Бомбардирање на револуцијата

31.08.2011 11:23
Бомбардирање на револуцијата

Драг мој Жан-Лук, ставот кој го застапувате во прилог на „западната“ интервенција во Либија навистина непријатно ме изненади. Зарем не ја видовте од самиот почеток значајната разлика меѓу она што се случува во Либија и она што се случува во другите земји? Како тоа во Тунис и Египет можевме да видиме масовни јавни собири, додека во Либија немаше ништо слично? Еден мој пријател кој се занимава со арапскиот јазик последниве неколку недели се посвети на преведување плакати, транспаренти и знамиња кои беа многу застапени во демонстрациите во Тунис и Египет, додека во Либија, дури ни во Бенгази, не можеше да најде ниеден таков пример.

Ме изненадува тоа што не забележавте уште еден многу воочлив факт во врска со либиските „бунтовници“, а тоа дека меѓу нив нема ниедна жена, додека во Тунис и Египет жените беа многу присутни. Зарем не знаевте дека француските и британските тајни служби го организираат падот на Гадафи уште од минатата есен? Зарем не ве чуди тоа што во Либија, за разлика од востанијата во другите арапски земји, се појави оружје со непознато потекло? Тоа што групи млади веднаш почнаа да истрелуваат рафали во воздух, што во другите земји би било незамисливо? Зарем не ве изненади тоа што се појави некаков наводен „револуционерен одбор“ кој го предводи поранешниот соработник на Гадафи, додека во ниедна друга земја масите кои се кренаа на востание не именуваат одредени поединци како влада која треба да ја замени постоечката?

Зарем не сфаќате дека овие поединости, и многу други, говорат во прилог на фактот дека само овде и на ниедно друго место големите сили беа повикани да пружат поддршка? Дека нулите како Саркози и Камерон, чии цели се толку очигледно мрачни, можеа да бидат предмет на пофалби и обожување – а вие одеднаш им давате поддршка. Зарем не е само по себе очигледно дека Либија им овозможи влез на овие сили, со ситуација во која во другите земји воошто не можеа да ја контролираат? И дека нивната цел, сосем јасна и вообичаена, е да ја претворат револуцијата во војна, така што народот ќе биде иосфрлен од игра и ќе се направи место за оружјето и војската – за оние суровини над кои овие сили имаат монопол? Овој процес секојдневно се одвива пред вашите очи, и вие го поддржувате? Зарем не гледате дека по заплашувањето од воздух, тешкото вооружување ќе биде употребено на земјата, заедно со воените инструктори, оклопните возила, стратезите, советниците и сините шлемови, и дека на тој начин ќе започне повторното (и се надевам, делумно) освојување на арапскиот свет од страна на деспотските држави на капиталот и нивните службеници?

Како тоа од сите токму вие да паднете во оваа замка? Како можете да прифатите некаква „спасувачка“ мисија која им е доверена на истите оние луѓе на кои им одговараше старата ситуација, и кои апсолутно сакаат да се вратат назад во игра користејќи сила, додека мотивите им се нафтата и стекнувањето превласт? Можете ли едноставно да ја прифатите маската на тие „хуманитарни“ цели, таа срамна уцена која се спроведува во име на жртвите? Но нашата војска убива повеќе луѓе во повеќе земји одошто локалниот шеф Гадафи може да убие во својата. Каква е таа доверба која наеднаш им ја пружате на главните крвници на современото човештво, оние кои се одговорни за осакатениот свет што го познаваме? Дали верувате, можете ли да верувате дека тие ја претставуваат „цивилизацијата“, дека нивните монструозни војски можат да бидат војски на правдата? Морам да признам дека сум запрепастен.

Се прашувам каква е користа од филозофијата ако тоа не е непосредната и радикална критика на вака лесно даденото мислење кое е исход од пропагандата што ја спроведуваат режимите како нашиот, кои беа натерани на повлекување од страна на народните востанија во областите кои за нив се од стратешко значење, и кои сега сакаат одмазда.

Во својот текст велите дека „подоцна“ од „нас ќе зависи“ (но кои сме тоа „ние“ ако денес тоа ги подразбира Саркози, Бернар-Енри Леви, нашите бомбардери и оние кои ги поддржуваат?) да се погрижиме нафтата, оружјето и сличните нешта да не стана повторно актуелни. Но зошто „подоцна“? Сега треба да се погрижиме за тоа како да ги спречиме големите сили, колку што можеме, да се мешаат во политичките процеси во арапскиот свет. Да сториме сè што е во наша моќ да спречиме овие сили, кои, за среќа, веќе неколку недели се надвор од овие случувања, да ги обноват – под еластичниот назив „демократија“ и под изговорот за моралните и хуманитарни вредности кој се користи уште од првите колонијални освојувања – нафтените и други бизниси, што во суштина е единственото за што се заинтересирани овие сили и нивните влади.

Драг Жан-Лук, во вакви околности нема смисла вие и јас да постапуваме во склад со едногласната одлука на западните земји во која се вели: „апсолутно мораме да задржиме контрола над сето она што се случува“.

Мораме да заземеме став против она што е општоприфатено и да покажеме дека вистинската мета на бомбардерите и војниците од западните земји секако не е несреќниот Гадафи, поранешниот муштерија на оние кои сега се обидуваат да се ослободат од него бидејќи стана пречка за нивните повисоки интереси. Вистинската мета на овие бомбардери дефинитивно е народното востание во Египет и револуцијата во Тунис, нивниот неочекуван карактер кој западните сили не можат да го толерираат, нивната политичка автономија, или со еден збор – нивната независност.

Да им се спротивставиме на разорните интервенции на овие сили значи да се поддржи политичката независност и иднина на овие востанија и револуции. Тоа е нешто што можеме да го направиме, и наш безусловен императив.

Овој текст е одговор на Ален Бадју на статијата на Жан-Лук Нанси со наслов „Што значат арапските народи за нас“, објавен на 28.03.2011 во весникот Libération

Извор: novossti.com

Графит: Банкси

ОкоБоли главаВицФото