Рунтава семакедонска карта на светот

27.03.2009 11:56
Карта на Македонија 27 март, 4579 година

Пред некое време, при ископувањето во потрагата по темелите на црквата “Св. Никола” изградена во 2009, во археолошкото наоѓалиште Скопје, најдени се следниве артефакти од мрачното доба (1990-2150):
- реп од шмизла, изработен од бронза, во центарот на наоѓалиштето, на кој поентата сè уште не може да му се одгатне
- железни шипки и сијалици кои веројатно биле поврзани во голема конструкција, јужно од центарот, набодени во бетон
- антички столбови за кои иницијално се мислеше дека припаѓаат на античкото или неокласичното доба, но се испостави дека се неколку векови помлади од тоа
- слика од абортиран фетус
- и најважното откритие за цивилизацијата на Рунтавите Семакедонци, Рунтавата Семакедонска Карта на светот (датира некаде околу почетокот на третиот милениум и е одлично сочувана зашто веројатно била чувана во некој музеј, а од историските писанија знаеме дека во тој период музеите доживеале вистински процут)

Еве ја рунтавата семакедонска карта на светот:
Карта на Македонија

Толкување:
Самата карта е насловена “Карта на Македонија”, а не “Карта на светот”, како што е вообичаено за картите од тоа време, поради тоа што во перцепцијата на Рунтавите Семакедонци двата термина се совпаѓале. Од картата убаво може да се види дека Семакедонската територија опфаќала широко пространство, протегајќи се од централна и југоисточна Европа, до Јапонското Море (Јапонија е симболично претставена како 16-крако сонце долу десно). Како што може да се види, исто така, иако верувале дека Земјата е плоча, Рунтавите Семакедонци биле свесни за постоењето на вселената, која ја нарекувале Кос Мост (изведено од старогрчкиот збор космос). Рунтавите семакедонски пространства сообразувале огромна целина, поголема и од тогашна Русија. Занимливо е што на картата на Рунтавите Семакедонци, соседните ентитети не се перцепирани како држави, туку како народи. Оттаму произлегува границата со, да речеме, Србите, Грците и Бугарите.

За Рунтавите Семакедонци се знае дека верувале во Бога, во Александар и во теоријата на релативитет. Рунтавите Семакедонци се првото племе кое се побунило против големата преселба на Словените од позади Карпатите и за да докажат дека сите Словени се Рунтави, решиле да ги вклучат Карпатите во Рунтавите Семакедонски територии.

Спротивно од досегашните откритија, но во склад со многу претпоставки, од картата може да се види дека всушност Европската Унија била далеку од териториите на Рунтавите Семакедонци, подалеку дури и од Индија. За Индија, и Пакистан, и племето Хунза, долго време се веруваше дека биле на другата страна на светот; меѓутоа, новиве сознанија кажуваат дека всушност Хунзите биле четвртиот крак на Халкидики. За непрецизноста на останатите карти на светот од тоа време, кои го прикажуваат Халкидики како полуостровче со само три крака, веројатно е одговорна грчката пропаганда која сакала Хунзите да ги скрие под мантиите на поповите од Света Гора. Уште еден таков случај е и Египет – на сите грчки карти Египет е претставен јужно од Грција, во Африка, но Рунтавите Семакедонци ги претставиле Грците како појужен народ од Египет. Ако се земат предвид некои генетски истражувања со кои Рунтавите Семакедонци се гордееле, а во кои Грците се опишани како субсахарски народ, тогаш ваквото претставување има и тоа колку смисла.

Исто така, неточни биле претпоставките дека Рунтавите Семакедонци граничеле со Косово. Како што може да се види, Рунтавите Семакедонци немале причина да се занимаваат со Косово зашто тоа било далеку, и тие не ни имале шанси одблиску да го запознаат.

Уште една информација од овој примарен извор е во врска со позиционирањето на Дијаспората во Медитеранот (иако порано се мислеше поинаку). Тоа кажува многу за колонизацијата на Рунтавите Семакедонци (Колумбо и Роберт Хук) на новите пространства, кои и не биле толку далеку.

Ископувањето продолжува со исто темпо. Да потсетиме, повод за потрагата по црквата “Св. Никола” беше пронаоѓањето на боксерска ракавица со врежан крст во неа на која пишуваше: “Со оваа ракавица и овој меч ќе владејам јас, императорот Ник Први Слотер”; таа ракавица му припаѓала на еден налудничав Рунтав Семакедонец кој со закон забранил абортус. На маркицата од ракавицата пишувало: “Крунисано во црквата 'Св. Никола', плоштад Македонија”.

Браво Вуна! До солзи ме

Браво Вуна! До солзи ме насмеа - со нетрпение го очекувам твојот следен текст :)

Остро како жилет, ама сепак,

Остро како жилет, ама сепак, опкружени сме со дебелокошци кои се на почеток на еволуцијата...

ОкоБоли главаВицФото