Гледање и мочање

14.11.2011 11:43
Гледање и мочање

Влатко Ѓорчев, највлијателниот пратеник на ВМРО ДПМНЕ во македонското собрание, како да бил погоден од гром кога во собранискиот тоалет, каде што заминал да ја олесни бешиката по заморната политичка дебата, ненадејно се појавил Љубе Бошковски, човекот на кого што Ѓорчев последните денови интензивно мислел, а дури и редовно го сонувал, така што неговата исклештена фигура му се укажувала со трозабец во раката, со црвени рокчиња на темето и со пеколниот оган во позадината. Наведнат над писоарот, Ѓорчев целиот претрнал, крвта предавнички му јурнала кон главата, стомачните мускули му се стегнале, а млазот на олеснувањето од него никако, никако, никако не сакал да потече.

Како тоа гнасниот створ да налета баш сега, и ако веќе налетал, како тоа баш тој, Ѓорчев, да се затекнал токму тука, во најнепријатната ситуација, со стојко в рака? Што ќе мисли за тоа партискиот стожер? Дека со душманот се среќава по тоалети? Што ако гадов го поздрави? Да отпоздрави или да се прави луд? Што на тоа би рекол господинот пастир? Има ли тој смрдеж, со оглед на злосторствата што ги направил, воопшто право да го користи вецето на угледната државна институција? Како се случил таков превид во пратеничкиот клуб на партијата добро да го испланираат движењето на Бошковски во собранието па согласно тоа да утврдат и санитарен кордон, а наполно да ги изгубат од вид санитарниот јазол и другите нуспростории?

Само да не прозбори, само да не прозбори, трескавично размислувал Влатко Ѓорчев, стискајќи ги очите, а оној млаз на олеснувањето од него сепак некако протекол и му се причинило дека жуборот ја разбива напнатоста.

(...) Пред да почне денешната седница (а знаејќи за доаѓањето на Бошковски за да сведочи пред собраниската комисија за надзор на тајните служби), во пратеничкиот клуб на владеачката партија на членството му бил издаден налог „да не гледаат во насока на Љубе Бошковски“, ниту „на кој било начин на него да обрнуваат внимание“. Строго ќе се контролира дали игноранцијата е спроведена во побараната мерка. Недисциплинираните ќе му рапортираат лично на пастирот.

(...) Само да не прозбори, само да не прозбори, трескавично размислувал во собранискиот клозет Влатко Ѓорчев, стискајќи ги очите, додека жуборот ја разбивал керамички студената тишина. Се чинело сепак дека Господ не постои, бидејќи желбите на Ѓорчев не биле услишени и зборовите на злотворот сепак допреле до него, курнаски, од грб:

- Влатко, само да знаеш дека ова што го правиш е тотална утка!

- Ма немој? А зашто? – храбро возвратил Ѓорчев.

- Мочаш надвор од шолјата!

Тогаш Ѓорчев нагло се свртел спремен за вербална, а ако треба и физичка пресметка, но – таму веќе немало никого. Што ли се случува, по ѓаволите? Каде исчезна ѕверот? Дали е можно да го напаѓаат привиденија? Зарем борбата против криминалот и корупцијата толку психички го исцрпела што почнува да халуцинира? И зошто, впрочем, му е мокра левата ногавица?

Загрижен до смрачување, Ѓорчев го облекол капутот и се упатил кон бившиот ЦК, денешната Влада на РМ, каде што на претседателот на Владата и партијата, господинот Никола Груевски, ќе му поднесе извештај за случувањата во Собранието. А после сепак ќе замине и на лекар, континуираниот стрес може да предизвика сериозни здравствени последици. По пуштањето на Љубе Бошковски од притвор Ѓорчев чувствувал, како и другите партиски раководители, дека е изложен не само на надчовечки, туку и на нечовечки работни напори.

Откако ВМРО-ДПМНЕ, соочена со криза и со загуба на парламентарното мнозинство, го прилагоди своето дејствување кон екстремните околности, нацијата доби шанса да ја осознае политиката во нејзината есенцијална форма, како поле на голата суровост и самоодржувањето, активност од која се отстранети последните остатоци на морал, добри обичаи, карактер или сочувство. Во непробојните човечки оклопи низ боиштата крстосуваат змии, гниди и шкорпии.

Партискиот стожер зададе јасна стратегија: со истата жестокост со која на Бошковски до вчера му ги бацувавме рацете сега сме должни јавно да го проколнуваме. Политичката рамка е дефинирана како неумолива борба против корупцијата: треба да се оневозможи криминалната организација така што самата организација ќе уништи еден од своите создавачи. На тој начин мозокот на криминалната групација (особено по протерувањето на Љубчо) засекогаш ќе биде збришан, а групацијата засекогаш ќе остане компактна.

Влијателниот пратеник Влатко Ѓорчев лично ги разделил напишаните напатствија за вознемиреното членство, наредувајќи им во конспирација да прочитаат, запомнат и проголтаат. 1) Кој на јавно место го поздрави Бошковски ќе добие исписница од партијата. 2) Кој на нејавно место ќе го поздрави Бошковски ќе добие ејдс. 3) Кој Бошковски ќе го плукне в лице ќе добие 1000 евра од партискиот црн фонд. 4) Треба да се водиме од светлите примери и моралните начела лично на пастирот, кој нема милост дури ни за оние кои дословно го извадиле од безначајноста и го посадиле на висока државна функција.

Сè уште вознемирен, Влатко Ѓорчев влегол во кабинетот на претседателот на Владата, но таму затекнал потресна сцена: господинот Груевски се давел во сопствените солзи, целиот пребледен, со разбушавена коса, грчовито се обидувал да земе воздух и со рацете ги притискал градите. „Што се случило?“, панично прашал посетителот, со искусното кабинетско око барајќи ја чашата вода, а претседателот на партијата со прстот покажал кон вратата од тоалетот и едвај процедил:

- Тој... Тој... Тој е таму!

-Кој?

-Ѓубрето! Ѓубрето е таму лично и персонално!

- Во тоалетот?

- Можеш ли да веруваш дека ми скокна сред клозет?! И тоа сред премиерски клозет! И тоа во најнепријатната позиција! Можеш ли воопшто да замислиш како се чувствувам, Влатко?!

- Дали можеби ти рече дека мочаш надвор од шолјата?

Високиот раководител го погледнал вџашено:

- Како знаеш?!

Влијателниот пратеник значајно покажал со палецот кон сопствениот граден кош и соучеснички рекол:

- Ист случај!

- И тебе?! Па, што е ова, мајку му, Влатко?!

- Свињата ровари по санитарните јазли, ете што е! Нè чека во заседи! Му го оневозможивме дејствувањето преку службените институции и сега подготвува државен удар преку нуспросториите!

- Па, што ќе правиме сега, Влатко?

-Сега ќе му ебеме матер!

Во тој момент Влатко Ѓорчев, вцрвен од праведничкиот бес, дофатил едно столче и без двоумење поитал кон тоалетот. Ја развалил вратата и кога го здогледал злотворот замавнал со целата сила и испуштил борбен извик: „Цркни стоко!“ Поттикнат од решителноста на колегата, господинот Груевски земал друго столче и се втурнал по Ѓорчев во бескомпромисната пресметка со криминалот и корупцијата: „Цркни стоко!“

Неколку минути подоцна секретарот на кабинетот го викнал хаусмајсторот:

- Мајсторе, може да дојдеш горе? Претседателот на Владата и еден пратеник токму го скршија клозетското огледало.

Изворот е достапен на следниот линк.

Колажи: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото