ЕУ река (22): Скалите на Витгенштајн (фрагмент)

27.01.2020 23:55
ЕУ река (22): Скалите на Витгенштајн (фрагмент)

Во Даблин се упатив таму каде што никој не оди, па дури ни најтврдоглавите даблинци, во Националната ботаничка градина. Градината на крајот на осумнаесеттиот век ја основало Кралското даблинско друштво. Биолошката разноликост на перјаниците е и гордост на оваа ботаничка градина, која вдомува седумнаесет илјади билки од целиот свет. Моето внимание го привлекоа плочките забодени покрај некои билки, со крупното втиснато прашање „Why is it a problem in Ireland?“, односно зошто одредена билка е проблем за ирската околина, како и објаснувањето на проблемот втиснато со помали букви. Благодарение на овие живописно дизајнирани „потерници“, дознав, на пример, дека јужноамериканската Gunnera tinctoria, која расте до висина од два метри, е необично инвазивна. Онаму каде што ќе се појави Gunnera tinctoria – таму нема живот за домашната флора. Текс-тот на плочката ме убедуваше дека оваа амбициозна билка наскоро ќе биде забранета. Истото се однесува и на џиновската рабарбара, што е и разбирливо: самиот поглед на оваа билка со моќни лисја влева страв. Бамбусот со широк лист (Sasa palmata) е јапонска билка, која расте до три метри во висина. И таа ја загрозува домашната флора, онаму каде што овој „Јапонец“ ќе пушти корења, таму венее секој „Ирец“. Билката со импресивно име Rhododendron superponticum со задоволство бега од градините и нема проблем со интеграцијата и со вкоренувањето, но ја бие лош глас дека ја саботира регенерацијата на домашните дрвја. Поради тоа, и на тој суперпонтикум му се заканува трајно прогонство од Ирска. Азиската Rosa rugosa – ружина грмушка што расте на песочни дини покрај море, потпомагајќи ја ерозијата на домашната почва – е некаков вид на флорален „Тројански коњ“. Затоа и на Rosa rugosa ѝ е одѕвонето и секој понатамошен контакт со ирската почва официјално ѝ е забранет. Crassula helmsii, водниот окупатор, плевел што тргнал во инвазија на Ирска доаѓајќи од Нов Зеланд, е особено опасна билка затоа што е резистентна на мраз и, кога еднаш ќе се вкорени, невозможно е да се искорени. Некои видови толку брзо се размножиле што навистина го промениле ирскиот пејзаж.

Јаросна тирада против флоралните имигранти, односно против еден вид палми (Cordyline palms, кои на Нов Зеланд се познати под неромантичниот назив cabbage palms или зелкини палми), ми одржа еден загрижен таксист.

„Ирска никогаш не изгледала вака!“, дрдореше. „И сè поради тие проклети палми!“
И навистина, на некои места ирските предели, особено кога ќе засјае сонцето, личат на предградија на Лос Анџелес.

Во Даблин, патем, имав книжевна вечер, која немаше никаква врска со моето потекло, со поранешна Југославија, со сегашна Хрватска или со Балканот. Симпатичниот модератор ми призна дека и самиот нема врска од темата за која ќе зборувам, но организаторите го замолиле да ја модерира вечерта дознавајќи дека неговата одамна покојна мајка по потекло била Хрватка. Којзнае, можеби организаторите претходно ја посетиле Хрватска, каде што им се причинило дека Хрватите можат само со Хрватите, а можеби едноставно помислиле дека со Ирец чија мајка е Хрватка ќе се чувствувам попријатно отколку со Ирец чија мајка е Иркинка или нешто друго. Иако се чувствував како зелка што ја фатиле на граница без ботаничка виза, не им замерив на добрите даблинци. Даблин – градот што своите два импозантни моста ги нарекол според книжевници, едниот според Бекет, другиот според Џојс – засекогаш го освои моето срце. А детаљот со мајката Хрватка можеше да се случи каде било затоа што во однос на тоа повеќето Европејци се однесуваат слично. Да, Европа е уредена како даблинската ботаничка градина, секој носи табличка со податоци под вратот, за секого се знае од каде дошол, колкав му е степенот на инвазивност и колку е подготвен да ги загрози домашните видови.

