Антикоманија на паланката

17.02.2010 14:20
Skopje1.jpg

Решиле неколку наши градоначалници да прошетаат до Истанбул. По вечерата, откако убаво се најале и напиле, еден од нив предложил солидарно да ја поделат сметката. Но, единствената градоначалничка се побунила: „Не е фер, јас сум на диета, постам и нарачав само салата и лимонада, а некои нарачуваа виски, печења и разни други ‘солени’ специјалитети“. Нашите мажишта сакале да се покажат како вистински џентлмени, па побарале засебна сметка. Му објаснувале на келнерот на англиски, француски, италијански, германски, бугарски, на албански (ем биле учени ем шетани луѓе), ама келнерот никако да ги разбере. Најпосле, откако почнале со гестикулации и му нацртале на салфетка, на келнерот му светнало: „Аааа... башка есап!“ И, така си добиле башка есап.

На оваа анегдота ми текна пред некој ден, читајќи ги полемиките околу „проектот“ наречен „Скопје 2014“. Ќе се сети ли некој наш градоначалник (оти градоначалнички веќе немаме) или некој „народен“ пратеник да побара „башка есап“ за сите буџетски ставки и за основните елементи на „проектот“ „Општина Центар 2014“? Кој е носител на „проектот“, а кои се партнерите? Која е целта на „проектот“, а која е целната група? Кои се изведувачите и колку ќе чини изведбата на секој елемент од „проектот“? Може ли без детаљни одговори на овие прашања да зборуваме за некаков „проект Скопје 2014“? Или допрва треба да ги учиме нашиве „преродбеници“ што значи зборот „проект“?

Како граѓани, имаме право да ги мониторираме сите проекти на власта. Имаме право на детаљна сметка за секој предвиден и потрошен буџетски денар. Имаме право на башка есап, затоа што во паланечката кафеана „Скопје 2014“ изгледа веќе не се знае ни кој пие ни кој плаќа. „Визионерите“ испомешале и баби и жаби, и државни и приватни објекти, и споменици и статуи, и цркви и хотели, и водоскоци и „гомноскоци“. Имаме право да знаеме колку ќе чини секоја виртуелна инсталација од 3Д-анимацијата - вклучително и тоа колку чини анимацијата, заедно со нејзиното емитување во ударните термини. Исто како што знаеме колку ќе чини жичарницата до крстот на Водно, сакаме да знаеме колку ќе чини и секоја зграда, секој споменик, секој конкурс, секој земен авторски хонорар. На пример, во колку комисии за споменици учествува Паско Кузман и дали е вистина, како што објавија некои медиуми, дека стотици илјади евра се поделени само за хонорари на членовите на комисиите? Без башка есап, без детален буџет, одговорот дека „Скопје 2014“ ќе чини „околу 0,5 до 1 отсто од буџетот, во зависност од буџетската година, заклучно со 2014 година“ е бескрупулозно манипулирање на јавноста.

Се согласувам со Елизабета Шелева дека сега Скопје личи на паланка - на „чардак ни на небо ни на земја, ни село ни град“ (што би рекол Константиновиќ). Не личи на Крива Паланка, туку на права паланка. Но, дали „проектот Скопје 2014“ ќе го „прероди“ нашиот главен град од балканска паланка во современа европска метропола? Или, поскоро, самата 3Д-визуелизација е израз токму на некрофилскиот паланечки дух на едно „племе во агонија“, маѓепсано од визиите на „пастирот“. Не е ли „Скопје 2014“ одраз на нашата самозатвореност, на стравот од соочување со другиот, на скаменетата национална култура, на нашите нови државотворни митови, на племенскиот колективистички менталитет кој, според авторот на „Филозофијата на паланката“, е хронично „заразен“ од (квази)историзирање? Накусо, т.н. „проект Скопје 2014“ нема да го преобрази нашиот главен град во идна европска метропола, туку во антикоманска паланечка некропола.

