Политиката како бизнис

08.02.2010 12:51
sergey_kolesov_08.jpg

Фердинанд Тунис бил интересен човек. Бил основач на социологијата во Германија. Го поставил на здрави нозе научното проучување на Томас Хобс, англискиот филозоф кој се смета за основач на модерните политички институции, а со кој дотогаш никој не се занимавал сериозно.

Научникот и теоретичарот Тунис го ценеле во татковината и во странство. Но многу долго не ја добивал соодветната служба на германскиот универзитет.

Делумно за тоа била виновна природата на неговата професионална работа. Новитетите на кои работел не одговарале на воспоставените колосеци на академскиот погон. Делумно била виновна и политиката. Имено, овој господин целиот живот бил политички ангажиран. Во раната кариера им пружил помош во штрајкот на работниците од бродоградилиште од германскиот север. А не бил никаков радикал. Радикалите ги нарекувале луѓето од негов тип „социјалисти од катедрата“, што било ознака на презир. Но додека вжештените глави или се оладувале или оделе од една во друга политичка крајност, Тунис му останал верен на својот социјализам. Можеби помагало тоа што не бил партиски човек. На социјалдемократската партија и’ пристапил во знак на протест кога Хитлер ја презел власта.

Нацистите, штом се дограбале до власта, веднаш го избркале од работа и му ги укинале сите примања. Тунис тогаш имал околу 80 години. Но од денешна перспектива без потешкотии ќе можеме да сфатиме дека ни квалификациите, ни угледот, ни староста не се пречка кога во миговите на општествен потрес власта ја преземаат мангупи со големи апетити, скромни способности, како и исфрустрирани, одмаздољубиви и морално сомнителни луѓе на постари години кои како амбициозни мангупи немале таква прилика. Тунис не бил скршен. Сакал да живее уште неколку години во кругот на пријателите за, како што самиот изјавил, да може да им остави и да им предаде нешто од она што му се чинело значајно.

Зошто толку зборови за Тунис? Би сакал да ја навестам неговата изјава која е многу опасна. Ако барем малку знаеме чија е, од каде доаѓа, можеби ќе бидеме подготвени да ја слушнеме. И кога би знаеле да ја слушнеме, можеби би ни помогнала малку подобро да го сфатиме нашето време.

Како политички публицист, Тунис во една прилика запишал дека политичката полнолетност на луѓето треба да им се признае дури во триесеттата година. Аргументацијата била едноставна и уверлива. Некаде околу дваесеттата година човек е доволно зрел за да може да се грижи за својот приватен живот. Во тој поглед треба да му се признае полнолетноста. Значи, кога човек е стар приближно дваесет години – две или една година помалку, сеедно – станува буквално полнолетен. Знае да направи деловни зделки и да заработи нешто, да си создаде, како што се вели, дом и семејство.

Но менталните и моралните способности, кои се потребни за деловниот живот, не се доволни за водење на јавните работи. Одлучувањето за нештата од јавно и општо значење бара поинакви квалитети. Бара зрелост, ум и перспектива, што дваесетгодишниците сè уште ги немаат. Затоа во јавниот живот, во политичкото одлучување треба да бидат пуштени малку подоцна. Десет години подоцна, според мислењето на Тунис.

Оваа мисла би било интересно да се постави во контекст на тогашното размислување за политиката, посебно во Германија. Но ова не е место за такво нешто. Овде можам набрзина да укажам на две слабости на предлогот на Тунис, а потоа да објаснам што мислам дека овој предлог може да ни каже наспроти тие слабости.

Првата слабост е повеќе од концептуална природа. Во позадината на размислувањата на Тунис стои гледањето на политиката, во основа, како на рационален процес на одлучување. Денес мораме да знаеме дека политиката не е такво нешто. Попрецизно, дека тоа е само еден од можните елементи на политиката. Кога животот на Тунис се приближувал до крајот, во Германија преовладувале луѓе кои гледале поинаку на политиката. Тунис сфатил дека нивниот триумф е погубен, но не ги сфатил сериозно. Неговата критика на нацистите била храбра, многу храбра, но болно неефикасна. На крајот почнал да размислува за тоа дека против нацистите треба да се делува со оружје. Но тогаш веќе било предоцна за такво нешто.

