Стереотипите

08.02.10 11:22
Dubravka_2.jpg

Во раното детство ми се закануваа дека ако не бидам добра ќе ме дадат на Циганите кои крадат мали деца. Бев добра, немаше причина да ме украдат, иако потајно ја посакував таа можност. Денес знам дека приказната за Циганите кои крадат мали деца влегува во репертоарот на тврдоглавите стереотипи за еден од најстигматизираните народи на светот. Денес, претпоставувам, и со мене ги плашат малите деца (Ако не бидеш добра ќе завршиш во егзил!).

Растеме и живееме во свет на стереотипи, ги впиваме како сув сунѓер што впива вода. Подоцна, како возрасни луѓе кои држат до себе и до својот политички коректен имиџ, ги вадиме стереотипите од себе како трнчиња. Набрзо се покажува дека тие се најотпорен вид ментален коров: на исчистеното место веќе никнува нов. Затоа поголемиот дел од луѓето се откажуваат, живеат со стереотипите, што да прават, животот во двајца секогаш е полесен. Зашто со стереотипите не сме потпрени само на лажливиот компас на сопственото срце. Стереотипите се удобен систем на сигнализација, нешто како автопат, лево, десно, право, забави, скршнување на патот, застани. Кој, всушност, некогаш видел човек да вози автомобил потпрен на своето срце?!

Пораснав во земја во која братството и единството се негуваше како зеницата во окото, но истовремено се негуваа и стереотипите за припадниците на тоа братство. Живеев опкружена со Словенците кои беа скржави, со Словенките кои од сите припаднички на братството најлесно ги подигнуваа здолништата, со Црногорците кои беа мрзеливи, со Хрватите кои беа педери и пицајзли, со Србите кои беа примитивни сељаци, со Македонците кои беа пиперкари, со Босанците кои беа глупави, со Албанците кои некако и не беа луѓе, со Муслиманите кои наместо пет имаа шест ножни прсти, со малцинските Италијанци кои јадеа мачки и со веќе споменатите Цигани кои крадат мали деца. Сè на сè, живеев во едно многу интересно опкружување.

Со заминувањето од земјата мислев дека го напуштам полето на стереотипите. Се прелажав, стереотипите околу мене се намножија. Денес ме опкружуваат не само стереотипите на средината во која живеам, туку и оние кои жителите на таа средина во која живеам за – Балканот. Јас, имено, сум Балканка. Во страв од балканизацијата Обединетата Европа произведе ефикасен противотров: бриселизација. Во рамки на бриселските ѕидини врие од весели стереотипи, така што во Обединетата Европа навистина се чувствувам како дома. Уште повеќе, стереотипите се и идеолошка и комерцијална етикета на Обединетата Европа. На популарните ЕУ-разгледници се отпечатени карикатури на типичните претставници на земјите членки. Карикатурите ги прикажуваат карактерните особини на распуштените Французи, на скржавите Холанѓани, на Англичаните кои секогаш се прават Англичани. На разгледниците се рекламираат и сексуалните особини на ЕУ-припадниците. Португалците, праведно или не, испаднаа најнесмасни ЕУ-љубовници.

Балканците шетаат низ Европа како куфери излепени со бројни етикети. Притоа за ништо виновните Бугари, Романци, Грци и други ги трпат последиците од негативните стереотипи кои со неодамнешната војна им ги натоварија поранешните Југословени. За тоа дека стереотипите се посилни од легалните процедури, или како легалната процедура се обликува според стереотипите, секој Балканец знае од искуството на првото преминување на ЕУ-границите.

Што се однесува до мене, не се бунам. Се обидувам да одговарам на стереотипот што го имаат за мене. Се обидувам да не ги разочарам, да не ги уништувам туѓите стереотипи, знам што значи да се поседуваат скапоцени домашни садови. Навистина, во тоа ми помага и сопствената психоструктура, мазохизмот. Затоа мирно поднесувам кога ми објаснуваат како работи пеглата или кога келнерите во ресторан намерно забораваат да ми дадат нож. Знаат луѓето од каде сум и дека сум лесна на нож. Затоа во рубриката професија редовно пишувам чистачка, тоа што од мене и се очекува. Зашто моите космополитски ориентирани сонароднички надалеку се познати како врвни чистачки на ЕУ-становите, куќите и јавните тоалети.

Сè примам мирно, знам дека најтешко се ослободуваме од стереотипите. Дури мислам дека не станува збор толку за нас, добрите луѓе, колку за нив, неуништливите стереотипи. Зашто стереотипите се множат и размножуваат, мутираат како вируси, на местата на старите никнуваат нови, неочекувани.

Така едно босанско бегалско дете доаѓајќи од училиште на мајка си и’ го поставило следново прашање?

- Мамо, дали е вистина дека ни, Муслиманите, сме лезбејки?

Dubravka Ugrešić, Nikog nema doma, Fabrika knjiga, 2005.

Од Дубравка Угрешиќ прочитајте го и текстот: Идентитетот

Испрати нов коментар

Содржината на ова поле е доверлива и нема да се објавува.
  • Адресите за веб-локации и електронска пошта автоматски се претвораат во веб-врски.
  • Дозволени HTML ознаки: <a> <em> <strong> <cite> <code> <ul> <ol> <li> <dl> <dt> <dd>
  • Редовите и пасусите се разделуваат автоматски.

Повеќе информации за опциите за форматирање

CAPTCHA
Ова прашање е да се види дали сте човек и со тоа да се спречат автоматизирани спам пораки. Најавете се доколку сакате да пишувате коментари без оваа проверка.

Препорачуваме

Пред точно сто години, по иницијатива на Клара Цеткин, Социјалистичката интернационала почна да го одбележува Денот на жената. Меѓутоа, тоа не е првиот и единствениот „женски“ празник. Многу земји во светот имаат повод за славење на жените и во други денови.

Според теоријата, во демократијата луѓето би морале да им ѕиркаат под нокти на оние што се на власт. Би морале да ги гледаат како владеат, да ги набљудуваат, бидејќи им дале мандат за владеење, ги избрале.

Да се направи некој период нечитлив значи многу повеќе отколку едноставно да се осуди. Една од последиците на нечитливоста е што во тој период е неможно да се пронајдат принципи со кои би можеле да се оправдаат неговите слепи улици.

Филмските награди Оскар се доделуваат секоја година уште од 1927, од страна на Академијата за филм, уметност и наука во Лос Анџелес. Погледнете листа од десет филмови кои беа големи фаворити, но никогаш не освоија Оскар за најдобра режија.