Од Калигари до Хитлер

19.06.2012 12:27
Од Калигари до Хитлер

Зашеметените поединци и маси изложени на теророт на пропагандата сјајно се прикажани во неколку филмски ремек-дела на германскиот експресионизам од дваесеттите и триесеттите години на ХХ век. Клучно дело во тој период несомнено е „Кабинетот на доктор Калигари“ (1920), филмот на Роберт Вине кој на парадигматичен начин ја придвижи темата за поврзаноста меѓу тиранијата и хипнозата. Од тој мрачен спој се раѓа принудата на послушност во која десетина години подоцна ќе потоне речиси целата германска нација. Главен лик во филмот е докторот Калигари кој води двоен живот; истовремено е директор на заводот за ментално болни и магичен хипнотизер кој на панаѓурите настапува со послушниот сомнамбул Чезаре. Токму послушниот Чезаре во рацете на демонскиот Калигари станува орудие на злосторството.

Суштината на филмот ја фаќа суштината на историскиот миг на тогашните Германци: дали со помош на хипноза може да се управува со луѓето? Дали човек може да се сведе на безволна човечка кукла лишена од сопственото јас? Дали можеме да ѝ се спротиставиме на магичната власт на мајсторот хипнотизер? Дали диктатурата е само хипноза и трик или се потребни соодветни психолошки и општествени предуслови? Таа психолошка проблематика на удвоена личност, едновремено садистичка и мазохистичка, која ем тежнее кон власта ем сака да ѝ се покори, личност која понижува и која е понижена, зборува многу за политичката атмосфера во тогашна Германија. Симбол на таа подвоена личност станува Адолф Хитлер, прототипот на авторитарниот карактер. Тој „вдахновен водач“, истовремено жртва и џелат, слуга и диктатор, станува германски идол. Роже Кајоа во една студија за харизматската власт тој тип на „вдахновен водач“ го дефинира како мешавина од сомнамбулизам, хипноза, вртоглавица и екстаза. Лик во кој се вкрстуваат митологијата и психологијата на толпата. Хитлер, кого го сметале за „резонатор на колективната германска душа“, во неколку наврати докажувал дека со прецизност на месечар ќе чекори по својот пат.

Исто толку славни како и „Доктор Калигари“ се и серијата филмови за доктор Мабузе, од Фриц Ланг. Доктор Мабузе на сличен начин ги хипнотизира своите жртви. Власта и хипнозата уште еднаш неразделно се поврзуваат. Во 1943 година Ланг го коментира својот филм од 1932 година, „Тестаментот на доктор Мабузе“, како „алегорија која го претставуваше хитлеровскиот механизам на теророт“. Најславниот филм на Ланг од тој период сепак е „М како убиец“ од 1931 година. Главниот лик во филмот е едновремено малограѓанин и злосторник. Фатен, тој зборува за себе: „Нешто секогаш ме принудува да кружам низ улиците и некој секогаш оди по мене. Тоа сум јас. Понекогаш чувствувам дека тоа јас одам зад себе, но не можам да побегнам... Сакам да побегнам, морам да бегам... Секогаш ме гонат фантоми... ако тоа не го направам. А потоа стоејќи крај столбот за објавување, читам што сум направил. Дали тоа јас сум го направил? Но, јас за тоа ништо не знам. Го мразам тоа... морам... да мразам, морам – не можам веќе...“

Но, пропагандата (или хипнозата) врз луѓето некогаш се одвива на речиси бениген или невидлив начин. Пример за тоа е славното нацистичко списание „Сигнал“. Дури и во броевите од 1944 година во списанието не се зборувало за политика, војна, идеологија, крајно решение, победа или пораз... Во прв план била промоцијата на вредностите, важноста на индивидуалната иницијатива, рекламите за чорапи и парфеми... Во еден број на списанието објавен е дури и текст за пацифизмот на Ганди, преполн со восхит!

Слично искуство, за „нормалноста на фашизмот“, ни пренесува и Пјер Паоло Пазолини, кој во младоста бил активен член на фашистичката универзитетска организација. Пазолини не го доживеал фашизмот како тотална мобилизација и политизација, туку како тотална деполитизација и како застрашувачки налет на нормалноста. Подоцна, се разбира, големиот уметник се згрозувал над тоа што фашизмот го доживеал како подразбирачка нормалност. Тоа младешко искуство толку влијаело на Пазолини што тој до крајот на животот доцната капиталистичка нормалност во која живеел ја гледал како нов фашизам/нацизам. Во текстот „Крајот на авангардата“ од 1966 година Пазолини поставува мошне непријатно прашање: „Но, дали можеме да говориме за преродба на нацизмот? Дали нацизмот кога било умрел? Зарем не бевме глупаци ако поверувавме дека тој бил само една епизода? Зарем токму нацизмот не ја дефинираше ’нормалната’ ситна буржоазија?“

