Животни без права

27.09.2011 12:53
Животни без права

Пред нешто повеќе од десет години во јавноста почна да се зборува за генетското модифицирање и клонирање. Најавите за примена на новите технологии со цел подобрување на постоечките растителни и животински видови предизвикаа бурни реакции и критики. Еколозите предупредуваа на можните катастрофи како последица на неконтролираното чепкање во областа на генетиката, а теолозите секое научно вмешување во постоечката структура на реалноста го нарекуваа сквернавење на бога. Различни земји се изјаснуваа дека сите научни истражувања поврзани со менувањето на генетската структура на живите организми ќе бидат подложени на најстрога контрола.

Набрзо потоа следеа вести за сите можни клонирани животински видови, а потоа се обидоа и да клонираат деца. Повторно јавноста бурно реагираше, но како што изминуваше времето, вестите за клонирање и генетско модифицирање станаа дел од секојдневието и повеќе не привлекуваа толкаво внимание.

Генетското модифицирање на растенијата стана вообичаена постапка која повеќето луѓе ја прифаќаат без некакви проблеми. На пазарите нема јасни декларации за потеклото и начинот на одгледување на она што ни се нуди, а состојките на производите се испишани со толку ситни букви што за нивно дешифрирање ни треба лупа. Во така поставените правила на игра научниците си земаат за право да прават што сакаат и притоа ги пречекоруваат етичките норми. Најновите вести се само добар показател каде води ваквиот став кон живите суштества во светот околу нас.

Имено, комбинирани тимови од Јапонија и Америка неодамна гордо излегоа пред новинарите со податоци за успешна генетска модификација на еден мајмун кој поради истата во мрак почнал да свети со флуоресцентна зелена боја. За разлика од порано, кога успеваа да создаваат само одредени примероци флуоресцентни животни, научниците сега успеаја да предизвикаат наследување на флуоресцентноста кај потомците на генетски модифицираните животни. Со други зборови, тоа значи дека создале нови видови во кои уфрлиле сосем неприродно својство.

Флуоресцентните мајмуни се само завршен чекор во низата која вклучува флуоресцентни глувчиња, риби и мачки. Прашање на време е кога на овој список ќе најдеме и останати животински видови. А сè започна кога од еден вид медуза кој, изложен на сино светло, зрачеше со зелена светлина, беше издвоен посебен протеин. Истиот подоцна научниците го комбинираа со гените на останатите животни и постепено дојдоа до флуоресцентни мајмуни.

Како оправдување за создавањето вакви видови научниците го истакнуваат настојувањето да се откријат нови лекови против најтешките болести. Според нивните резултати, флуоресцентните мачки покажале голема отпорност кон мачјиот облик на СИДА-та. Барањето вакви изговори за научно малтретирање на животните е сосем неосновано. Имено, многу добро е познато дека одредени лекови кои делуваат на одредени животински видови најчесто го немаат соодветното дејство врз луѓето. Покрај тоа, научниците не прекинуваат со праксата пренесување на човечките болести на животните. Ако овде ја вброиме и месната индустрија, која ги третира животните како материјал за исхрана и притоа безмилосно ги убива, овој свет претставува огромно мачилиште за животните.

За крај, да споменеме само дека на пазарот за домашни миленичиња веќе се појавија флуоресцентни риби за аквариум. Дали набрзо ќе ни понудат и флуоресцентни мачки, кучиња и папагали? А што мислите за флуоресцентни луѓе?

Извор: novossti.com

Неќам флуоросцентни луѓе, ни

Неќам флуоросцентни луѓе, ни црни, ни жолти!