Поддршка од позадина

01.09.2011 15:04
Поддршка од позадина

Револуцијата во Либија конечно заврши онака како што и требаше. Или, со зборовите на Ивлин Во: „Неколку успешни напади, неколку упадливи храбри подвизи на поединци на страната на патриотите, и живописен влез во престолнината“. Ова беше западната политика кога станува збор за војната во Либија – освен што војната траеше подолго од планираното, и можеби сè уште не е завршена. Бунтовниците се пробија до Зелениот плоштад и прогласија победа. Потоа Саиф ал-Ислам Гадафи, режимскиот принц-престолонаследник се провозе со оклопно возило низ Триполи, тврдејќи дека бунтовниците се вовлечени во лукава замка.

Но, тоа е проблемот со војните и револуциите: знаат да отстапат од замислената политика и да ги збунат оние кои ги планираат. Продолжуваат дури и тогаш кога веќе требало да завршат. Се прелеваат на други територии и доведуваат до нови судири. Дури и војните, кои завршуваат со свечени церемонии на предавање и детално разработени мировни договори понекогаш имаат неочекуван задгробен живот. Првата светска војна ја започна Втората светска војна, Втората светска војна ја започна студената војна, а студената војна ја започна војната во Кореа, и така натаму.

Не е нужно револуцијата во Либија да заврши со граѓанска војна. Во исто време, не постои гаранција дека тоа нема да се случи. Во двата случаи, нашите можности да влијаеме врз развојот на настаните се ограничени. Можеме да ги помагаме бунтовниците, како што тоа го правевме за време на целиот судир: всушност, тие, покрај воздушната поддршка на НАТО, во тишина добиваа и воена обука од страна на Французите и Британците, како и оружје и совети од други европски земји и земји од Персискиот залив, првенствено од Катар. Меѓутоа, ние не можеме да водиме војна место нив, не можеме да ги обединуваме со сила, и не можеме да им пишуваме нов устав. Напротив, во случај да станеме премногу забележливи во Либија, без разлика дали заради трупите на теренот или заради преголемиот број советници со темни очила, веднаш ќе станеме уште еден непријател. Ако се обидеме наместо нив да ја формираме новата либиска влада, ризикуваме таа да стане непопуларна.

Она што наместо тоа би требало да го направиме, да искористам еден веќе добро познат израз, е храбро, гордо и искрено да водиме „од позадина“. На почетокот на интервенцијата на НАТО, тврдев дека најдоброто оружје на Обама е тишината – без празни ветувања, без драматични настапи, без закани. Нека војната биде и остане нивна, не наша. И резултатите се следни: бунтовниците кои марширајќи влегоа во Триполи и им мавтаа на камерите на телевизијата Ал Џезеира изгледаа како либиски, а не како западни трупи – зашто и такви беа. Фотографијата на бунтовниците кои ја газат фотографијата на Гадафи изгледаа многу поавтентични и многу подобро ќе бидат прифатени во Либија и ширум арапскиот свет отколку фотографиите на маринците кои во 2003 година го рушат кипот на Садам Хусеин, при што главата е завиткана во американското знаме.

За нашата тишина мораше да се плати цена. Изостанувањето на видливото водство на Америка, всушност, изостанувањето на водството на која било западна земја, можеби одлично им послужи на Либијците, но тоа беше катастрофа за НАТО. Роберт Гејтс, американскиот министер за одбрана, без причина не ги критикуваше жестоко европските членки на НАТО во екот на конфликтот: по само еден месец од почетокот на интервенцијата, слабостите на алијансата беа соголени како никогаш порано. Европските воени сили кои се вклучија во конфликтот ги истрошија залихите од оружје и муниција. Две личности кои беа најистакнати во процесот на заговарање на интервенцијата, францускиот претседател и британскиот премиер, речиси и да не ја споменуваа Либија. Јавната поддршка за интервенцијата на Западот немаше зашто многу мал број луѓе јавно се залагаа за неа. Ова не е добар знак за во иднина. Меѓутоа, ова е наш проблем, не проблем на Либија.

На наша среќа, водството од позадина не е само единствена опција, туку и најдобра. Ова беше нивна револуција, не наша. Сега е подготвена да стане нивна транзиција, не наша. Ние можеме да помогнеме и да понудиме совет. Можеме да ги упатиме на искуството на другите земји – Ирак, Чиле, Полска – кои исто така се обидоа да извршат транзиција од диктатура кон демократија, и кои можат да понудат лекции за тоа што треба да се работи, а што да се избегнува. Треба да одржуваме ниско ниво на очекувања со минимални ветувања. Всушност, многу нешта треба да научиме за либиските бунтовници, за нивните племенски поделби, за нивната политика и економија. А дома ни останува да го надополниме големото количество потрошена муниција.

Извор: Slate

Дај Боже да ви преседне

Дај Боже да ви преседне нафтата.

ОкоБоли главаВицФото