската власт така што со сите сили ќе ја поддржуваш. За тоа треба да бидеш македонски политички илегалец, бестрашен општествен работник вооружан со трпение, интуиција и рбет од гума. „Во нашиот политички живот луѓето не се однесуваат како камелеони, туку само понекој од камелеоните се однесува како човек“, им објаснуваше еднаш Минчо Јорданов на Борис Стојменов и на Ѕинго, а разговорот го слушаше Павле Трајанов.

Во таа смисла и некои други поединци знаеле да постигнат восхитувачки подвизи. За легендарниот полицаец Јордан Мијалков се знае, на пример, дека ја подривал семоќната југословенска политичка полиција илегално вовлекувајќи се во нејзините редови. Во поновото минато, пак, многумина од сегашните идеолошки тупаници на непоколебливиот македонски режим (Ханџиски, Мирчев, Никовски итн.) извршуваа високи функции и во претходниот, „транзиционен“ систем на „предавниците“ Глигоров и Црвенковски.


Дотолку повеќе зачудува, на пример, што Љубчо Георгиевски, како агент од формат и добар познавач на македонската традиција, не разбрал дека верноста е само прва етапа на предавството, а дека ова се покажува во целата сила штом објектот на практичната љубов ќе ја изгуби моќта. Многумина од храбрите илегалци му беа помагале во малверзациите за да можат што покомпетентно пред новиот шеф и пастир да сведочат за неговите мафијашки намери. Лично пастирот, Никола Груевски, кој патем ја извршува и функцијата претседател на влада, морал дури да потпишува договори кои ќе и’ нанесат несогледливи штети на Македонија, само за Љубчо Георгиевски еден убав ден да може да биде дискредитиран поради потпишувањето на такви договори. Да не зборуваме колку умно Никола Груевски и Влатко Ѓорчев го проценија предавничкиот капацитет на Љубе Бошковски. Тоа се личности на кои човек треба да им се восхитува, а можеби и да се плаши за нивното ментално здравје: толку многу години илегална политичка работа човека понекогаш го доведуваат дотаму да ги заборави конвенциите на „нормалниот живот“ и да не може веќе да прави што било што е легално.

Со големите македонски партии управува секогаш истата оска на моќта: претседател - главен секретар - главен предавник, со тоа што на местото на третиот претендираат најмногу кандидати, вклучувајќи го и главниот секретар, а понекогаш од заседа демне целокупното членство решено да замава постхумно. Главно, стравовладеењето на Тито, Бранко или Љубчо никогаш немаше да биде скршено без добро маскираните агенти кои беа сржта на тоа стравовладение. На октоподот главата му ја задушија сопствените послушни краци, што од почетокот било внимателно испланирано: без нивната пресудна помош, со дело или молчење, Љубчо, на пример, немаше да направи толку злодела, а потем - логично - немаше за што до бескрај да го плукаат и да формираат ново, преродено, уште поубаво и уште постаро ВМРО ДПМНЕ, ослободено од дубари, тендери и корупции.

Светата задача на конспиративните македонски политички сили е ударнички да го помагаат постојниот режим за да може тој да се искаже во сета своја бескрупулозност и за утре да може да биде поплукан со повеќе аргументи, токму од нивна страна. Како Љубчов министер за финансии, на пример, Никола Груевски даде сè од себе да ги продаде Окта и Телеком, за на тој начин да ги потцрта сомнителните зделки на својот шеф. Тие и многу други. Никој не може на корупцијата толку успешно да и’ застане на пат како оној што се истакнал на нејзиниот почеток.

Така во Македонија беше апсолвиран комунизмот, така беше апсолвиран Бранко, така беше апсолвиран Љубчо, така ќе биде апсолвиран и Никола Груевски, за што еден ден ќе проговорат некои од неговите блиски кои сега мораат да се појавуваат во своето undercover издание. Сега сè уште се во фазата пастирот да го тапкаат по грб, испипувајќи го местото каде е најдобро да се забие ножот. Како и нивната идна жртва, денешните груевисти-завереници оперираат со идејата за крвта и почвата, на македонски начин: Брут & Бодам.

Насекаде во светот актерите од тн. демократски живот, откако еднаш биле потврдени на избори, се устројуваат како тврдокорни доживотни професионалци - стануваат политичари од глава до пета, како што жаргонски би рекле - а во Македонија остваруваат и повеќе од тоа. Кога овде си успешен во политиката, тогаш си политичар од глава до петта колона.

Напомена на уредникот

Извршени се неколку промени во фактографијата на основниот текст.

Оригиналниот текст можете да го прочитате на следниот линк.

Колажи: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото