Маскулинистичко општество

30.05.2013 14:30
Маскулинистичко општество

Неколку забелешки за досегашниот тек на „дебатата“ за новиот закон за абортус, а паралелни на веќе изложените легалистички аргументи и интерпретации за новиот закон, на кои министерот им се потсмева во класичен маскулинистички моќнички манир.

Доколку министерството сака да носи нов закон кој ќе биде во согласност со современите трендови не само во медицинската технологија, туку во општествената динамика, во тој случај потребно е интегрално ревидирање на постојниот закон во согласност со најновите интернационални стандарди за репродуктивно здравје и права, посебно на жените. Овие стандарди Македонија ги ратификувала и потпишала, а ниту постојниот ниту новоизготвениот закон не се во целосна согласност со нив. Страшно е што министерот ваквите стандарди со надмена иронија ги нарекува „ултралиберални ставови“ кои божемсе предмет на негово индивидуално не/согласување. Здравјето на жените и нивните репродуктивни и сексуални права не се предмет на афинитети и ставови на министерот, уште помалку на еден маж.

Вториот проблем е дека менувањето на законот за абортус не смее да претставува изолирана редуцирачка законска постапка. Еден ваков чекор мора да покрене интегрална ревизија на целокупниот систем за здравјето на жената, а којшто е/се имплементира во национални политики и стратегии, како и во целиот комплекс достапни услуги и методи за контрацепција и грижа за здравјето на жената. Во оваа насока, ако министерот манипулира со аргументот дека советувањето пред 10-та недела е задолжително од причина што не сите жени се високообразовани, во тој случај министерот треба да се запраша во какво општество живее и што преземал тој и неговите пријатели од власта за континуирано, интегрално и сеопфатно (на популациско ниво) образование и информираност на девојките и жените, како и на момчињата и мажите, за репродуктивните права и здравје. Можеби наместо да трошеа милиони за шовинистички кампањи, требаше да ги релоцираат тие средства за овие намени, или да вложеа напори за прифаќање и изготвување на интегрално сексуално образование. На тој начин, нема да има потреба еден медицински апарат да се однесува како патерналистичка фигура врз телото, свеста и одлуките на жената во критични и емоционално напрегнати моменти каков што абортусот.

Депримирачки е дека сè уште е мрачно да се изговорат зборовите феминизам и феминистичка перспектива. Ваквиот закон се коси со сите феминистички заложби. Што подразбира ова?

1. Дека жените и женските организации мора да го водат, не само да бидат вклучени во ваквиот процес. За разлика од тоа, ние имаме процес на поднесување нов закон во кој се потпишани четворица мажи.

2. Живееме во маскулинистичко општество, патријархална култура и низок степен на почитување на родовата еднаквост, каде што традиционалните родови улоги и предрасуди се силно изразени. Во таков контекст, комплицирањето на процесот, негово дополнително заплеткување во бирократски процедури, и задолжување на присуството на сопругот, единствено може да доведе до зајакнување на срамот, себеосудувањето, несигурноста, покорноста и неодлучноста на жената.

3. Истата ваква технократизација на процесот на одлучување ја девалвира моќта на жената за носење одлука, свесна и самостојна, и го делегитимира нејзиниот избор.

4. Истата процедура звучи како ноќна мора која не ѝ посочува на жената ниту една светла точка од нејзиниот избор, туку само нуди хорор информации за некакви си монструозни мутилиации и последици. За многу жени изборот да абортираат претставува отворање свет на можности и самостојност.

5. Точно е дека абортусот не е најдоброто средство на избор. Но ако е така, проблемот треба да се решава системски, а не со матни и преку ноќ изгласани закони потпишани од фаличката контролирачка рака на група мажиња. Неопходен е сеопфатен систем на услуги и можности за избор надвор од оваа опција (веќе пропишани во интернационалните стандарди и посочени во феминистичките заложби и барања на глобално ниво), како и подеднаква респонсибилизација на мажите за репродукцијата. ЖЕНАТА НЕ Е МАЈКА НА НАЦИЈАТА НИТУ Е МАШИНА ЗА РЕПРОДУКЦИЈА ВО КОЈА МАЖОТ ИНСЕМИНИРА. Министерот може да почне да размислува за истражувања и изнаоѓање методи за контрацепција за мажите.

6. Абортусот е стратегија за укинување на машката контрола и угнетување врз женските тела и нивната сексуалност, и тоа не е прашање на „ултралиберални ставови“. Феминистичките перспективи се длабоко социјално мотивирани, и не соодветствуваат на таква идеолошка квалификација. Ако министерот арогантно се потсмева на „незначајни“ терминолошки разлики, тоа не го амнестира од неговата идеолошка неписменост.

7. Декларативното застапување на слобода на избор е класична либералистичка манипулација која ги игнорира историски длабоко вкоренетите затскриени форми на присила, контрола и субординација на жената. Во таков контекст, државниот апарат и гласот на мажот (неговото присуство) можат да бидат неколкукратно пострашни и да претставуваат премолчена присила врз рационалниот избор на жената, а не толку експлицитни опресивни мерки.

8. Министерот и државата сè уште се однесуваат како божем тие да се некои добротворци кои ѝ „даваат“ на жената права и можности. Ваквата перспектива е најперверзната патријархална стратегија на моќ. Жената не е подреден субјект чијшто живот е ставен на милоста на државата, уште помалку на некаков си министер. Жената има рамноправен статус и полн легитимитет да бара ревидирање на сите политики и практики кои директно задираат во нејзината телесност, свест, права, избор и живот.

Конечно, не смееме да останеме слепи кон една скорешна историја. А тоа е дека оваа влада од своето доаѓање на власт иницира јавни дискурси кои се насочени против абортусот, применуваат стратегии кои целат кон сентименталност и застрашување во контекст на абортусот, и се милуваат со наци-шовинистичките позиции на црквата. Пред само три години ние од невладиниот сектор потпишувавме декларации, собиравме потписи, инициравме кампања, и сето тоа како резултат на тендерите и стремежите на владини претставници да го ускратат правото на жената за слободен избор. Во таков контекст, не можеме да мислиме дека нетранспарентното и криумчарско носење на ваков закон е чиста случајност. Не паѓаме на таквите манипулации на истата влада која Паркот на жената борец го претвори во галерија на фалички статуи и ламентации по Големата нација, во панаѓур на историјата маркирана единствено со машки фигури, а во која секоја женска трага е елиминирана. Не можеме да го исклучиме од ум фактот дека имаме само една жена во централното градско подрачје - мајка, доилка и сопруга на голем маж војсководец.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото