Трите години на Окно

15.03.2012 17:21
Трите години на Окно

Окно започна како проект кој имаше за цел да произведе што повеќе квалитетни содржини на македонски јазик, во што секако успеа. Успеа и во промовирањето на нови имиња и нови идеи. Но, успешноста на Окно како електронски магазин не е неговата дефинирачка карактеристика – многу поважно е што Окно се одржа како бастион на слободарската идеја во македонската јавна сфера; не го стиша отпорот и го задржа интензитетот во текот на целото свое постоење.

За мене лично, Окно има непроценливо значење. Од позиција на автор: овде имам објавено десетици статии (што никако не е конечна бројка), вклучително некои од моите најквалитетни и најчитани (а и најомразени) дела. Од позиција на читател: овде читам многу инспиративни есеи, запознавам нови автори – локални и светски, наоѓам мал милион уметници и музичари што ми ги разубавуваат денот (па дури и вицовите понекогаш се смешни:). Но, многу повеќе, со секое отворање на Окно, наоѓам верба дека сепак има некој кој сè уште го засега она што се случува во Македонија и дека сè уште постојат луѓе кои не се предаваат.

Окно е нераскинлив дел од македонската скорешна историја, исто како што и таа историја е она што му дава посебен карактер, и само таа е критериум според кој успехот на Окно може да се оценува. Три години непокор се неизмерно значајни за една цела генерација на луѓе кои како мене, кликаат и црпат надеж на овие страници.

Кога дланката ти е ставена на вжештена рингла, една минута ти се чини ко саат време (а саат време покрај убава дама/господин, ко минута). По таа логика, триве години во македонски контекст (2009-2012) – поминати не на шпоретот, туку внатре во рерната – се рамни на вечност во нормални околности.

Честит јубилеј, честито на истрајноста и да живее Републиката!

Фала ти, Вуна! Ни фалиш! Но

Фала ти, Вуна! Ни фалиш! Но заедно сме, кај и да е:)

То Вуна, само пази да не те

То Вуна, само пази да не те пријави некој таму во тоа Кината... не смееш да пишуваш оттаму :)

ОкоБоли главаВицФото