Во една студија објавена 1930 година теоретичарот на филмот Зигфрид Кракауер укажува на изразените чиновнички претензии на повеќето германски службеници, чиишто економски и општествен статус всушност се граничел со статусот на работникот, или дури бил понизок од него. Иако тие луѓе од пониската средна класа веќе не можеле да се надеваат на граѓанската безбедност, тие ги презирале пореалистичките идеали и сосема им се препуштиле на халуцинациите на националсоцијализмот, губејќи го своето упориште во стварноста. Последица на тоа била менталната беспомошност; тие упорно останувале во некаков вид вакуум кој ја засилувал нивната психолошка тврдокорност. Однесувањето на таквите малограѓани било посебно зачудувачко. Ситните трговци и занаетчии биле толку незадоволни што не се ни обидувале да најдат поразумни решенија за себе и за својата класа. Наместо да разберат дека во нивен практичен интерес е да застанат на страната на демократијата, тие попрво, слично како и службениците, ги слушале нацистичките ветувања. Според Кракауер, нивното препуштање на нацистите било засновано врз емоционални опсесии попрво отколку на некое разумно согледување на фактите.

Лесно се препознава главната теза на мојот текст: груевизмот во кој живее современиот Македонец е своевиден сомнамбулизам. Главен актер и жртва на политичката „хипноза“ е осиромашената (мало)граѓанска класа која сè потешко живее, но која не сака да се соочи со манипулациите на водачот. Во тој отровен облак од лаги, пропаганда и халуцинации веќе шест години се заробени многу граѓани. Малограѓанштината (сеирот, кичот, помпезноста, просташтвото поврзано со ароганција и насилство) се претвори во главна културна матрица и на владеачката класа. А „вдахновениот водач“ (познат и по своите противречни, но обединувачки имиња, Златниот-Црниот и Малиот-Големиот) стана токму слика и прилика на подвоено „отелотворување на нацијата“: тој истовремено е злосторник и жртва, мал онеправдан Македонец и водач на сите обесправени Македонци. Неговата психолошка структура која настојува да ја олицетвори психологијата на целата нација е предвидлива до баналност (заради тоа и посегам по сосема јасните и истражените матрици за психопатологијата на фашизмот втемелен во авторитарната, садомазохистичка личност): садизмот на тиранинот потекнува токму од неговиот комплекс на пониска вредност. Македонците и во социјализмот, како задоцнета нација, го имаа комплексот на пониска вредност, но никогаш како сега тој комплекс не бил олку разуларен, деструктивен и тоталитарен.

(Груевизмот со амбициозноста на своите бескрајни проекти наликува на gesamtkunstwerk – тотално уметничко дело. Сè треба радикално да се промени: идентитетот на граѓаните, нивната историја, нивните вредности, архитектурата, уметноста, имињата на улиците... Поимот gesamtkunstwerk, сеопфатното уметничко дело, најмногу е афирмиран од уште еден предвесник на фашизмот, композиторот Ричард Вагнер. Во текстот „Уметничкото дело на иднината“ (1849) Вагнер констатира: „Ниедна поединечна уметност денес не може да открие нешто ново, што важи не само за ликовната уметност, туку, во подеднаква мера, и за уметноста на танцот, инструменталната музика и книжевното творештво. Сите тие уметности веќе ги развиле своите највисоки способности за во сеопфатното уметничко дело, во драмата, да можат и понатаму да откриваат, но не поединечно и по себе, туку само во рамките на претставувањето на животот, тој секогаш нов предмет“. Се разбира, тоталното уметничко дело на Груевски е едно од најгрдите дела во целокупната историја на цивилизацијата, ретко споредливо дури и со најголемите културни кошмари на одредени диктатори. Но, тоа дело, преродбеничкиот gesamtkunstwerk, политичката драма на која 24/7 е изложен современиот Македонец, своевидната мешавина од пропаганда, хипноза и дресура, сепак произлегува од романтичните визии на Вагнер и од потребата по нови култови и митологии.)

На крајот, зошто за политиката зборувам со јазикот на психологијата и уметноста која ги лови темните петна на свеста? Најпрвин, зашто на сличен начин за подемот на фашизмот зборува и теоретичарот на филмот Зигфрид Кракауер, чија книга „Од Калигари до Хитлер“ ми беше извор за некои од референците во текстов. Второ и поважно, разградбата на политичките системи доведува до распаѓање на психолошките системи, вели Кракауер. Нашиот политички систем е сосема уништен. И она малку институционален поредок што го градевме (или што го наследивме) од 1991 година навака – сега е наполно разграден и во делови предаден на управение на единствениот политички, културен, морален итн. арбитар во општеството – партијата втемелена во волјата на водачот.

Што ни преостанува? Партизанскиот словенечки поет Матеј Бор вака им кажа на окупаторите: Сакавте да нè претворите во кучиња, но ние станавме волци. Или, поинаку, со славниот тешко преведлив стих: Previharimo viharje, prepošastimo pošast.

Фотографиите се од филмот Das Cabinet des Dr. Caligari (1920)

da ne bese vreden tekstov

da ne bese vreden tekstov nemase da ima volku komentari,se utepaa od komentiranje da pokazat kolku li necini tekstov

Аха, и да не беа бубашвабите

Аха, и да не беа бубашвабите толку вредни, немаше да прскаме во зграда.

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото