Сметки со животот

09.09.2009 13:19
Lejbovic_02.jpg

Денешниот свет на пазарни односи роди, ни даде право в раце апсолутен и чист еквивалент на проѕирниот превод на сето во сè, со помали затемнувања на краевите во маргиналните зони, кои можат и да не се земаат предвид

Предупредување:
Колку е непрецизно, мачно, а некојпат и едноставно трагично сведувањето на нашите сметки со животот. Сето тоа е затоа што не е правилен пронајдениот и непрецизно приложуван еквивалент. Имено, денешниот свет на пазарни односи роди, ни даде право в раце апсолутен и чист еквивалент на проѕирниот превод на сето во сè, со помали затемнувања на краевите во маргиналните зони, кои можат и да не се земаат предвид. Јасно е, под тој еквивалент ги подразбирам парите. Ако ги третираме како генерален светски медијатор мошне сличен со философскиот камен на Средниот век, животот за нас ќе стане потполно конвертиран, сосема во инакви, вредносно-ценовни категории.
Животот ќе застане врз цврста основа. Сè ќе застане на свое место.

Во кафетеријата на Британскиот музеј
Се напив кафе со некој мал колач
Што вредеше до две и пол фунти
Во вкусот не стигаше ниту за фунта и пол
Но бидејќи според степенот на несомненото задоволство изгледаше како две фунти триесет пени
Резултатот беше само дваесет пени -
Мала загуба.


*

Во Стеделајк музејот во Амстердам
Во напола кафеана напола менза
Јадев супа од зеленчук, некое главно јадење, кафе и кола
Целокупната сума беше околу 15 гулдени
Според вкусот толкку и беше - 15 гулдени
Но имаше цел куп впечатоци, најмалку за 60 гулдени
Уште повеќе што не го плаќав јас сето тоа
Така што добивката може да се пресмета во некои 100-150 гулдени.

*

Во Келн, во музејот на Лудвиг
Во кафеаната пиев црно кафе
Со студена кола
Ми излезе точно 5 марки 70 фенинзи
А беше доста вкусно, околу 5 марки
Но сепак, општиот поволен впечаток ја надминуваше границата на 6 марки
Така што салдото е позитивна нула со едвај забележлив приход.

*

Покрај музејот во Будимпешта
Во ловџиски ресторан
Јадев чорба од печурки со парчиња од некого
Потоа зајак во сос
Пиво и други напивки
За тројцата вредеше на 3 и половина илјади форинти
Јас платив две илјади
Но беше вкусно, многу вкусно - за некои 5 илјади
Освен тоа, добри соговорници, шеги, национален ресторан - 10 илјади
Значи, ако поделиме на тројца добиваме по 3 со ситнина илјади
Добивката не е помала од илјада форинти.

*

Во Тејт галеријата во Лондон
Со жена ми земавме малку, за 5 фунти
Но вкусно барем за 4 фунти 60 пени
Впечатоците се прекрасни, свежината и присуството на високи гости вредат барем 7 фунти
Кога дојде заменик директорот и почести за уште некои 9 фунти
Со сето тоа вредноста на разговорот со интонации на почитување на моја сметка
Така што сумата тешко се сумира, но добив некои 20-25 фунти.

*

Во Москва, во близината на галеријата Гелман
Каснав за некои 50 илјади
Треба да речам, и кај нас знаат
Чувствата се дури до 70-75 илјади
И воопшто е пријатно - Москва, центар, умилност и речиси солзи - веќе вреди над 90 илјади
Како резултат, позитивен биланс од 60-65 илјади
Па нека! Сепак, роден крај
На вернисажот нè честеа сосема бесплатно
Со сè интересот, оживеаноста и мошне пристојната храна вреди на 40 илјади
Да речеме, во Келн тоа ќе вредеше 30 марки
Во Лондон би честеле за некои 7 фунти
Така што добивката практички може да се пресмета.