Втората слабост е поврзана со првата и својот корен го има во довербата кон луѓето, во вербата дека на луѓето со текот на годините им доаѓа умот. Таквата верба е убава, ама не е сосем најсоодветна. Староста не е нужно коректив на човечките слабости. Пречесто можеме да видиме како некој, додека старее, станува понепријатен, како непријатните карактерни особини што ги имал како младич со годините само се зголемуваат или стануваат уште понеподносливи. Некои во таа смисла се секогаш исти, некои почнуваат да стануваат детинести на стари години, трети, пак, малку се променуваат на подобро.

Накусо, не можеме да се потпреме на рационалноста и на возраста. Ама наспроти тоа, замислата на Тунис има продуктивно јадро. Тоа е неговото разликување меѓу деловната и политичката полнолетност, меѓу особините кои се потребни за водење на деловниот живот и особините кои се нужни за учество во политичкиот живот. Деловната способност или успешност сè уште не е квалификација за политичко одлучување. Добриот бизнисмен не може да биде добар политичар (или воопшто политичар) само затоа што е успешен деловен човек. Бизнисот и политиката се различни и одвоени сфери на делувањето.

И каде се наоѓаме денес? Денес сме во слепа улица во која нè заведе триумфот на уверувањето дека слободниот пазар е основниот општествен регулативен механизам. Во политиката тоа уверување се спроведува на неколку начини. Едниот од нив е деловните луѓе да се туркаат во политиката. Постојат држави во кои повеќе или помалку отворено можат да се купат политички позиции. Вториот начин е деловните моќници да купуваат политичари. Преку финансирање на изборните кампањи, донации на партиите и низа корупциски зафати, деловните интереси ги кројат политичките. Третиот е кога политичарите ја изопачуваат својата работа во деловна професија. Некои тоа го нарекуваат мафијашка работа. Не знам зошто попрво да не го наречеме тоа бизнис?

Познајникот на Тунис, Макс Вебер, зборувал за политиката како за повик. Денес можеме да зборуваме за политиката како за бизнис. Тоа е деволуција на политиката. На сите им се таложат годините, а политиката ги губи. Ја водат (политички) малолетници кои нè подетинуваат сите. Тоа не е подмладување, а уште помалку исчистување. Тоа е нешто поради кое ми текнува на фашистичката химна Giovinezza (Младост).

 

Слики: Сергеј Колесов

Извор: Tomaž Mastnak, Politika kot biznis, Dnevnik, 06.02.2010.

Сјаен текст! Вакви текстови

Сјаен текст! Вакви текстови очајнички ни требаат во мк, за малку од малку да ги разбереме процесите што не’ дробат, а кои дури не ги гледаме (а камоли сфаќаме!). Јадна провинција, тоа е. Не џабе Кардељ сите топтан идеолошки не’ водеше 50 години (за среќа, за жива среќа!, затоа тоа е убедливо најпрогресивниот период во историјата на овој народ, време коа не само што бевме синхронизирани со западните тенденции, туку во некои работи и предничевме, во самоуправувањето, на пример, макар било дискутабилен експеримент).

Словенечката филозофска и теоретичарска школа, инаку, и денес е далеку најсилна во регионов, а Жижек, Долар и Мастнак се светски калибар (како и Мочник или Аленка Зупанчиќ или Рената Салецл итн.).

Ќе пробаме пред се’ Мастнак и Младен Долар повеќе да ги преведуваме на Окно. Текстов на Мастнак е одличен поттик!

Политиката како бизнис

Браво, секоја чест за напорите да се приближат Долар и Жижек.
p.s, Коља, има ли шанси Јасна Котеска да пишува за Окно, дефинитивно фали нејзината мисла, а верувам дека е компатибилна со иделошката матрица на Окно?
Голем поздрав

Ја па с цел памет почна

Ја па с цел памет почна превод да га читам прво и викам чек наш човек е ов'ј. Или ја сам њин. :))
Да, паметан е т'ј швабо, не е убаво да се меша бизнис и политика, како сол и шикер, две сасвим различни работе.
Ал јебига, пунопут испадне слано кафе :)
 

ОкоБоли главаВицФото