Глобален конфликт: кој ја доби, а кој ја изгуби војната

26.08.2011 11:38
Глобален конфликт: кој ја доби, а кој ја изгуби војната

Кога историчарите ќе ги анализираат настаните поврзани со 11 септември нема да постојат сомнежи за неколку факти. Ал Каеда не ги постигна своите главни цели – немаше светска побуна на исламскиот свет против Западот и не се создаде нов калифат. Немаше ни промена на политиката на САД, на што се надеваа поединци како Осама бин Ладен.

Значи ли тоа дека Западот ги доби војните? Не, тоа значи дека го избегна поразот. Силата на тероризмот лежи во сеењето страв. Владите од западните земји успеаја да ги заштитат своите граѓани, иако постоеја терористички напади во кои гинеа луѓе. Интересно е дека во јули годинава американскиот претседател Барак Обама рече дека САД би можеле да доживеат уште еден 11 септември. Ваква изјава беше незамислива пред десетина години.

Иако во последно време граѓанските слободи доживеаја своевидно ограничување, и во Европа и во Америка, сепак овие општества успеаја да ги зачуваат либерално-демократските вредности. Интеграцијата на малцинствата, која отсекогаш била чувствително прашање, наспроти сите тензии, продолжува понатаму.

Денес Америка се соочува со долгови и очигледно е дека се плаќа стратегиската грешка за војната во Ирак тешка неколку милијарди долари, како и десетгодишната војна во Авганистан.

Тешко е да се најде победникот во војната против тероризмот, но губитниците е лесно да се идентификуваат. Тоа се жртвите од нападите на 11 септевмри во Њујорк, на 7 јули во Мадрид, жртвите од секташкото насилство во Багдад, или оние во лошо планираните американски воздушни напади во Пакистан, или жртвите на самоубиствените напади кои се извршени од деца. Најпосле, тоа се и бегалците кои без пари и до смрт се смрзнуваат во авганистанските зими. Тоа се оние кои Талибанците ги убија за што биле „предавници“, оние кои настрадаа во бомбашките напади во Мумбаи, оние кои умреа во ќелиите на Бахреин и во другите делови од светот.

Вкупниот број загинати и ранети во војните кои се водат последниве дваесетина години е голем, дури и кога се работи само за процени.

Воените документи содржат најмногу податоци. Иако многу војници посакуваа војна и се покажаа како вистински садисти, не треба да заборавиме дека еден дел од нив заминаа во војна бидејќи потекнуваат од сиромашните делови на Америка или Британија, и со заминувањето во војска сакале да се вработат, да го обезбедат продолжувањето на своето образование или да научат некој занает.

До крајот на ноември 2010 во Ирак загинале 4409 војници, а 31 395 биле ранети. Во истите операции во Ирак загинале околу 300 војници од други националности, а многумина останаа инвалиди или психички уништени. Во Ирак, меѓу 2003 и 2010 г., загинале околу 12 000 припадници на ирачките сили за безбедност. Во Авганистан, во првите девет години од војната, животот го загубија над 2000 војници од 48 држави.

Бројот на жртвите од „другата страна“ тешко се одредува. Се претпоставува дека во Ирак, Авганистан и Пакистан загинале околу 60 000 милитанти. Најпосле, меѓу жртвите се и оние кои не се ни војници, ни бунтовници, ни терористи, ни полицајци, туку цивили, вистинските мети на нападите.

Речиси 250 000 луѓе во светот биле убиени од 2001 г.

Можеби во некое идно време на војните предизвикани од 11 септември ќе се сеќаваме под некое друго име. За жал, на поголемиот дел од жртвите на овие војни нема да се сеќаваме.

Извор: The Guardian

Илустрација: Лори Липтон

ОкоБоли главаВицФото