Од дувла до бункери

07.11.2011 12:58
Од дувла до бункери

Свечено одбележувајќи ја дваесетгодишнината од основањето на „Внатрешна македонска револуционерна партија - Демократска партија за македонско национално единство“, партија која десет години владее(ше) со земјава, читателот и потписникот на редовиве мораат да знаат дека тоа го прават од привилегирана позиција - позиција на оние што преживеале.

Навистина, во пригодните анализи и белешки, од десна или лева страна, никој не се осврнал на човечките жртви на ВМРО, можеби поради тоа што тие веројатно биле надмоќни во однос на активното членство на партијата. Но, тоа изгледа е рефлекс на старите расправи околу тоа што ќе се смета за порелевантна историско-политичка граѓа - гробиштата или војските на живите - па не би било мудро во тоа да се вплеткуваме. Најпосле, историјата ја пишуваат оние што денес издишуваат.

Љубчо Георгиевски, велат, (симболички) е мртов. Движењето што тој го создаде пред две децении поинакво е токму низ мерата на таа голема загуба. Би можело да се рече дека, во свеста на поголемиот дел од членството, ВМРО денес е партија со жив претседател и со покоен водач. Иако мошне агилна како теренска бирократска машина, во идејна смисла таа води задгробен политички живот, фрустрирано се тетерави помеѓу реалитетот и светот на сеништата. Во практиката тоа значи дека, спротивно на поривите, најчесто е принудена да плука врз најмилиот гроб.

Никола Груевски, значи, е жив. Чесна анкета веројатно би покажала дека значаен дел од партискиот кадар смета дека тоа е незаслужено, но во оваа фаза се залагаат за почитување на човековите права, особено на своите. Во човекови права спаѓаат луксузните станови и вили, службените лимузини, обемните месечни апанажи, акциите на опљачканите фирми, вносните тендери со државата, воопшто, конкретното наследство од неколкуте победнички мандати.

За разлика од повеќето либерални коментатори, овој потписник не е способен да воочи толку големи разлики помеѓу Георгиевски и Груевски, како ни наводните успеси на вториов во „дељупчовизацијата“ на партијата и, последично, на вкупниот политички живот во земјава, особено во последната етапа од владеењето, кога македонскиот премиер покажува автократски склоности од драматични размери. Најпосле, се покажа дека „дељупчовизацијата“ на ДПМНЕ е можна само со методата на цврста рака, па тој процес едновремено беше и реафирмација на духот на „умрениот“ водач, постапка слична на миење прозорци со валкана вода или туширање со кал.

Љубчо Георгиевски, според судот на овој потписник, беше нереализиран диктатор, додека Никола Груевски е нереализиран демократ, така што од обете страни на замислената вага - сега веќе опасно блиску до состојбата на рамнотежа - имаме тегови од типот половина полн и половина празен државник, кои се разликуваат само по почетните претензии. Работата е во тоа што тие претензии во двата случаи се - гола лага.

Генерално гледајќи, најслаткиот парадокс со ВМРО ДПМНЕ е во тоа што залогот на нејзиното опстојување лежи во постојаното порекнување на причината поради која „Организацијата“ е создадена. Таа кратка но палава историја наликува на патот на крстот, со пеколните маки низ кои ВМРО ја расчистува сонуваната држава врз своите плешки како сопствено проклетство, а бидејќи оваа е сè потешка, и бидејќи „притисоците отстрана“ се сè поголеми, „Организацијата“ отфрла еден по еден дел од Државата. Така партијата која имаше само една артикулирана политичка цел - „создавање самостојна македонска држава“ - низ најголемиот период на своето владеење се занимаваше со лупење на одредени слоеви на државноста. Таа ја опслужуваше темелната ерозија на суверенитетот, обидувајќи се цело време да ја зачува заветната лага на својата првобитна мисија, својот raison d'etre.

Универзалното оправдување е пронајдено во трајно ненаклонетите надворешни околности, во мрскиот и непријателски расположен свет којшто не нè разбира, нè уценува, навредува, понижува, во фактот дека поради прост опстанок мораме да економизираме со своите идеали, оти со рогати не треба да се бодеш, па лутата прагма, ете, ги прождира сакралните национални цели; меѓутоа, правата вистина е дека самата идеја за „создавање држава“ вклучуваше неизречен презир и безобзирност кон така создадената своина.

Молневитата распродажба на банките, Окта, Телекомот итн., крчмењето на народното богатство и пустошењето на државните ресурси покажаа дека ВМРО има вера во „самостојната македонска држава“ само додека таа е митска творба, идеолошки амблем кој служи за манипулација на масите. Од моментот кога „државата“ се расплина во својата идеолошка испразност, кога значајно и’ паднаа акциите на пазарот на деловните светии, а како практичен факт таа стана извор на нерешливи проблеми, сè што прави ДПМНЕ е долг и неуспешен обид да се носи со втемелувачката обмана, настојувајќи и понатаму ситнопиљарски да и’ ја продаваат на толпата како единствена и вечна вистина.

