Ало паркобрани, претставки и поплаки!

18.09.2013 12:52
Ало паркобрани, претставки и поплаки!

Ве замолувам „паркобрани“, како ваш голем поддржувач, а богами и во многу наврати цимер, веднаш да се фатите за перо, хартијата во раце и пишувајте поплаки и претставки. Немојте да се чудите, точно тоа е решението на проблемот. „Полициската асистенција е во согласност со законските норми и нема ниту една претставка или поплака на полициското постапување“ - објави МВР за преземената акција, за расчистување на теренот кај Бристол.

Според МВР, тие работеле, работат и ќе продолжат да работат согласно законите, постапувајќи неселективно и во одбрана на демократијата. Навистина ве замолувам, дајте пишете претставки, поплаки, жалби... што и да е. Тоа му било мајката – така вели Гоца.

И после толку време владеење на оваа гарнитура, не можам да разберам дали тие се толку отидени во аут или пак ние, граѓаните, сме изгубиле чувство за тоа дали нештата се вистински или не. Не можам да се помирам со фактот дека катадневно се случуваат настани, како гореспоменатиот, кои во нормална држава, со нормално владеење, со нормални луѓе, не може да поминат како што ова поминува кај нас, во нашата ни „мила Македонија“. Сѐ се сведува на она нашето проклето „чувај боже од полошо“. Луѓе, што има полошо од ова? Поплава, земјотрес, пожар, чума... ова последново како да легна најмногу.

Црна се чума вмровска зададе!

Навистина не знам кој ќе ја преживее, ама од оние кои ќе останат, белким ќе се најде некој што ќе ја каже вистината. А вистината, пуста, како и секогаш, многу е болна.

Вистина е дека 7 години политички, финансиски, медиумски, психички и физички терор има во изобилие.

Вистина е дека ако не си со гарнитурата, не си никаде, те нема, а ако те има, само господ знае како те има. Кој е похрабар, може и ќе каже нешто, кој не „ќе ќути до гроба“.

Вистина е дека ако имаш работа, а сакаш да ја задржиш, има да играш оро како што ќе ти кажат, има да земеш книшка каква ќе ти кажат, има да ќутиш, а ќе зборуваш кога ќе ти кажат.

Вистина е дека ако имаш бизнис, ќе го тераш, ама ако ти дадат, ќе наплатиш ако сакаат да ти платат, ќе земеш на работа партиски војничиња, а дали ти требаат - тие ќе ти кажат; за данок дали ќе платиш или ддв ќе клатиш, чекај си, пак тие ќе ти кажат.

Вистина е дека си направија куќи и дворови, во злато, бакар, мермер... со многу пари, ама не со нивни, туку со мои, твои, наши... а ние со скинати гаќи.

Вистина е дека зедоа курбан многу луѓе, виновни, невини, млади, стари, лекари, новинари, уметници, земјоделци...

Вистина е дека на никого не му трепнува ни око дали си игра со нашите животи, животите на нашите родители, деца...

Ама вистина е и дека на сè има крај, па и на ова налудничаво владеење. Многу силни владетели и империи се срушиле како кула од карти, а јас ќе си земам за право да бидам „баба Ванѓа“ и им го предвидувам истото.

Со ова што го кажувам и пишувам, се обидувам да придвижам нешто во вистинската насока. Како единка не можам да направам многу, но имам морално право и пред себеси и пред моето дете, да покажам дека сум направила нешто за да ги променам работите кон подобро. Мислам дека и вие кои го споделувате или го прифаќате моето мислење, треба да направите нешто што ќе помогне побрзо да се отстрани болното ткиво од оваа наша држава. Еве предлог, како за почеток: ајде храбро излезете да ги поддржиме Паркобраните, да нè има, 100, 200, 1000... со 100 не се руши власт ама со 1000 - 10.000?

Да се вратам на почетокот, од каде што и протече ова погоре кажаното.

Нема предавање Паркобрани, одиме до крај до ПОБЕДА.

ОТПОР!!!

Слики: Свирачиња