И, на крајот, каква врска со сето тоа има Витгенштајн? Во истата таа даблинска ботаничка градина постои стакларник со тропски билки. Во неа се влегува со помош на три скалички што водат надолу. Во зимските месеци 1948-1949 година, Лудвиг Витгенштајн престојувал во Даблин. Текстот на бронзената плочка вградена во скалите тврди дека Витгенштајн обожавал да седи и да пишува на тие скали. Седнав на една скала и се замислив. За што размислував? За ништо посебно. За тоа дека цела Европа е непоправливо трибална, како и дека добро ги има извежбано светските војни, па, консеквентно на тоа, секогаш е можна и трета, зарем не?! Овој пат поради Полјаците, поради оној Латвиец од Инишир, поради Србите и Хрватите, кои едни на други си подигнуваат надгробни споменици, поради Словаците што на костурите им крадат заби, поради што било, а како и секогаш, најмногу за пари. Потоа на памет ми падна дека е сосема возможно Витгенштајн да седел на овие скали во моментот кога мајка ми ме раѓала, а потоа, присетувајќи се на папочната врвца, се запрашав самата себеси што во мојот живот – тој хаотичен багаж во кој се мешаат растењето во социјализмот, распаѓањето на Југославија, Татковинската војна, новите пасоши и распаднатите идентитети, предавствата, егзилот, новиот живот во западноевропска земја – значи, што од она што ми го ветуваа комунистичките идеолози и холивудските филмови, заводливите идеолози на консумеризмот и домашните националистички идеолози, идеолозите за европско обединување и секакви други учители и гуруа ми се оствари?

Прашањето ме боцна како отровен трн, моето срце почна побрзо да чука, а потоа ме преплави страв, изненаден страв од стеснетост, од празен екран, од недостиг на идна имагинација. Па што тогаш, велеше мојот утешителен внатрешен глас, што ќе ни е имагинација, веќе е утешно тоа што во блиска иднина просечно ќе живееме многу подолго (Кој сè уште сака да живее подолго во ваков свет?!); и сигурно ќе живееме подобро (Тоа навистина веќе никој не го ветува!); ако не подобро, секако ќе живееме послободно (Пих!), во свет без граници (Молам?); во свет на солидарност и на правда (Доста!); во светот на солидарност и на правда ќе живееме како робови, како ро-бо-ви... Не губи се во детали, туку издигни се на точка од каде што погледот го опфаќа проблемот во целата негова величина, дури и ако тој поглед сè уште не е заматен. Труеш, труеш, тоа е единственото што го знаеш! Знам дека човекот ќе остане заробен во соба со врата што не е заклучена и се отвора кон внатре, сè додека не му падне на памет да повлече, а не да турка...

И, види, моите преплашени мисли, според инструкциите на Витгенштајн, ја повлекоа вратата, прснаа надвор и јурнаа кон азиските степи. Моите мисли итро ги прескокнуваа тантелните сртови на брановите на Индискиот Океан, летаа над непалските заснежени врвови, потоа се лизнаа надолу, во степата, сончајќи се на тревата како тигри... Ах, што сè не правеа моите хипермобилни мисли, моите убави мисли, моите мисли заводливи како видеореклама за Нешнал џиографик. Тука, на скалите на Витгенштајн, го смирував сопствениот пулс, пссст, ѝ порачував на дијагнозата што тукушто си ја дадов, каков страв, какви глупости, сето тоа е поради даблинската ботаничка градина. И навистина, сосема ми избега од умот дека се наоѓав во нејзиниот презагреан, тропски дел.

Јуни, 2012 година

Слика: Макс Ернст, Европа после дождот, 1940/42
Гиф: Александар Јосифовски
Превод од хрватски: Кристина Велевска
Извор: „Европа во сепија“ (Антолог, 2019)

Рубриката „ЕУ река“ е финансирана од Фондацијата Отворено општество - Македонија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото