Чунки чукнати

16.02.2010 12:36
ana-16-02-2010-2.jpg

Пред некој ден главниот град на САД за прв пат се најде на светските насловни страници на тема која не беше политичка. Пријатно беше да се видат, покрај претседателот Обама и светските политички самити, и нормални луѓе кои покрај мермерните споменици и перфектно асфалтираната авенија Пенсилванија, повремено – кога ќе им пристигне неочекуван подарок од природата – знаат што се гумени чизми и што е лапавица. Закочен авиосообраќај, непроодни патишта, прекин на електрична енергија, празни рафтови во продавници... сè на сè невиден хаос кој најдобро го отслика парализираната Влада на САД која отиде на принуден одмор. Па кога вакво нешто може да им се случи на Американците, тогаш може секому.

Секако. Но, сепак, невозможноста главниот град миговно да се расчисти од снегот ги стави во ќош локалните власти коишто со денови се правдаа пред домашните камери. „Екипите се на терен“, „постојано се чисти“, „се моли федералната влада да помогне“ беа само дел од фразите кои градоначалникот Фенти ги повторуваше на прес конференциите. Главниот град на САД не може недела дена да го расчисти снегот?! Просто неверојатно! Каков пропуст и неодговорност?!

Можеби, за оние за коишто САД е земја во којашто еден пајташ пали и гаси, а другите слушаат и кимаат со глава. Па ако тој притисне „дугме“ сè е под контрола. А, кога станува збор за „своите“, секогаш е спремен да ги заштити (знаеме, нели, дека САД пука само по „обесправените“ по светот). Сепак, реалноста е малку подруга.

Локалната власт на Вашингтон функционира од средствата собрани од данокот од локалното население. Според пописот, станува збор за околу 500.000 жители. Од друга страна, метрополскиот регион на Вашингтон (кој вклучува приградски населби коишто географско-политички припаѓаат на државите Вирџинија и Мериленд) е два милиони - една Македонија. Поголемиот дел од нив работат и ја користат инфраструктурата на градот - од патишта, преку институции до јавен превоз, но не плаќаат данок во Вашингтон. Оттука, градот во принцип поддржува два милиона народ, од данокот на 500.000, па кутриот градоначалник на политичкиот центар на најмоќната земја нема камиони за чистење на снегот од улиците. Немаше ни доволно сол, ниту доволно работна рака која ќе го расчисти аеродромот, ќе ги исчисти пистите и ќе ги поддржи „заглавените“ патници. Нема, зашто тој едноставно одлучил (а и секој пред него) дека е непотребно да се инвестира во возен парк кој ќе се користи еднаш на 100 години (кога на природата ќе и’ текне да донесе нов „снежен рекорд“ во престолнината) кога постојат безброј нерешени градски проблеми.

И додека Вашингтон се тетеравеше по снегот и чекаше пет дена да се појави сонцето (и камионите на заем од комшиите кои конечно ќе го однесат снегот од главните булевари), а населението се одмараше и грицкаше семки дома на топло, во Македонија излезе планот Скопје 2014.

Бреј! Оние таму не можат една улица од снег да исчистат, а овие овде и Париз и Рим ќе ги бутнат во центарот на Скопје и тоа за неполни четири години. Додека вашингтонците се напрегаа да преминат една обична раскрсница без притоа да расцепат глава, на Македонците устата пена им фати во обидот еден на друг да си расцепат глава. Едни велат, на граѓаните не можело комплетно да не им се допаѓа планот. Други велат, можело. Едни велат не била толку лоша замислената Филхармонија, други велат Ченто бил како комитски-комунист. Трети вадат „архитекти“ од нафталин во одбрана на „визионерот“, четврти си ставаат јамка на врат прогласувајќи „смрт на фашизмот“, а сите заедно упорно дебатираат. Уште да кажеа, за што?!

Има некој кој навистина верува во овој 3Д филм? Некој верува дека Македонија има капацитет (настрана ресурси) да ја оствари замислата на „визионерот“ и тоа до 2014? Добога, една рампа за хендикепирани луѓе пред Парламентот се правеше 70 години! Со години Македонија нема капацитет да обезбеди тоалетна хартија во тоалетите на „великиот“ аеродром (чувај боже да ги реновира како што треба), а има капацитет да изгради луна парк? Македонија од распадот на СФРЈ па наваму не може да обезбеди греење во јавните спортски и културни простори (театри, библиотеки, кина – кои и ги нема -, спортски сали, базени – кои и ги нема итн.), Македонија нема клавир што може да ги почувствува прстите на Трпчески (се влечка клавир од Скопје до Охрид за да се плати светски тенор 100.000 долари додека повеќето од вработените во МОБ се хонорарци без плата и пензиско), а ќе гради Филхармонија? И, за кого? За едвај колку продадени карти за секој настап (да, секако, важно е да се биде виден)!? Во Македонија нема каде да се купи CD со делата на Бах, Шекспир е тип даски за плафон, Моцарт е вулканизерски сервис, а ние ќе градиме што?! Па остана ли некој нормален во државава?

Ќе инвестираме и градиме во случај на Мерил Стрип да и’ се посака да дојде да го види Ченто? Да снима филм во прегратки со Даме? И кој ли веќе сè не поѕрна од видеото...

Навистина, фрапира фактот што постојат луѓе коишто целосно и со внимание го проследиле видеото, и анализираат „архитектонски решенија“. Ова е тема за свесни и совесни интелектулаци (ох, тој погрден термин), колку што е „недостатокот“ на камиони за чистење снег на вашингтонските власти за американските јавни интелектуалци.