Речиси се трогателни неуморното државотворство и националистичката реторика која и понатаму траска од политичките озвучувања, како илузионистот сè уште да верува во среќниот исход на својата точка, па истрајува со програмата, иако бинските работници веќе ги демонтираат и изнесуваат кулисите, а дел од публиката на благајната бара враќање на парите. Да има само малку храброст и себеосознавање, цели две десетлетија долгата епопеја на масовното државотворно движење би можела да се предочи со оној почетен восклик на Љубчо Георгиевски - „Ја имаме македонската држава!“ - и со завршниот лелек на Никола Груевски: „За кој кур ќе ни е?!“

Актуелниот император на ДПМНЕ, меѓутоа, не е некој којшто би можел да ја искаже таа морничава вистина, бидејќи тој, веќе рековме, не се „дељупчовизирал“. (...) Тој е вистински симбол на еволуцијата на владејачката партија: политичкиот пироман делува како излечен, како и неколкуте трабанти од блиското опкружување, остава впечаток како сосема здрав, но никогаш не знаеш кога ќе пламне со нов пожар, та затоа шмрковите во близина цело време треба да бидат на штрек. Тој на партијата навистина и’ вдахна нов живот, бидејќи под неговото остро водство таа мутира како вирус исклучиво заради потребата од самоодржување. Веќе не се носи пробугарското руво, дивјаштвото е залижано со гел во косата, а се толерира дури и антифашизмот.

Сè друго е пропаганден спот за странската публика, битно поинаков од оној со Љубчо во главната улога: дизајнерски скроени костуми, гел во косата, пристојно однесување со странските моќници, квалитетна техника на заведување, богат асортиман на странски јазици, широка керамичка насмевка... под која, кога подобро ќе се загледаш, ѕиркаат добрите стари песјаци. Не за џабе европските политички манги потфатот на приведување на Македонија кон демократските и правните стандарди во жаргон го нарекуваат дресирање на ѕверот.

На националниот терен, каде што треба да се води стварната а не митолошката држава, се бележат само осцилации во размерите на катастрофата. Кога, поради заблеснатите меѓународни рефлектори, партиските професионалци се присилени да го контролираат национализмот од шовинистички тип и ескападите на суровото родољубие, во прв план избива грандиозната неспособност. Без идеолошката мисија зад себе, ВМРО најнапред е партија на штетници. Со идеологијата што слободно ја исповеда, ДПМНЕ е партија на штетници со план. А планот, се разбира, е остварлив во сферата на чистата фикција.

За кој ѓавол ни требаше самостојна македонска држава?! - би можел, значи, да залелека некој наместо Груевски, сеќавајќи се на хипнотичките заклетви на основачите, бидејќи нашиот Телеком е во Унгарија, нафтата во Грција, весниците во Германија, банките во Грција и Словенија, бидејќи нашите пејачи се во Србија, бидејќи нашето стопанство е во прав и пепел... а само клонираната вмровска елита и понатаму е тука, иако веќе ни од далеку не е блиску до некогашните кафеани во кои се собираа, туку ведро е раштркана по елитните скопски локации.

Таму пејзажот е сосема пријатен. А и социјалното опкружување: не се слуша чкрипењето на забите, не се слуша стенкањето на осиромашените и пропаднатите. Таму е некоја друга Македонија. Ѕидовите се високи, зеленилото уредно поткастрено, надзорните камери прецизно наштелувани. Мирно е, контемплативно, речиси мртво. Но без долгорочни последици. Во гробната тишина на луксузните бункери чука живото срце на партијата. Оваа земја ја нема таа среќа следната тркалезна годишнина ВМРО ДПМНЕ да ја прослави во формалин.

Напомена на уредникот

Во текстот се променети имињата: ХДЗ во ВМРО ДПМНЕ; Хрватска во Македонија; Фрањо Туѓман во Љубчо Георгиевски; Иво Санадер во Никола Груевски. Направени се и неколку други ситни промени во фактографијата на основниот текст (Окта, Телеком итн.).

оригиналниот текст можете да го прочитате на следниот линк.

Колажи: Свирачиња

Човече ги исчистивме

Човече ги исчистивме вмрофциве од окно!

Реално, Окно не е за вмровци.

Реално, Окно не е за вмровци. Превише има уметност, теорија, хумор, иронија, подјебавање кое не е ципеларење у чељуст и лактање у бубрези - што вмровци лесно го копчаат, научени на хардлајнерите (лајнаријанците на Грујо) од типот Јадибурек, Латас, Мирка итн. Јес да долго се трудеа подрумските штакори на партијата да го закењаат и Окно (глувчешки гомненца врз елиотовската срча:), ама некако тешко им идеше, на Окно, отсекоаш. Да, стално го хејтаа порталот, ама некако прекусила. Додуше, сеа изродбениците освоија се’ (Грујо почна да се појавува и на Алфа и во Утрински), па може си викаат „ај да ги остаиме раат барем ова шакава педерана, соросоиди и предавници, да не претеруеме у чистотата на античкава ни раса. Башка, ќе дое ред и на нив.“ Може е само затишје, пред бура?! Мада, бурата кај иде, пред чии порти, тоа богами изглеа никој не знае... Циклонот може да го зафати дури и императорот лично, како тргнале работиве...

Човече тие тафтабити се

Човече тие тафтабити се требат само со DDT ( Dрж Dрво Тепај).
А ги гледаш курнази!? Зедоја па го испратија во странство да се уништи.

ОкоБоли главаВицФото