Оптимизмот на несигурноста

18.05.2010 10:49
Kamila-Rosario.jpg

Како да успеам да останам активен и привидно среќен во овој ужасен свет во кој напорите на грижливите луѓе толку често бледнеат во споредба со она што го прават оние кои имаат моќ?

Не сум целосно уверен дека светот ќе стане подобар, но сум сигурен дека ние не би требало да ја предадеме играта пред нејзиниот крај. Метафората е намерна – животот е коцка. Ако не се игра, се губи секоја можност за победа. Да се игра, да се дејствува, значи да се создаде барем можност да се промени светот.

Постои склоност кон мислењето дека ќе се продолжи она што го гледаме во сегашниов миг. Забораваме ли колку пати сме биле запрепастени од неочекуваниот распад на институциите, од необичните промени во размислувањето на луѓето, од неочекуваните бунтови против тиранијата, од брзиот колапс на системите на моќта кои изгледале непобедливи.

Она што од историјата во последните 100 години можеме да заклучиме е дека таа е сосема непредвидлива. Револуцијата со која е симнат царот на Русија, најтромото од сите полуфеудални царства, не ги застраши само најнапредните империјални сили, туку го изненади и самиот Ленин кој побрза со воз во Петроград. Кој би можел да ги потврди бизарните пресврти во Втората светска војна – нацистичко-советскиот пакт (оние мачни слики на Рибентроп и Молотов како се ракуваат) и дека навлегувањето на германската армија, привидно непобедлива, која предизвикува огромни жртви, ќе биде запрено на портите на Ленинград, на западната граница на Москва, на улиците на Сталинград, по што следуваше поразот, со Хитлер стуткан во својот берлински бункер додека ја чека смртта?

А потоа светот по војната што ја добива формата која никој однапред не можеше да ја предвиди: кинеската комунистичка револуција, турбулентната и насилна Културна револуција, потоа уште еден пресврт во постмаовистичката Кина која се откажува од своите идеи и институции за кои жестоко се залагаше, со отворањето кон Западот и доближувањето до капиталистичкото претприемништво, збунувајќи ги сите.

Никој не ја предвиде дезинтеграцијата на старите западни царства која се одвиваше толку брзо по војната, ниту чудниот низ општества кои ќе бидат создадени меѓу новите независни нации, од благиот социјализам во Танзанија, до лудилото во соседна Уганда на Иди Амин. Шпанија, едноставно, ги вџаши сите. Се сеќавам на ветеранот од бригадата „Абрахам Линколн“ кој ми рече дека не може да го замисли падот на шпанскиот фашизам без уште една крвава војна. Меѓутоа, кога Франко умре, парламентарната демократија почна да живее, отворена за социјалистите, за комунистите, за анархистите, за сите.

На крајот од Втората светска војна останаа две суперсили, секоја со својата сфера на влијание и контрола, кои се грабаа за воена и политичка моќ. Сепак, тие не беа во состојба да ги контролираат настаните, дури и во оние делови од светот кои беа сметани за нивни сфери на влијание. Неуспехот на Советскиот Сојуз во Авганистан да биде по негово, одлуката да се повлече по речиси една деценија од грозната интервенција, беше најочигледен доказ дека поседувањето и на самото термонуклеарно оружје не гарантира доминација над решителните жители. САД се соочија со истата реалност. Водеа војна со широки размери во Индокина, спроведувајќи го најбруталното бомбардирање на еден мал полуостров во светската историја, а сепак беа принудени да се повлечат. Секој ден на насловните страници гледаме други примери за порази на наводно силните од наводно слабите, како во Бразил, каде народните движења на работниците и сиромашните избраа претседател кој се заколна дека ќе се бори против деструктивната корпоративна моќ.

Кога се набљудува овој список на огромни изненадувања станува јасно дека борбата за правда не треба никогаш да се напушта заради привидната застрашувачка моќ на кои поседуваат оружје и пари и изгледаат непобедливо во својата решеност цврсто да се држат до него. Таа привидна моќ често се покажа како ранлива во судирот со човечките квалитети кои не се мерливи со количината на бомби и долари: морална цврстина, решителност, единство, организираност, жртвување, разум, остроумност, храброст, трпение – без разлика дали станува збор за црнците во Алабама и во Јужна Америка, селаните во Ел Салвадор, Никарагва и Виетнам, или работниците и интелектуалците во Полска, Унгарија и во самиот Советски Сојуз. Никаква студена пресметка на рамнотежата на силите не треба да ги застрашува луѓето кои се убедени дека се во право.

Често се обидував да се спротивставам на моите пријатели и на нивниот песимизам кон светот, но постојано среќавам луѓе кои, наспроти страшните работи кои насекаде се случуваат, ми даваат надеж. Особено младите луѓе на кои иднината им останува. Каде и да одам, се среќавам со такви луѓе. Освен активистите, изгледа дека постојат стотина, илјадници кои се отворени за неортодоксни идеи. Но, изгледа дека не знаат едни за други, па така, во своето цврсто настојување, со очајничко трпение на Сизиф бескрајно го туркаат каменот низ планината. Се обидувам на секоја група да и’ кажам дека не е сама и дека и луѓето кои се обесхрабрени од отсуство на движење од национални размери претставуваат доказ дека таквото движење е можно.

Револуционерната промена не доаѓа како некој катаклизмичен миг (чувајте се од таквите мигови), туку како бескрајна низа од изненадувања, кои се движат во цик-цак линија кон попристојно општество. Не мора да се ангажираме со некои големи, херојски акции ако сакаме да учествуваме во процесот на промени. Малите акции, кога ги изведуваат милиони луѓе, можат да го променат светот. И кога нема да „победиме“ постои радоста и исполнувањето од фактот дека сме се ангажирале со другите добри луѓе во нешто што е вредно. Нам ни е потребна надеж.

Оптимистот нужно не е некој весел господин кој разиграно си свирка во темнината на нашето време. Да се биде полн со надеж во матни времиња не е само луд романтизам. Надежта почива врз фактот дека човековата историја не е само збир на одвратни нешта, туку и сочувства, пожртвуваност, храброст и добрина. Она што ќе избереме да го нагласиме во ваквата сложена историја ќе го одреди нашиот живот. Ако го видиме само она најлошото, тоа ќе ја уништи нашата способност нешто да направиме. Ако се сеќаваме на времињата и на местата – а таквите се многу – во кои луѓето дејствувале во својата величественост, тоа ќе ни даде енергија да дејствуваме и барем можност светот да го свртиме во спротивен правец. Па ако дејствуваме, на кој и да е начин, не мораме да чекаме некоја голема утописка иднина. Иднината е бесконечна низа на сегашноста, и ако живееме сега онака како што мислиме дека човечките суштества треба да живеат, наспроти сè што е лошо околу нас, тоа само по себе е одлична победа.

Слика: Камила До Росарио

Прочитајте го и текстот: Хауард Зин (1922-2010)

ОкоБоли главаВицФото