За вакви теми може да дискутираат (и да ги врамуваат) во рамките на анализа на „политички капацитети“ на понудени (и спротиставени) политички опции, само ликови од типот на Латас и Миленко (и Раш Лимбо кој урлаше „срамота, демократите треба да обезбедат 100 камиони за чистење снег“ - во град кој последен пат видел ваков снег 1899) и останатите недоветни за коишто црното е црно само додека ним им се сака (и им се дава) бело. За луѓе кои користат логика и памет целава епизода треба да преставува само еден наполно утнат пропаганден обид, дотолку неинвентивен што како проект ќе падне на испит и по политички ПР и маркетинг, и по архитектура, и по урбанистичко планирање и на најбедните факултети во светот, а не да помине како важен и значаен државно-политички план. Ваква идеја во нормални земји ќе ја завршеше кариерата на секој политичар доволно прост и глуп да ја спомне, а камоли на тие што можеби ќе се дрзнат да удрат копач на плоштад.

Идејата може да пројде само кај луѓе кај коишто поминува аргументот: „па, Бранко ништо не направи, овие бар нешто прават.“ Е трагедијата е што овој „аргумент“, за жал, поминува кај поголемиот дел Македонци. Преведено тоа значи: „Бранко ништо не направи, како што не направи ни Љубчо, ниту Бучковски, а не ни е гајле што ништо нема да направи ниту Груевски сè додека ние имаме на што да се радуваме - како што малите деца се радуваат на сликичките од Чунга-Лунга“. Оти, се испоставува, ние сме во главата Чукната-Гунгула од народ!

Никој ништо нема да направи, а ние ќе продолжиме да умираме од инфекции зашто нема Ургентен центар кој може да нè прими. Ќе се зголемува бројот на невработени, ќе се шири реата од тоалетите на аеродромот, ќе умираат луѓе по несоодветни автопати, ќе се дават граѓани во Охридското езеро. Ќе продолжи да се распаѓа куќата во која учителствувал Гоце Делчев, ќе продолжи да се распаѓа и куќата видена во славниот „Среќна Нова ’49“ во штипско Ново село, а и македонската архитектура на Исарот. Ќе гори Св. Јован Бигорски, ќе смрзнуваат Ромчињата на -20 степени на Камениот мост. Ќе продолжат да гладуваат старците во старечки домови, ќе спијат децата од Домот за деца без родители на земја, ќе се губат Вардар и Велес во длабок сон, успиени од истуреното ѓубриште и хемикалии. Студентите по студентските домови ќе водат љубов со влекачи, зашто...зашто ние очевидно навистина сме античка земја, заглавена во антички услови: глад, кал, војни, линчувања, и култура која го разбира светот како поле во кое човечкиот живот е вреден колку што е вреден (тендерот за) еден камен. Затоа, ќе продолжат да нè клесаат (и да простите, ама и клецаат во здрав мозок) политичарите, додека не нè закопаат - во камен, на сред престолнина.

Снегот се топи. Природата ќе се смилува. Човештилакот, или по ново инаетливиот простотилак на Македонецот... е него не го даваме, па нек пукнат душманите!

сликите се преземени од Фејсбук групата „Скопје 2014 – Не, благодарам!“, достапни на овој линк.

Ама финтата е дека се

Ама финтата е дека се „одвоени“ пари од буџетот. Уште поголема трагедија ќе биде да пуфнат 200 милиони и се' остане полуизградено. Ја уште немам чуено за влада на која и останало нешто кешче вишак, па кажале еве затедивме нешто. Чак и да им пропадне оваа варијанта, ќе се потрошат на друго, чунки одвоени се, тргнати настрана. 
Освен ако „чудесно“ пак не ги стопира некој уставен или апелационен, и после цел живот да гњават со: „ете, ние сакавме и можевме ама не дадоа клетите душмани“. 

Ами тоа,тоа. Наместо да се

Ами тоа,тоа. Наместо да се зборува за криминалот што се прави и ќе се направи, седнал Македонецот збори дали идејата било архитектонски на место или не. Како  да е сенилен.Стварно бог да чува.

Најпрвин, честитки за 14-та

Најпрвин, честитки за 14-та по ред колумна на темата „Скопје 2014“.
 
Кој инаку, чини се’ на се’ ~ 1% од годишниот буџет на Република Македонија. Значи, да заклучиме: Власта се расфрла со тој 1 процент, а народот нема леб да јаде, иако 31,9% (809 милиони евра) одат токму за социјални случаи!
 
Извор: http://www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=1&EditionID...
 
Се прашувам, кој е всушност, чукнатиот...?

809 милиона евра на социјални

809 милиона евра на социјални случаи.. .на сендвич, на корка леб... 31.9%... епа кој е чукнатиот. Ебате народот што живее од „фрлената корка леб од Грујо“ дури се слика пред замислени споменици. Душко, душо празна... радувај се на 809 милиони евра ебате. Фали се, и фали ги со нив. И чекај споменици да има кај да седнеш кога и на тебе како на куче корка ќе ти фрлат и ќе велат: птичица!

Од кога тоа 200 милиони евра

Од кога тоа 200 милиони евра се 1%, и на 4 години да ги поделиме пак ќе бидат помалку. А најголем дел од буџетот оди на државната администрација, од која најголем дел оди на работа кога веќе нема што да прави друго, а единствени работни задачи на нововработените се да го следат пастирот каде и да оди и да коментираат на интернет грчевито бранејќи ја Владата.

Chunki najdobar tekst koj

Chunki najdobar tekst koj dosega go procitav vo vrska so temava!

Слични содржини

Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова

ОкоБоли главаВицФото