*

Во Данска, во Рекенбринк
Во привремениот уметнички центар
Зедов нешто за 30 круни
Не ми се допадна воопшто
Освен тоа, подоцна дознав дека како учесник во проектот
Можев да јадам и пијам апсолутно бесплатно
Ама ете, се избрзав
Ужасно се натажив
Значи - материјална и морална загуба од некои 300 круни.

*

Одев по улица во Штокхолм
Покрај Кунстхусет
Никаде не влегов
И воопшто заштедив
Но немав можност да добијам профит
Иако ни од своите ништо не загубив.

*

Гледав како еден познат московски сликар
Во Пинакотеката во Минхен
Гнете со полна уста храна за некои 100-150 марки
Од задоволството напишано на неговото лице
Се гледа дека тоа вреди 150 марки
Освен тоа, него го забележаа, го препознаваа
Освен тоа, музејот
Освен тоа, празнична атмосфера
Може само да се претпоставува дека општата сума е некои 400 марки
Значи, тој ќе си донесе дома добивка од 280-300 марки.*

Во Метрополитен музејот во Њујорк
Во лесната и освежувачка есен
Седев во кафеана со девојка
Тоа чинеше некои 15 долари
Што беше соодветно со квалитетот и вкусот
Но пријатноста на соседството, разговорот, стисокот на рацете, убавината на оккружението ја накачуваа вредноста до 50 долари
А мене ми претстоеше и нешто што тешко може да се вреднува
Но сепак, ризикувам да споменам сума од 200-300 долари
Значи, по завршетокот на сето, со одбивањето на почетните 15 долари остануваше добивка од 235 или 325 долари.

*

Ете старичка во галеријата Уфици
Јаде буквално на грош, за 5 илјади лири
Но во нејзиниот брз и кос поглед
Се гледа дека таа се обидува да се наведе себеси да ја вреднува храната со некои 50 илјади лири
А значењето на околината, во која влегува силно нараснатотѕо ниво на самосвест вреди многу повеќе - за 500 илјади лири
Старичката погрешно ја пресмета веќе и својата вратена младост во едниот милион лири
Ништо не се добива, стара!
Нема да ме излажеш!
Јас сè гледам и оценувам непристрасно, според непосредниот факт на твоето јадење на конкретната храна
Така и ќе биде - 5 илјади лири - ниту помалку ниту повеќе.

*

Не секогаш завршната сметка, која се чинеше позитивна, се покажува како таква
По истекот на времето и по трезвеното разгледување
Квалитетот на храната се снижуваше во својот првобитен погрешен паричен еквивалент
Па и корисноста или пријатноста на разговорот силно паѓаа во цената
Така што добивката се свртуваше во своја спротивност
То ест, во страшна, страшна загуба
Иако јас имав и случаи на непосредна корист
Кога бев никакви ручеци
И без никакви дополнителни пресметки
На раце добивав суви пари
Кои не беа измиени со културните односи
И со редоследот на квази-пазарните операции
Тие не поседуваа очарување и величина
Но сепак, ми доаѓаа до умот и срцето
Тие си беа - пари
Јас ги пресметував оптималните варијанти за секој ден
Во повеќе или помалку стабилен доларски еквивалент
Ручекот е 5-6 долари
По можност да е многу вкусен, кој би ја надминал номиналната вредност за 10 долари
Во друштво на интересни, значајни и корисни луѓе, што додава уште некои 50 долари
Значи, дневно имаш некои 55-60 долари
Месечно се околу 1800
Во годишната сметка се 21.600
Не е Бог знае што, но може да се живее.

Превод: Павел Попов

Другите преводи на Павел Попов можете да ги видите на следниве линкови:

Игор Јаркевич: Песни

Едуард Лимонов: За демократијата

Игор Јаркевич: Црвената роза на љубовта

Сергеј Ејзенштајн: Како станав режисер


Слика: Ен Лејбовиц

ОкоБоли главаВицФото