Упатство за Нобел

13.10.2009 15:44
nobel-prize.jpg

Најголем куриозитет на овогодинешните Нобелови награди се четирите жени и едниот Афроамериканец меѓу добитниците на награди.

Како и секоја година, така и во оваа прва недела на октомври светското внимание беше насочено кон Стокхолм и Осло. Недели претходно, „обложувалниците“ работеа со полна пареа – се типуваше кој ќе биде добитникот на Нобел за ова или за она. Дали четирите Нобеловки во една година се најава за нова клима меѓу шведските академици?

Од 1901 г., кога биле доделени првите Нобелови награди, до денес ова најпрестижно светско признание го добиле 763 мажи и само 40 жени. Нобеловиот комитет многупати досега бил обвинуван за машки шовинизам, а најпознати се случаите со Розалинд Франклин и Лиса Меитнер.

Розалинд Франклин е трагичен јунак на светската наука, а имала клучна улога во откривањето на структурата на ДНК во 1953 г., што претставува најголемо откритие во биологијата на 20 век. Но Нобеловата награда за наука во 1962 г. ја добија нејзините машки колеги, Џејмс Вотсон, Френсис Крик и Маурис Вилкинс. Четири години подоцна таа починува од рак на јајниците.

Лиса Меитнер, заедно со колегата Ото Хан, во 1938 г. ја открила нуклеарната реакција на фузијата. Но во 1944 г. Нобеловата награда за хемија ја добил Ото Хан, а Меитнер била неправедно запоставена. За време на својот живот таа била номинирана за Нобел 13 пати, но секојпат ова престижно признание го добивал некој друг.

Ако за некогаш сериозните шведски академици од Нобеловиот комитет се приговарало дека во своите одлуки биле често неправедни кон жените, последниве 15-20 години ситуацијата се сменила. Од 1991 г. до денес, Нобелова награда добиле 17 жени, речиси 50% од вкупните лауреатки. Како најуспешна година за жените е токму оваа, бидејќи четирите овогодишни добитнички претставуваат 10% од вкупниот број нобеловки. И не само тоа, туку и првпат се случува во една дисциплина (медицина) наградата истовремено да ја поделат две жени (Елизабет Блекбурн и Керол Грејдер).

Но, од анализите на статистичките податоци за лауреатите можат да се прочитаат многу промени во светот на науката, но и во самиот Нобелов комитет. Бидејќи првите децении на 20 век биле период на индивидуални истражувања, Нобеловата награда заминувала најчесто во рацете на еден научник, а ретко двајца или тројца. Многу често лауреатите се средовечни луѓе, а понекогаш многу млади, како Лоренс Брег, кој на само 25 години, во 1915, доби Нобел за физика. Според некои статистики, до средината на 20 век просечната старост на нобеловците била околу 50 години.

До Првата Светска војна во наградите предничела Германија, а ја следеле Франција и Холандија. Во периодот 1914-1945 преовладувале Велика Британија, Данска и Германија, а постепено се пробивале и САД. Но по Втората Светска војна, САД стануваат научничка велесила во која се слевале научници од сите делови на светот, и тоа почнува да се одразува и на Нобеловите награди. Досега Америка освоила 316 награди од разни категории, а на полето на науката нејзината доминација во последниве 25 години е неприкосновена.

Со текот на времето се изменила и природата на самите истражувања. Наместо сликата на осамената Марија Кири, која во тишината на својата лабораторија доаѓа до епохални откритија, во модерната наука сè повеќе преовладува тимската работа. Се работи во групи од по десет, дваесет, па и повеќе истражувачи, а потоа наградата ја собираат „големите шефови“ на лабораториите или проектите, иако често најголемиот придонес го дале нивните соработници.

Во склад со наградувањето на „големите шефови“ порасна и просечната старост на лауреатите, па таа сега изнесува околу 63 години. Додека во „романтичниот“ период на почетокот на 20 век научниците често се наградуваа за свежи откритија, последниве децении се препознаваат достигнувањата од минатото.

Таков е случајот со овогодинешните добитници на Нобел за физика, Као, Смит и Бојл, кои се наградени за своите откритија од 60-те и раните 70-ти години на 20 век.

Најстариот нобеловец бил Леонид Харвич кој добил Нобелова награда на 90 години.

Неодамна десетина угледни светски научници му порачаа на Нобеловиот комитет дека наградите треба да се прошират и на нови области, бидејќи науката се сменила од почетокот на 20 век. Тие препорачуваат да се воведат награди за јавно здравство и за заштита на глобалната околина. Исто така, тие ја истакнуваат нужноста за проширување на Нобеловата награда за медицина и физиологија на придонесот на целокупната област на науката за здравјето. Впрочем, според денешниот систем на доделување на наградите, Чарлс Дарвин, авторот на најсилната научничка идеја во историјата, никогаш не би можел да добие Нобел бидејќи неговата теорија за еволуцијата не може да се смести ни под медицина, ни под хемија, а уште помалку под физика или економија.


Британскиот весник Daily Telegraph деновиве објави листа на десетте највлијателни лауреати на Нобеловата награда.

1. Марија Кири: добитничка на Нобел за физика во 1903 г., заедно со сопругот Пјер и колегата А. Х. Бекерел, и за хемија во 1911 г.;

2. Мартин Лутер Кинг: добитник на Нобел за мир во 1964 г., за напорите за окончување на расната дискриминација преку ненасилни методи;

3. Алберт Ајнштајн: добитник на Нобелова награда за физика во 1921 г., еден од најпознатите научници на 20 век;

4. Френсис Крик, Џејмс Вотсон и Маурис Вилкинс: добитници на Нобел за медицина во 1962 г. за откритието на структурата на ДНК, „молекулата на животот“;

5. Жан-Пол Сартр: француски егзистенцијалист кој предизвикал голем скандал кога во 1964 г. одби да ја прими Нобеловата награда за книжевност;

6. Сер Александар Флеминг: добитник на Нобел за медицина во 1945 г. кој случајно го открил пеницилинот благодарение на нередот во неговата лабораторија;

7. Херман Мулер: добитник на Нобел за медицина во 1946 г., за откритието на влијанието на мутациите до кои доведува рендгенското зрачење;

8. Александар Солженицин: руски дисидент кој во 1970 г. освои Нобел за книжевност откако во своите дела пишуваше за ужасите на гулазите;

9. Меѓународниот комитет на Црвениот крст: добитник на Нобел за мир, за ангажманот во Првата и Втората Светска војна;

10. Сер Клајв Гранџер: добитник на Нобел за економија во 2003 г., за методите за анализа на економската статистика.


Извор: Jutarnjilist.hr

ОкоБоли главаВицФото