Мојата реакција на смртта на Осама бин Ладен

09.05.2011 11:54
Мојата реакција на смртта на Осама бин Ладен

Многу е јасно дека операцијата беше планиран атентат кој во многу нешта ги прекрши основните норми на меѓународниот закон. Се чини дека немаше обид да се уапси невооружената жртва, ако можеме да претпоставиме дека тоа можело да се направи од страна на осумдесетте командоси кои речиси не се соочиле со отпор – освен, како што тврдат тие, од страна на неговата сопруга која се стрчала накај нив. Во општествата во кои се води грижа за почитување на законот, осомничените се приведуваат и изнесуваат на праведно судење. Го нагласувам зборот „осомничените“. Во април 2002 г., директорот на ФБИ, Роберт Мулер, го информираше печатот дека после најсилната истрага во својата историја, ФБИ не може да каже дека „верува“ оти заверата била планирана во Авганистан, или спроведена преку Обединетите Арапски Емирати и Германија. Тоа беше она во кое тие веруваа во април 2002, а очигледно не можеа да знаат дека осум месеци претходно, Вашингтон ја отфрли понудата на Талибанците (колку била сериозна, не можеме да знаеме, бидејќи веднаш беше одбиена) да го екстрадираат Бин Ладен ако им се понудат докази – кои, како што набрзо дознавме, Вашингтон ги немал. Иако Обама едноставно лажеше кога рече, за време на неговиот говор во Белата куќа, дека „ние набрзо дознавме дека нападите од 11-ти септември 2001 беа извршени од страна на Ал Каеда“.

Оттогаш не беше докажано ништо сериозно. Толку многу се разговараше за „признанието“ на Бин Ладен што наликува на тоа јас да почнам да тврдам дека сум победил на Бостонскиот маратон. Тој само се фалеше со она што го сметаше за големо постигнување.

Исто така, постои огромна дискусија во медиумите за гневот на Вашингтон поради тоа што Пакистан не го предал Бин Ладен, иако постои голема веројатност дека одредени елементи од војската и безбедносните сили биле свесни за неговото присуство во Аботабад. Помалку се зборува за гневот на Пакистан поради тоа што САД навлегоа во нивната територија за да извршат атентат. Антиамериканските чувства се многу присутни во Пакистан, а овие настани само можат да ги засилат. Одлуката да се фрли телото во океанот веќе, како што и претпоставувавме, испровоцира гнев и скептицизам во поголемиот дел од муслиманскиот свет.

Би можеле да се запрашаме каква би била нашата реакција ако ирачки командоси слетаат на имотот на Џорџ Буш, го ликвидираат и го фрлат неговото тело во Атлантскиот океан. Несомнено, неговите злосторства далеку ги надминуваат оние на Бин Ладен, и тој не е „осомничен“ туку е „одлучувач“ кој наредуваше да се вршат „огромни меѓународни злосторства кои од воените злосторства се разликуваат по тоа што во себе го содржат насобраното зло од сите злосторства“ (цитат од Нирнбершкиот трибунал), заради кои нацистичките главешини беа обесувани: стотиците илјади смртни случаи, милионите бегалци, разорувањето на поголемиот дел од земјата, огорчените и сурови секташки судири кои сега се распространија низ целиот блискоисточен регион.

Може повеќе да се каже и за (кубанскиот авионски бомбаш Орландо) Бош, кој пред некое време почина мирно во Флорида, алудирајќи на „доктрината на Буш“ дека општествата кои засолнуваат терористи се виновни колку и самите терористи и дека треба да се третираат соодветно. Се чини, никој не забележа дека Буш повикуваше на инвазија и уништување на САД и на убиство на нејзиниот криминален претседател.

Исто и со името на операцијата Џеронимо. Империјалниот менталитет е толку длабок низ целото западно општество што никој не може да се убеди дека тие го славеа Бин Ладен со тоа што го поистоветуваа со храбриот отпор против геноцидните окупатори. Тоа е како да ги нарекуваме нашите убиствени оружја според жртвите на нашите злосторства: Апачи, Томахавк... Тоа е како нацистичката авијација Luftwaffe да ги нарекуваше своите борбени авиони „Евреин“ или „Циган“.

Има уште многу да се каже, но дури и најочигледните и најосновните факти ни даваат добра причина за да размислиме.

Извор: guernicamag.com

ОкоБоли главаВицФото