За Кили и марихуаната

09.09.2013 08:27
За Кили и марихуаната

Живееме во време кога во сите демократски држави попуштаат стегите на лажниот морал и наука во однос на марихуаната. Најчесто се декриминализира, а неретко и целосно се уредува нејзината легална употреба.

Се либерализираат и законите и излегуваат сè повеќе, долги години криени и замолчувани податоци и извештаи за медицинските својства на оваа билка. Нејзините деривати (масло од канабис, чаеви, мевлеми итн.) се едни од ретките ефикасни лекови за неколку видови малигни заболувања.

Освен тоа, канабисот се користи за ублажување на неподносливите болки кај болните од тешки болести, но и како општо средство за смирување. Еден е од ретките лекови кои вистински помагаат за глаукомот/очниот притисок. Приказните дека од трева се преминувало на потешки дроги веќе одамна се сметаат за несериозни.

Тревата е помалку штетна од други супстанци кои создаваат зависност - цигарите и алкохолот, на пример, а да не зборуваме за разно-разните апчиња со кои се труе половина нација, што можете да ги купите и конзумирате легално, дење и ноќе.

Да сме некаде таму, во нормалниот свет, Кили би можел слободно да си ги одгледува саксиичките, без притоа да биде третиран на ваков начин од некоја демек пуританска власт. Нека погледаат во своите редови, па и во највисоките ешалони, малку ли ги има од оние што се согласуваат со ова што тука го зборувам? Или не читаат што се случува во светот и никогаш не запалиле џоинт? Или, ко Клинтон, запалиле, ама не увлекуеле?

Мислев дека и кај нас почна да се развива некаква толеранција по ова прашање, ама изгледа дека само гадно сум се лажел. Ако тоа што го правел Кили е премногу за нив, не мораше вака јавно, демек, да го соголуваат уметникот, оти Кили беше прилично транспарентен по тоа прашање.

Ако не ми веруваат, нека ги прашаат оние во своите редови кои го прават истото што и Кили. Чинам добро го познаваат, како и тој нив.

Извор: Фејсбук профилот на авторот