Плачот

06.04.2010 11:28
Ugresic_Placot.jpg

 

Една ноќ во Антверпен, пробудена од неочекувани крици, излегов на прозорецот да видам што се случува. Во Антверпен – тој прекрасен град со чоколадно срце престојував само два дена. Од прозорецот на хотелот се гледаше малиот плоштад. Плоштадот беше осветлен од ноќните светилки, а во самото средиште стоеја маж и жена. Стоеја на пустиот плоштад, на природна сцена. Мажот викаше, жената горчливо плачеше. Не разбирав што мажот зборува, ниту пак можев да разберам. Мажот беше напнат како струна, како играч на фламенко. И како таа страшна воздржаност на телото да ја надополнуваше со гласот. Неговиот глас беше остар како крик на галеб. Жената слабо липаше, испрекинато, како дете. Како да знаеше дека нема опасност мажот да ја удри. Но, затоа гласот на мажот изгледаше како удари и жената во секој миг се штрекнуваше од болка. На звучните удари одговараше со засилено липање.

Беше тоа потресна љубовна сцена. Не ја заборавив. Бев случаен сведок на туѓата болка. Ретко имаме можност да бидеме сведоци на туѓата болка. Човечката болка доаѓа до нас преку телевизиските екрани, филтрирана, најчесто масовна, ретко персонална, и нè остава рамнодушни. Зашто болката филтрирана преку медиумите останува слика на екранот и вест во весник. Не признаваме, зборуваме дека е страшно она што се случува во светот, гласно изразуваме сочувство, даваме по некоја паричка, потпишуваме петиции, го направивме она што можевме да го направиме – но остануваме рамнодушни. Го штипкаме сопственото срце, се прашуваме како би било доколку се наоѓаме на нивното место, но имагинацијата на срцето изостанува. Срцето е мала машина, единствената негова работа е да го одржува правилниот ритам.

Така човечката болка останува редок случај. Општествата се уредени како човечкото срце, нивната работа е да го одржуваат правилниот ритам. Затоа болката уредно е преместена во дијагнозите: депресија, анксиозност... Зборовите служат за човековата болка да ја преведат на јазикот на болеста. Зашто болеста е излечива, за тоа постојат доктори, психолози, психотерапевти, лекови, self-help индустријата. Идеологијата на светот без болка ја поддржува индустријата: медиумите, телевизијата со која се забавуваме до смрт, култовите на здравиот дух во здравото тело, гуруата кои нè подучуваат како да бидеме во дослух со нашето inner self, како да се помириме со светот, како да се хармонизираме, како конечно да ја прифатиме среќата како судбина. Сè на сè, душевната болка во современиот свет се сведе на болест која можеме да ја совладаме со добра волја, а физичката болка на мода (самоказнувачки обетки, бодежи, тетоважа), уметност на перформансот и слика на екранот.


Неодамна во Амстердам го променив местото на живеење. Уште во првото утро, откако се вселив во новиот стан, излегов во мала прошетка низ својот нов кварт. По улицата кон мене одеше една жена. Беше тоа ниска женичка со запуштена облека. Тешко чекореше на чевлите со големи потпетици, изгледаше како чевлите да се поголеми од неа. Лицето на жената беше искривено од болка. Жената зборуваше, изгледаше како да ќе се задави од зборовите што ги изговараше, и плачеше. Останав потресена. Следното утро повторно ја видов. Повторно гласно плачеше.

Жената, очигледно, беше локалната луда жена. Сепак, од првата средба постојано мислам на неа. Си мислам, можеби оваа жена е казнета да биде сметководителот на светската болка. Можеби ноќе во невидливите книги ги попишува сите болки што му се случиле на овој свет, а наутро на светот гласно му објавува што сè попишала. Можеби само и луда жена би можела да ја преземе работата за која никој друг не се грижи. Можеби женава е некако божји пратеник кој се појавува во ликот на запуштена луда жена. Размислувам и за тоа како би можела да изгледа таа нејзина книга и што сè во неа би можело да пишува. А потоа си помислувам, дали можеби би било поумно да го променам квартот...

Извор: Dubravka Ugrešić, Nikog nema doma, Fabrika knjiga, 2005.

Слика: Christijan Vogt

Од Дубравка Угрешиќ прочитајте ги и следниве текстови:

Мала црвена точка

Болвјиот пазар

Стереотипите

Идентитетот

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество
Општество
Општество
Општество / Став

ОкоБоли главаВицФото