Воведно предавање на читачката група за феминизам и студии за животните: „Интимни фамилијарности, сплотени разлики”

15.04.2024 12:43
Воведно предавање на читачката група за феминизам и студии за животните: „Интимни фамилијарности, сплотени разлики”

Утре (вторник, 16 април) во КСП Центар - Јадро во 19 часот ќе се одржи средба на овогодинешната читачка за феминизам и студии за животните со воведно предавање насловено: „Интимни фамилијарности, сплотени разлики” кое ќе го одржи Катерина Шекутковска.

Читачката група започнува со четвртиот циклус средби кој оваа година ќе го истражува продуктивниот и возбудлив пресек помеѓу феминизмот и студии за животните. Овој интерсекциски пристап нуди согледби на мноштво интересни паралели помеѓу видовите кои поттикнуваат да се преиспитаат наметнатите разлики, да се реобмислат често опозициски поставените категории човек/животно, како и да се имагинира една нова етика која ќе ги вклучува правата на сите видови.

Токму сличностите и разликите меѓу видовите, но и дефинирањето на нивната заедничка борба стојат во фокусот на воведното предавање: „Интимни фамилијарности, сплотени разлики”. Разгледувајќи ги епистемолошките, родовите (перформативно-идентитетските), етичките и трудово-правните аспекти на односот и соодносот на човекот (односно жената) и животното.

Во рамки на предавањето ќе бидат претставени темите, авторите/ките и текстовите кои ќе бидат обработени и дискутирани за време на осумте средби на читачката група. Сродноста во доживувањето на жената и животното како ‘друг’, но и меѓусебната зависност и поврзаност на категориите во начинот на кој размислуваме за анималноста и родот, претставуваат еднакво важни теми за читачката група, како и важноста за реконцептуализација на човековиот однос со нечовечки суштества и постојните динамики на моќ.

Токму низ преиспитување на наводната привилегија на човекот над животното и сличностите во феминистичката борба и борбата за правата на животните, се отвора простор за градење на нова еко-феминистичка етика и практика, која неретко го наоѓа својот израз и во уметностите. Во последниот дел од предавањето ќе се осврнеме и кон неколку примери во кои јасно се гледа третманот на овие прашања и теми во уметноста, особено во книжевноста.

Покрај содржинскиот дел, во рамки на предавањето ќе биде презентирана и целосната програма на средбите, термините како и можностите за учество.

Реализацијата на четвртиот циклус од Читачката група е дел од годишната програма КСП Центар-Јадро, поддржана од Минстерството за култура на Република Северна Македонија.

ОкоБоли главаВицФото