Со Коце и Тодоровиќ до благосостојба

05.12.2011 11:54
Со Коце и Тодоровиќ до благосостојба

„Зошто само невработените да одат од село во град?“, си мрмори Владимир Тодоровиќ, градоначалникот на Центар, конспиративно наведнувајќи се преку масата, а неговиот колега, градоначалникот Коце Трајановски, го гледа со љубопитство.

„Кажи ми, имаш некоја конкретна идеја?“, прашува Коце.

„Да бе“, продолжува Тодоровиќ, „ако си мудар и способен да го решиш проблемот на невработеноста, по истата шема би можел да го решиш и сето останато. Сега само завали се во фотелјата и дозволи си фантазијата да отпатува.“

Тодоровиќ ја има предвид супер идејата на градоначалникот Трајановски која од темел ќе ја промени социјалната слика на градот. Уште во предизборната кампања Коце вети дека во Скопје сосема ќе ја укине невработеноста – поради што политичките противници го исмејуваа, новинарите го сметаа за лажго или наивен утопист полн со верба во светлата иднина на своите сограѓани, додека граѓаните едноставно... гласаа за него. Но, по една година интензивно размислување и сериозно планирање, тој пред пред граѓаните излезе со решение кое речиси се граничи со генијалност: „Младите кои немаат работа нека се отселат на село! Освен тоа, по принципот ’две во едно’, автоматски го решаваме проблемот на загаденоста на Скопје!“

Кон тоа уште додаде дека и „ нивите треба малку да се копаат, лозјата да се поткрастат, да се посадат компири, зелка и некој да се погрижи за кокошките“, зашто „во овие тешки времиња треба да знаеш како да преживееш“. Исто така изрази загриженост поради тоа што „денес младите не знаат ниту да ораат ниту да копаат“. Суштината е во тоа што ако невработените си се преселат во некои од селата во републиката, во Скопје проблемот со невработеноста долгорочно ќе биде решен. Доколку, пак, и понатаму се задржат во градот, проблемот ќе остане, и тоа само зашто решението на градоначалникот ќе биде саботирано. Коце Трајановски овие денови агитира меѓу граѓаните, ги повикува да се вразумат и упатува на основните премиси на економскиот и социјален спас: Во Скопје нема да има невработени ако во Скопје не постојат невработени!

„За какво разработување на планот зборуваш, Владимире?“, збунет е градоначалникот.

„Е па, дали скопски Охис, на пример, ќе биде загубар ако не се наоѓа во Скопје? Нема шанси!“, појаснува Тодоровиќ. „Ако го преместиме во Пуста Брезница, тогаш ќе се зборува за загубарот од Пуста Брезница, а Скопје нема да има проблеми, ниту ќе биде споменувано по лошо.“

„Еееј, добра идеја, стварно добра идеја. Уште еден успех на преродбата!“

„Ами како. Во два потези ќе го решиме проблемот со загубарот! А така можеме да ја средиме и секоја фирма која е пред пропаѓање или веќе пропаѓа.“

„Знаеш дека идејава не ти е лоша...“

„Или, на пример, домовите на културата. Наместо да трошиме пари на нив, би можеле да остваруваме профит. Кој сака култура, нека оди да гледа чкртаници во Дебреште или Дељадрвце, а во домовите на културата ќе отвориме Џамбо Тинекси.“

„Ти, драг Тодоровиќ не се толку глуп како што изгледаш“, задоволно се смешка градоначалникот.

„Така е Коцко наш“, се вклучува во дискусијата Ирена Мишева, претседателот на градскиот Совет. „Ја за следната седница на Советот, по примерот на мерките кои драстично ја намалија невработеноста, подготвив нацрт-план и програма за речиси сите градски проблеми. И уште ги дадов на фотокопирање на малиот на Поповски, кој е доцент на Филолошки.“

„Заебаваш?“, со недоверба ги шири очите носителот на власта. „Малиот станал доцент?“

Госпоѓата Мишева задоволно кима со главата, отвора портокалов класер и зазема рецитаторска поза:

„Вака... Проблемот на тесните, закрчени и без никакви стандарди градски улици, како и на недоволниот број паркинг места, да се реши на тој начин што ќе се натераат возачите да се ослободат од своите коли... Проблемот со училиштата кои лапаат огромни пари да се реши со нивна дислокација во други општини. Проблемите со претрупаните градски болници да се реши на тој начин што болните ќе се убедат да останата дома и да си умрат.... Проблемот со загадувањето да се реши со трајна евакуација на жителите...“

„Ова ми се допаѓа“, дофрла Тодоровиќ. „А уште подобро да отидат во некои села и да умрат таму.“

„Проблемот со скапото одржување на спомениците од НОБ да се реши преку нивно вадење и евентуално дислоцирање во други општини. Ако никоја општина не ги сака тогаш...“

„Тоа е супер“, воодушевен е градоначалникот. „Сите ќе кажат – единствено Скопје нема проблем со одржувањето на спомениците од НОБ, зашто во Скопје нема споменици од НОБ. И тоа може да служи како пример за цела Македонија!“

„Потоа...“, се накашлува претседателката на градскиот Совет. „Проблемот со недостатокот од градинки да се реши со системска работа на создавање отпор кај родителите децата да ги носат во градинка. Види ја фразата ’системска работа’... малиот на Поповски е гениј, жими Исус Христос и сите земни и небесни светци. Проблемот со помошта што градот ја дава на социјално загрозените да се реши со нивно преселување од границите на градот, па така нема да има социјално загрозени... Проблемот со неефикасната работа на градскиот Совет да се реши со расформирање на градскиот Совет, а заради оперативни потреби да се задржи само функцијата на претседателот на Советот која ја извршува уважената госпоѓа Ирена Мишева...“

„Еј, запри малку, сконтав сè“, енергично од фотелјата рипнува градоначалникот. „Овој состанок е покорисен од тоа што се надевав. Мерките се безгрешни, но сè се сведува на еден заклучок.“

„На кој“, во еден глас прашуваат и претседателката на Советот и Тодоровиќ.

„Сите проблеми на граѓаните на Скопје, вклучително и проблемот со загадениот воздух во градот, можеме да ги решиме на тој начин што Скопје ќе го ослободиме од неговите жители!“, скока од радост Коце Трајановски, триејќи ги рацете како кога се подготвува да фрли прва лопата на свечено почнување градба.

„Така е“, кима со главата Тодоровиќ. „Нема жители, нема проблеми.“

„Луѓето треба да почнат да живеат, да работат или да бидат невработени низ селата од внатрешноста“, се согласува Мишева, „А тука да доаѓаат само да пазарат во Тинекс и евентуално во Зебра.“

„Ова е она што јас го нарекував просперитет“, плеснува со рацете градоначалникот. „Со тимска работа до излез од кризата! Првичната идеја беше да спасам едно стебло, а ќе ја спасиме цела шума. На тој начин што ќе ја исечеме!“

„Ние двајца сме тандем рамен на кумовите!“, рекол Тодоровиќ.

„А ако нашите идеи поминат во Скопје, зашто не би поминале и во целата држава?! Грујо и Ставре има да шекнат од радост! Конечно успех, а да не е маркетинг!“, рекол Коце.

„Уште само да ги убедиме граѓаните дека единствениот излез им е да се иселат од градот“, ја смирува топката Тодоровиќ. „И, Коце, сепак треба да се направи јак маркетинг. Да се вклучи „Република“, тендери-мендери... Но, има и други методи.“

„Ја, на пример, дојдов од Кривогаштани“, се мурти претседателката на Советот, „па кога ќе им кажам на скопјани да одат на село, тогаш знам што зборувам. Кому ќе му веруваат ако не мене. Јас тука би одела со паролата: кој не сака да замине од Скопје, тој е против Скопје!“

„Чекај малку, град без жители, тоа ми звучи малку...“, се колеба Коце Трајановски. „Да не е малку премногу, а? Кумовиве да не се подналутат?!“

„Зошто премногу?“, се чуди Тодоровиќ.

„Ако имаме град без жители, т.е. Скопје без скопјани, тогаш градоначалник може да биде кој било. Сакам да кажам, тогаш тоа е работа која ќе знае да ја извршува и последниот идиот.“

„И каде е тука проблемот?“

„Па, таков веќе имаме.“

„Не го вреѓај пастирот, Тодоровиќ, ни на шега!“

 

 

Напомена на уредникот

Во текстот се променети имињата на ликовите и направени се и неколку други ситни промени во фактографијата на основниот текст.

Оригиналниот текст можете да го прочитате на следниот линк.

Колажи: Свирачиња

Од истиот автор на Окно можете да читате други текстови на овој линк.

Извор: okupiranadalmacija.com

ОкоБоли главаВицФото