Можете ли да си замислите европска метропола без метро, трамвај или барем тролејбус? Софија и Букурешт си имаат метро, Белград гради лесно метро, Сараево и Загреб си имаат трамвај, а Скопје останува во друштво со Подгорица, Тирана и со Приштина - единствени европски главни градови што немаат трамвај! Додека балканските градови градат супербрзи пруги кон ЕУ-метрополите, „Македонска железница“ рѓосува. Еве, ќе поминат четири години, а модерниот воз од веб-страницата на ВМРО-ДПМНЕ никако да пристигне на заборавената скопска железничка станица, проектирана од славниот Кензо Танге. Ако сакаше власта Скопје навистина да заличи на европска метропола, тогаш во визијата за Скопје ќе предвидеше не само трамвајска линија, туку и супербрзи возови.

Но, што ќе и' се на една балканска теснограда паланка модерна железница и трамвај? Трамвајот ќе остане пуста желба за граѓаните што Скопје го гледаат како европска метропола. Наместо за трамвај и за модерна железница, парите се изарчија на мегаломански споменици, за некрофилски музеи, за восочни фигури, за археолошки ископувања, за билдање на партискиот рејтинг преку пропагандни кампањи со кои се корумпираат медиумски тајкуни и експерти по „нарачано новинарство“. Затоа не треба никогаш да престанеме да бараме башка есап - детаљна фискална сметка за тоа колку буџетски пари изел секој споменик, секој некрофилски музеј, секоја восочна фигура, секое археолошко ископување, секој пропаднат тендер, секое државно огласување во функција на мобилизирање на паланечкиот сеир.

По падот на социјалистичкиот режим и идеологијата на комунизмот во 1989, поголем дел од социореалистичките споменици и статуи беа дислоцирани во „Паркот на статуите“ во Будимпешта, кој се претвори во туристичка атракција. Каде ли ќе ги сместиме античките споменици и паланечките статуи по падот на диктаторскиот „преродбенички“ режим и милитантната идеологија на александризмот? Мојот предлог е - на нашиве божемни патриоти и паланечки „коњољупци“ да им изградиме античкомакедонски плоштад на хиподром. Музејот на жртвите на комунизмот да биде и музеј на жртвите на ВМРО. Меѓу „Музеите на македонските илузии“ и „Плоштад на коњољупците“ да сообраќа редовна трамвајска линија.

Сликите се преземени од следниов блог: http://volanskopje.blog.com.mk/node/225856

Текстот е објавен во Дневник, 17.02.2010

 „Играњето“ со

 „Играњето“ со бројки е еден од поупотребуваните методи на оваа гарнитура. Ако се сеќавате по катастрофалниот прв круг на изборите во 2008, минстерот Милошоски излезе со генијална констатација, поткрепена со бројки, дека „на 98% од гласачките места изборите поминале во најдобар ред“, што би се рекло, изборите биле супер. 

Башка есап, да имаше некој

Башка есап, да имаше некој трезен. Вака нa сите им се гледа дупло :)
 
Бтњ, Љубљана нема трамвај. А имала. Комунистите сјебале... Треба да се прави ени деј нау веќе десетина години. Али Зоки е чудо од човека, нонстоп прави нешто, така да, ќе биде.
 
БТЊ 2, Нека градат слободно! Кога ќе паднат од власт ќе изџезираме нешто врз тие згради, има да стане сензација.  Ако градоначелникот на Тирана можеше да ги среди сивите комунистички ругла, ќе можеме и ние сивите антички и вонаби барокни ругла.

"Но, што ќе и' се на една

"Но, што ќе и' се на една балканска теснограда паланка модерна железница и трамвај? Трамвајот ќе остане пуста желба за граѓаните што Скопје го гледаат како европска метропола. Наместо за трамвај и за модерна железница, парите се изарчија на мегаломански споменици..." Oва треба да се споменува почесто.