Американскиот пад во бездна

11.07.2013 09:50
Американскиот пад во бездна

Во својата книга Пропаганда, објавена во 1928 година, Едвард Бернајс напишал: „Свесната и интелигентна манипулација со организираните навики и мислења на масата е важен елемент за демократското општество. Оние кои управуваат со овие невидливи општествени механизми создаваат невидлива влада која навистина управува со САД“. Бернајс, американскиот внук на Сигмунд Фројд и изумителот на еуфемизмот Public Relations (односи со јавноста) предупредувал дека освестената публика и оние кои ја говорат вистината се трајна закана за таа невидлива влада.

Познатиот американски „свиркач“ Даниел Елсберг во 1971 година ја извести јавноста за тајните документи на американската влада познати како Пентагонски документи, во кои беше откриено дека американската инвазија на Виетнам била заснована на системски изведени лаги. По четири години, сенаторот Френк Чрч ги предводеше сензационалните сослушувања во американскиот Сенат, при еден од последните удари за американската демократија. Со овој настан невидливата влада беше целосно разголена: беа откриени шпионирањата, субверзиите и воените акции кои биле спроведувани од тајните и безбедносните служби, со целосната поддршка на конзервативните и либералните корпорации и медиуми.

Зборувајќи за Американската безбедносна служба (NSA), сенаторот Чрч изјави: „Знам дека имаат капацитет за воспоставување тиранија во САД, па затоа мораме да се погрижиме дека NSA, како и сите институции со слични технолошки капацитети, работи во рамките на законот... за да бидеме сигурни дека никогаш нема да преминеме преку работ на бездната. Бидејќи станува збор за една бездна од која нема враќање“. На 11 јуни 2013 година, по повод откритието кое Едвард Сноуден, соработникот на CIA, го достави до британски Гардијан, Даниел Елсберг напиша дека САД веќе паднале во таа бездна.

Откритието на Сноунден дека Вашингтон ги користи Гугл, Фејсбук, Епл и другите џиновски произведувачи на консумеристичка технологија за да ги шпионира речиси сите граѓани, е уште еден доказ дека се работи за модерен облик на фашизам. Тоа е онаа бездна за која зборуваше Чрч. Она што САД го поттикнуваше кај многубројните „старомодни“ фашистички режими – од Латинска Америка до Африка и Индонезија – сега доживеа подем „дома“. Да се разбере ова е подеднакво важно како и разбирањето на злоупотребата на технологијата во оваа приказна.

Антивоениот активист Фред Бранфман кој го разоткри „тајното“ американско разурнување на малиот Лаос во текот на 1960-те и 70-те години им го одговори прашањето на сите оние кои се прашуваа како е возможно либералниот афроамерикански претседател и професор по уставно право да заповеда во рамки на вакви безаконски услови: „За време на владеењето на господинот Обама“, напиша Бранфман, „беше направено она што ниеден американски претседател досега не го направи, во контекст на создавањето на инфраструктурата на потенцијалната иднина на полициската држава.“ Зошто? Затоа што Обама, како и неговиот претходник Џорџ Буш, не ја врши својата должност имјаќи ги предвид интересите на гласачите, туку за да ја прошири „најмоќната институција во светската историја, онаа која почнувајќи од 1962 година се погрижи да убие, повреди и остави без домови повеќе од 20 милиони човечки суштества, од кои повеќето беа цивили“.

Клучните актери на новата американска сајбер-моќ остануваат исти. Директорот на Гугл, Џаред Коен, ѝ беше советник на Кондолиза Рајс, државната секретарка на САД за време на владеењето на Буш, која лажеше дека Садам Хусеин би можел да ги нападне САД со нуклеарно оружје. Коен и извршниот директор на Гугл, Ерик Шмит, кои се запознале во урнатините на Ирак, ја напишаа книгата Новата дигитална ера. Книгата беше прогласена за визионерска од страна на поранешниот директор на CIA – Мајкл Хајден, како и од воените злосторници Хенри Кисинџер и Тони Блер. Во книгата не се спомнува шпионската програма „Призма“ – која ѝ беше откриена на јавноста од страна на Едвард Сноуден – и која ѝ овозможува пристап на NSA до личните податоци на сите кои го користат Гугл.

Контрола и доминација се двата збора со кои може да им се даде смисла на ваквите постапки. Тие се спроведуваат преку политички, економски и воени планови, но и преку ширењето на пропагандата во јавната свест. Тоа е поентата на наследството кое ни го остави Бернајс. Во своите најуспешни PR кампањи, Бернајс ги убедувал Американците дека би требало да учествуваат во војната во 1917 година, а на жените во САД им порачувал да пушат цигари на јавните места – тој тогаш ги претставил цигарите како „факли на слободата“, кои ќе овозможат ослободување и подобра положба на жената во општеството.

Во популарната култура, токму лажниот „идеал“ за Америка како морално супериорен „лидер на слободниот свет“ е највлијателен. Но дури и за време на најпатриотските холивудски периоди биле создавани ретки, но извонредни филмови, како оние режирани од „прогонетиот“ Стенли Кјубрик, или пак, храбрите европски филмови кои имале и американски дистрибутери. Денес го нема ни Кјубрик, ни Доктор Стрејнџлав, а американскиот пазар е речиси целосно затворен за странските филмови. Кога пред неколку години им го прикажав мојот документарен филм „Војна против демократијата“ на големите либерални американски дистрибутери задолжени за кино-пазарот, ми беше доставен попис со нужни измени по кои „филмот би бил прифатлив за пазарот“. Тогаш ми беше кажано: „А да го уфрилме Шон Пен како наратор? Дали тоа е ок?“

Потоа филмовите како „Триесет минути по полноќ“ – апологија на американската политика на измачувањето на режисерката Кетрин Бигелоу – и документарниот филм на Алекс Гибни „Ние крадеме тајни“ – филмскиот атентат на Џулијан Асанж, беа создадени со великодушна поддршка на студиото Универзал, чија сестринска компанија до неодамна беше и General Electric. Последнава корпорација, меѓу останатото, произведува и оружје, делови за воени авиони и напредна разузнувачка технологија, а има и лукративни финансиски интереси во „ослободениот“
Ирак.

Моќта на оние кои ја говорат вистината, како Бредли Менинг, Џулијан Асанж и Едвард Сноуден се состои во тоа што тие ја демитологизираат целокупната митологија на корпоративната филмска индустрија, корпоративните интелектуалци и корпоративните медиуми. Викиликс се покажа како посебно опасен, бидејќи претставува платформа за изложување на вистината на виделина. Така беше објавено и видеото Колатерална штета, кратка снимка од воениот американски хеликоптер Apаche, која наводно беше прикажана во јавноста од страна на Бредли Менинг. Поради оваа кратка видео-снимка и Менинг и Асанж сега се мета на американската одмазда. Во видеото се прикажани припадниците на американските воздухопловни сили додека по улиците на Багдад со уживање ги убиваат новинарите и хендикепираните деца, притоа опишувајќи ги овие настани како „убави“. Сепак, во една клучна смисла, злосторниците не се извлекоа: сега ние станавме сведоци и остатокот на приказната зависи од нас.

Извор: New Statesman

ОкоБоли главаВицФото